Џоан Дидион: За самопочитта

26.01.2023 12:58
Џоан Дидион: за самопочитта

Џоан Дидион е американска писателка, колумнистка, новинарка. Таа стана позната по нејзините есеи кои се занимаваат со распаѓањето на американската култура и американскиот морал, како и со индивидуалната и социјалната фрагментација. Нејзини најпознати дела се: Slouching Towards Bethlehem (1968), Play It As It Lays (1970), The Year of Magical Thinking (2005). Има пишувано за големи списанија како што се: Life, Esquire, The Saturday Evening Post, The New York Times и The New York Review of Books, Vogue.

Еднаш, за време на сушната сезона, на две страници од една тетратка со големи букви напишав дека невиноста завршува кога човек ќе се ослободи од заблудата дека си се допаѓа самиот себеси. Иако сега, неколку години подоцна, со чудење забележувам дека умот во толкава мера си е сам себеси јасен што сепак требало педантно да го забележи секој свој трепет, со засрамувачка јасност се сеќавам на вкусот на таа пепел. Се работеше за привремено изгубена самопочит.

Не бев примена во Фи Бета Капа[1]. Овој неуспех тешко дека можеше да биде уште попредвидлив или помалку сигурен (едноставно ги немав потребните оценки), но ме изнервира; на некој начин, се сметав себеси за некаков академски Раскољников, на чудесен начин ослободен од причинско-последичните врски што ги кочеа другите. Иако ситуацијата мораше да има исто толку трагично значење како неуспехот на Скот Фицџералд да стане претседател на клубот Принстон Триангл[2], денот кога не бев примена во Фи Бета Капа означи крај на нешто, а невиност може да биде зборот што го објаснува тоа нешто.

Го изгубив убедувањето дека секогаш ќе ме чекаат зелени светла, пријатната увереност дека прилично пасивните доблести кои ми обезбедуваа прифаќање како дете ќе ми гарантираат не само клучеви за влез во Фи Бета Капа, туку и среќа, чест и љубов од добар човек (по можност комбинација на Хемфри Богарт во „Казабланка“ и еден од Муркисонови[3]); изгубив одредена потресна верба во тотемската моќ на добрите манири, чистата коса и достигнувањата прикажани на скалата Стенфорд-Бајн[4]. Мојата самопочит висеше на толку несигурни конци, и тој ден се затекнав себеси во состојба на чудење, како личност која налетала на вампир, а не понела со себе венец од лук.


Иако оддалечувањето од самиот себе е во најдобар случај непријатно, како обидот да поминеш граница со позајмени документи, тоа сега ми се чини дека е единствениот неопходен услов за почеток на вистинската самопочит. Меѓу сите наши секојдневни површности, самозалажувањето е најтешката од сите заблуди. Шармот кој може да помине добро во справувањето со другите, не вреди ништо во таа поразително добро осветлена „мрачна улица“ во која некој се среќава со себеси: нема да запалат никакви победнички насмевки, никакви симпатично срочени листи со добри намери. Со очајничка агилност на коцкар кој гледа дека Бет Мастерсон[5] се подготвува да се приклучи во зделката, личноста повремено, но залудно ги меша своите обележани карти – што претставува љубезност направена од погрешна причина, очигледен триумф кој не барал никаков вистински напор. навидум херојски чин со кој некој е посрамотен.

Мрачен е фактот дека самопочитта нема никаква врска со одобрувањето од страна на другите - кое, на крајот на краиштата, е лесно да се измами; дека нема никаква врска со угледот – без кој, како што Рет Батлер ѝ кажа на Скарлет О'Хара[6], луѓето со храброст можат понатаму.

Да се живее без самопочит, од друга страна, значи да се биде публика на самиот себеси, во видео запис без крај кој ги бележи маните, вистинските и измислените, со секогаш свеж материјал кој се вметнува во секоја екранизација. Ете ја чашата која си ја скршил при бес, ете ја повреденоста на ликот на лицето Х; гледај сега, еве ја следната сцена, ноќта кога Y се враќа во Хјустон, да видиме како тоа ќе го зафркнеш. Да се живее без самопочит значи да се лежи буден некоја ноќ, без топло млеко или фенобарбитал[7] на дофат, поспаните раце на прекривката, броејќи сторени и пропуштени гревови, изневерена доверба, суптилно прекршени ветувања, подароци неповратно изгубени поради мрзеливост или кукавичлук, или невнимание. Колку долго и да одложуваме, во одреден момент легнуваме во тој крајно неудобен кревет кој сами себеси сме си го направиле. Дали спиеме или не зависи, секако, од тоа дали се почитуваме себеси.

Да се зборува со негодување за тоа дека некои прилично неверојатни луѓе, луѓе кои нема шанси да се почитуваат себеси, се чини дека лесно заспиваат, е целосно промашување на поентата, исто како и луѓето кои мислат дека самопочитта мора да има врска со надраснувањето на пелените . Постои суеверие според кое „самопочитта“ е некаков чин против змиите, нешто што ги штити оние кои го сочувале во некој свој недопрен Едем од чудни кревети, амбивалентни разговори и воопшто, неволји. Тоа воопшто не е така. Тоа нема никаква врска со состојбата на нештата, туку се однесува на сосема засебен мир, лично помирување. Иако невнимателниот, самоубиствен Џулијан Инглиш во „Средбата со Самара“ и невнимателната, неизлечиво нечесна Џордан Бејкер во „Големиот Гетсби“ изгледаат како подеднакво неверојатни кандидати за самопочит, Џордан Бејкер го има тоа, додека Џулијан Инглиш не. Со тој талент за прилагодување што почесто можеме да го сретнеме кај жените отколку кај мажите, Џордан стана свесна за себе, го среди својот мир, избегнувајќи ги заканите: „Мразам невнимателни луѓе“, му рече на Ник Каравеј. „За несреќа се потребни двајца“.


Како Џордан Бејкер, луѓето со самопочит имаат храброст да прават грешки. Тие ја знаат цената на нештата. Доколку решат да направат измама, не трчаат да добијат прошка од оштетената страна при напад на совеста, ниту неоправдано се жалат на неправда, на незаслужена посрамотеност која произлегува од тоа што се жигосани како прељубници. Доколку решат да ја остават својата работа настрана - да речеме дека станува збор за подготовка на сценарио - за да седат во бар во Алгонкин,[8] не се прашуваат огорчено, зошто Хакетите[9], а не тие, ја поставиле Ана Франк.
Накратко, луѓето со самопочит покажуваат одредена чувствителност, еден вид морален нерв; тие го покажуваат она што некогаш се нарекуваше карактер, особина која, иако начелно ја одобрувам, понекогаш паѓа пред некои понепосредни доблести. Мерката за неговиот неостварлив престиж е во тоа што личноста настојува да мисли за себеси само споредувајќи се со простаци или сенатори од Соединетите Држави кои биле поразени, по можност уште во првиот круг за реизбор. Сепак, карактерот - подготвеноста да се преземе одговорност за сопствениот живот - е местото од каде што извира самопочитта.

Самопочитта е нешто за кое нашите баби и дедовци знаеле сѝ, без разлика дали го имале или не. Имале одредена дисциплина втисната во себе, млади, и чувство дека човекот живее правејќи работи кои не сака особено да ги прави, оставајќи ги стравовите и сомнежите на страна, споредувајќи ги непосредните удобности со можностите за поголеми, дури и нематеријални утехи. За околностите на светот од деветнаесеттиот век, чинот на Кинезот Гордон[10], кој облекол бел костум и го повел Картум против махдистичките бунтовници[11], бил восхитувачки, но бил вреден за поголемо внимание; тоа што патот до слободна Калифорнија вклучувало смрт и тешкотии и нечистотија не изгледало неправедно. Во дневникот што го водела зимата 1846 година, дванаесетгодишната емигрантка Нарциса Корнвол рамнодушно забележала: „Татко ми беше зафатен со читање и не забележа дека во куќата се собираат чудни Индијанци додека мајка ми не проговори скоро ништо за тоа“. Секој, дури и немајќи точна претстава за она што го кажала мајката, тешко дека би останал неизненаден од целата случка: таткото чита, Индијанците се тука, мајката бира зборови кои никого не би го возбудиле, детето соодветно го забележува настанот наведувајќи малку подоцна дека тие Индијци, „за наша среќа“, не биле непријателски расположени. Индијците едноставно биле само "податок" во тоа време.

Во една или друга форма, Индијците секогаш се тоа. Повторно, станува збор за признавање на тоа дека сè што е вредно има своја цена. Луѓето кои се почитуваат себеси се подготвени да го прифатат ризикот дека Индијанците можеби ќе бидат непријателски настроени, дека потфатот ќе пропадне, дека ќе се испостави дека врската нема да биде од оние во кои секој ден е празник затоа што си во брак со мене. Тие се подготвени да заложат нешто од себе; тие можеби никогаш нема да се коцкаат, но ако го сторат тоа, ќе ги знаат своите шанси.


Тој вид на самомпочит е вештина, навика на умот која никогаш не може да се одглуми, но затоа пак може да се развива, да се увежбува, однапред утврдена. Во една прилика ми беше предложено, за да го поттиснам плачењето, да ја ставам главата во хартиена кеса. Се испостави дека за тоа постои здраворазумска физиолошка причина, нешто што се однесува на кислородот, но самиот психолошки ефект е немерлив: незамисливо е тешко да се замислите себеси како Кети од „Оркански височини“ која нурка со главата во некаква ќеса. Слично е и со сите тие мали постапки, неважни сами по себе; замислете да одржувате некаква состојба на несвест, несвесност за сочувство или несвесност на телото, под ладен туш.
Но, овие мали постапки се вредни само до степен до кој ги претставуваат поголемите постапки. Да се каже дека Ватерло бил освоен на терените за играње на Итон, не значи дека Наполеон можел да биде спасен со стратешкиот план за натпревар во крикет; организирањето свечени вечери во дождовните шуми би било бесмислено доколку треперењето на свеќите на лианите не се повикува на подлабоки, посилни закони, одамна втиснати вредности. Тоа е еден вид ритуал кој ни помага да се потсетиме кои сме и што сме. За да се сети на него, некој прво би мора да го познавал.

Да се има чувство за суштинската вредност на сопственото јас, кое, без разлика на тоа дали е добро или не, ја конструира самопочитта, потенцијално значи да се има сè: способност да се дискриминира, да се сака или да се биде рамнодушен кон нешто. Да се нема тоа чувство, значи секогаш да се биде заклучен во себе, парадоксално неспособен за љубов или рамнодушност. Доколку не се почитуваме себеси, од една страна сме приморани да ги презираме оние кои имаат толку малку расположливи начини да општат со нас, толку малку сетилни можности што остануваат слепи на нашите фатални слабости. Од друга страна, на чудесен начин му робуваме на секој кој ќе го видиме, необично одлучни да ја одиграме – со оглед на тоа што сликата за себе ни е неодржлива – нивната лажна претстава за нас. Си ласкаме себеси, мислејќи на компулсивната потреба да ги задоволиме другите како на привлечна особина: подарок за имагинарната емпатија, доказ за нашата подготвеност да даваме. Секако дека ќе ги играме Франческа Паола[12], Брет Ешли Џејк[13], Хелен Келер на било која Ени Саливан[14]: ниту едно очекување не е несоодветно, ниту една улога не е премногу неверојатна. Препуштени на милост и немилост на оние кои не можеме, а да не ги презираме, играме улоги осудени на пропаст уште пред да започнат, со секој пораз предизвикувајќи нов очај поради неопходноста од предвидување и соочување со следното барање поставено пред нас.

Овој феномен понекогаш се нарекува самоотуѓување. Во својот напреден стадиум, веќе не одговараме на телефонските повици, бидејќи некој можеби би сакал нешто; способноста да се каже “не” без давење во самопрекор е туѓа за оваа игра. Секоја средба бара премногу, ги кине нервите, ја суши волјата, а сеништето на нешто толку мало како неодговорено писмо предизвикува толку непропорционално чувство на вина што прашањето за нечие ментално здравје станува предмет на шпекулации меѓу познаниците. Припишување соодветно значење на неодговорените писма, ослободување од очекувањата на другите, повторно придобивање на себеси - во овие работи лежи големата, единствена моќ на самопочитта. Без неа, поединецот на крајот ја открива последната завртка од несреќата: бега, случајно да не се пронајде себеси, но не наоѓа никој дома.

Превод: Марина Туфекчиевска
Слики: Judith Redman

Извор: www.vogue.com


[1] ΦΒΚ, најстарото и секако најпрестижното студентско здружение. (Сите белешки се на преведувачот.)
[2] Една од најстарите музичко-комични трупи во САД
[3] Семејство на нафтени магнати и политички оперативци. Бесрамно познати по нивната соработка со режимот на Франко и обвинувањата кои вклучуваат вмешаност во атентатот на Кенеди. (Неколку Муркинсонови беа членови на Фи Бета Капа.)
[4] Една од најпознатите ревизии на скалата Бине-Сајмон, најпознатиот тест за индивидуална интелигенција
[5] Ловец на Бафало, спортски новинар, пиштолџија на Рузвелт и еден од најуспешните коцкари на Дивиот Запад и Америка од осумдесеттите години на XIX век, до неговата смрт во 1921 година.
[6] Однесено со виорот, 1939 година.
[7] Лек, „лек“. Делува како неселективен депресив на централниот нервен систем.
[8] Најверојатно се мисли на Тркалезната маса Алгонкин, група њујоршки писатели, критичари и актери кои се собирале во хотелот Алгонкин.
[9] Еден од многуте театри во Њујорк.
[10] Еден од прекарите на Чарлс Џорџ Гордон, британскиот војсководец.
[11] Главен град на Република Судан по стекнувањето независност. Војниците лојални на водачот Махди ја започнаа опсадата на Картум во март 1884 година и го окупираа градот до јануари 1885 година, масакрирајќи го англо-египетскиот гарнизон.
[12] Јунаци на второто пеење на Божествената комедија.
[13] Хероите од филмот Сонцето повторно изгрева, 1957 година.
[14] Ени Саливан, негувателка на глуво-слепата писателка и педагог Хелен Келер.


Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Наука
Свет / Психологија / Наука
Фотографија / Психологија / Око

ОкоБоли главаВицФото