Психологија на сексуалноста: Жените и мажите се од иста планета

05.07.2017 20:58
Психологија на сексуалноста: Жените и мажите се од иста планета

Дали би прифатиле покана за секс без обврски од лице кое штотуку сте го запознале? Одговорот, доколку му веруваме на распространетиот културен стереотип, но и на доминантната теорија на човековата сексуалност, би требало да зависи од полот на личноста на која ѝ е поставено прашањето. Според стандардниот наратив, имено, мажот е секогаш „за“; жената е таа која го поставува лимитот на сексуалната активност.

Иако станува збор за опсервација стара веројатно колку и човечкиот род, на првите експериментални докази се чекало сѐ до седумдесеттите години на минатиот век. Во култниот теренски експеримент кој го осмислиле социјалните психолози Расел Кларк (Russell D. Clark) и Илејн Хетфилд (Elaine Hatfield), пет студентки и петмина студенти на психологија на Универзитетот Флорида во Талахаси добиле интересна задача – на различни локации на универзитетскиот кампус запираат непознати лица од спротивниот пол (под услов да им делуваат доволно привлечно за да можат со нив да стапат во сексуален однос) и со нив да започнат разговор со реченицата: „Те среќавам на поминување; многу ме привлекуваш“. Откако ќе го воспостават првиот контакт, соработниците на експериментирачите на „заморчињата“ им ги поставувале едно од трите прашања:

1. Дали би излегол/ла со мене вечерва?
2. Дали би поминал/ла кај мене вечерва?
3. Дали би сакал/а вечерва да имаме секс?

Кларк и Хетфилд ја извеле студијата во два наврати: во 1978 и во 1982 година. Во двата случаи добиле речиси идентични резултати, кои одат под рака со тезата дека машките сакаат секс, а жените врска и љубов. Имено, студентите од двата пола со задоволство прифаќаат да излезат со лице кое првпат го гледаат. Меѓутоа, додека повеќе од две третини од мажите прифаќа и веднаш да стапи во сексуален однос со непознато лице, девојките ја одбиваат директната покана за секс со непознат. Интересно, во истражувањето од 1982 година, ниту една анкетирана студентка не ја прифатила поканата да замине во стан на непознато лице (четири години претходно, шест проценти од испитаничките дале позитивен одговор на ова прашање). Од друга страна, во двете истражувања, мажите попрво прифаќаат секс без обврски отколку излегување или посета. Од каде овие разлики?


„Природни“ машки/женски сексуални стратегии

Во времето кога Кларк и Хетфилд ја направиле првобитната теренска студија, Доналд Сајмонс (Donald Symons), професор по психолошка антропологија на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара, ја привршувал работата на книгата „Еволуција на човековата сексуалност“ – текст кој претставува прв сериозен обид да се обезбеди теориска рамка за толкување на разликите во сексуалното однесување на жените и мажите.

Надоврзувајќи се на четири години порано објавената „Социобиологија“, во која харвардскиот биолог Едвард Вилсон (Edward O. Wilson) ја изложува теоретската рамка за еволуционистичкото толкување на социјалното однесување на животните (само во назнаки зборува за човечкиот вид), Сајмонс во својата Еволуција на сексуалното однесување изнесува аргументација во прилог на тезата дека сексуалното однесување на луѓето и бихејвиоралните разлики меѓу припадниците на двата пола може да се објаснат со различни притисоци на селекција со кои мажите и жените биле изложени во текот на историјата на еволуцијата на човечкиот род:

  • Според теоријата на биолошката еволуција, животните наследуваат карактеристики кои им овозможуваат што повеќе од своите гени да пренесат во наредната генерација.
  • И жените и мажите имаат ист биолошки интерес: да произведат што е можно поголем број потомци и да обезбедат нивно преживување.
  • Сепак, помеѓу жените и мажите постои критична разлика: мажот во создавањето на потомството вложува незначителна енергија, така што (теориски) тој е во состојба да оплоди неограничен број жени и да биде биолошки татко на неограничен број деца, наспроти него, жената во текот на животот може да роди ограничен број потомци.

Последната ставка од листата на Сајмон произлегува од теоријата за паренталното инвестирање која во почетокот на седумдесеттите години на минатиот век ја формулирал американскиот биолог Роберт Триверз (Robert Trivers) и која до денес останува камен-темелник на еволутивната психологија. Имено, „критичната разлика“ помеѓу жените и мажите, за која зборува Сајмонс, се однесува на концептот на Триверз за минимална нужна парентална инвестиција (минимум нужно вложување во родителството): сет особини и однесување на родителите, кои придонесуваат за преживување и репродукција на потомците, а за кои цената ја сносат родителите. Бидејќи родителите за возврат добиваат потомци – своите гени во наредната генерација – не може да станува збор за вистински трошок; оттука терминот „инвестиција“.


Пребирливи жени – фалбаџии мажи

Од теоријата на Триверз произлегува следново предвидување: Кога меѓу половите постои асиметрија во минималните трошоци на родителството – ризикот за преживување и намалување на шансите за отпочнување нов циклус на репродукција – полот кој инвестира повеќе ќе биде повнимателен во изборот на сексуалниот партнер, додека полот кој носи помал трошок на репродукција и родителство ќе биде склон на промискуитетно однесување.

На прв поглед, човечкиот вид го одликува енормна полова асиметрија во поглед на вложувањето во родителството. Освен што за време на животот може да произведе ограничен број јајце клетки, породувањето жената ја изложува на здравствени ризици кои можат и животно да ја загрозат. Понатаму, за време на бременоста и лактацијата, таа е физиолошки оневозможена да забремени, со што (теориски) ја пропушта шансата да добие потомци со носителот на подобри гени во однос на својот партнер. За разлика од неа, мажот е далеку помалку лимитиран. Условно зборувајќи, тој е во состојба да оди од копулација во копулација, менувајќи ги партнерките.

И покрај опишаната диспропорција, мажот стапува во моногамна заедница со жената, а Homo sapiens-от спаѓа во ретките видови кај кои родителите од двата пола значително инвестираат во потомството. Зошто?

Репродуктивниот успех не подразбира само прокреација, односно создавање потомство. Имено, тој бара преживување на потомците барем до точката во која и самите почнуваат да оставаат потомци, бидејќи единствено така наследените гени се префрлуваат во наредната генерација. Тука на сцена стапува татковата парентална инвестиција.

Имајќи предвид дека анцестралната жена за време на бременоста и по породувањето во голема мера била окупирана со грижата за новороденчето, и дека човечкото бебе по доаѓањето на овој свет бара продолжена нега, веројатноста да успее сама во подигнувањето на потомството и да обезбеди сѐ што е неопходно за неговото преживување, не била голема. Шансите за репродуктивен успех значително се зголемуваат ако во одгледувањето на детето придонесува и нејзиниот партнер. Анцестралниот татко, вели еволутивната теорија, тука скокнува со обезбедување храна, засолниште, заштита. Повторно се отвора прашањето зошто тој го прави тоа.

За разлика од другите примати, во човечкиот вид, овулацијата е сокриена. Мажјакот на шимпанзото, на пример, има видливи показатели дека женката е во плоден дел од циклусот. Доколку во тој период обезбеди монопол над копулацијата со неа, може да биде сигурен дека ќе ја оплоди. Машкиот припадник на човечкиот вид нема такви маркери. Условно кажано, за да биде сигурен дека ќе ја оплоди жената, неопходно е со неа редовно да копулира во период од еден месец (до првите знаци дека жената забременила потребно е да помине и повеќе од еден месец).

Едномесечниот период не е малку време. Во окружувањето на нашите предци, мажот за тоа време морал да го напушта престојувалиштето заради лов, испитување на локациите во поглед на можностите за собирање плодови... Што прави за тоа време жената? Една од можностите: стапува во сексуални односи со други мажи. Со други зборови, мажот го погодува проблемот на несигурно татковство – еден од ограничувачките фактори на „природниот“ машки промискуитет. Имено, големиот број сексуални врски би барал и пред и постнатално инвестирање на таткото, при што ризикот да вложува во туѓо потомство би се зголемил.


„Природните“ машки/женски преференции

Ако и жената и мажот значително вложуваат во родителството, од теоријата на Тревиз за паренталното инвестирање би следувало предвидувањето дека двата пола се пребирливи. Еволутивните психолози не негираат дека е така, но додаваат дека разликите помеѓу женскиот и машкиот тип на вложување во родителството условиле и еволуција на различни стратегии за избор на партнерите, а со самото тоа и различни психологии на сексуалноста.

До идентична цел – пропагирање гени во наредната генерација – мажите и жените доаѓаат по различни стратегии. Додека на мажот му е важно да обезбеди партнерка која е во состојба да му роди потомци, женскиот избор доминантно го одредуваат два параметри: (1) партнерот треба да биде носител на добри гени; (2) мора да биде во состојба да се грижи за потомството. Меѓутоа, кога станува збор за карактеристиките кои претежно не се видливи со голо око – мажот нема врз основа на што да заклучи дека жената е способна да роди, ниту жената може да го види геномот на потенцијалниот партнер – еволуцијата на припадниците на човечкиот вид им обезбедила несвесни механизми на „паметен“ избор на партнерот. Со други зборови, кај жената еволуирала склоноста кон згодни и социоекономски добро позиционирани мажи, а кај мажите ја програмирала склоноста кон помлади партнерки.

Иако во претходните триесетина години биле собрани многу докази дека женската сексуална стратегија не е исклучиво пасивно-рецептивна, современата еволуциска психологија во својот поглед на машко-женските разлики во сексуалното однесување многу не се помести од втемелувачкиот текст на Сајмонс. Суштински, со дисциплината и понатаму владее теоријата за „природно“ пребирливи жени и „природно“ промискуитетни мажи:

  • Мажите се промискуитетни; жените тежнеат кон моногамија.
  • Мажите сексуално ги привлекуваат млади жени; на жените им се привлечни социоекономски етаблирани мажи.
  • Мажите ги имаат сите причини активно да настојуваат да стапат во сексуален однос и да оплодат што е можно поголем број жени; жените ги имаат сите причини да бидат крајно претпазливи при бирањето сексуален партнер.


Предизвикот на доминантната теорија

Можат ли резултатите од експериментот на Кларк-Хетфилд да се земат здраво за готово? Иако дизајнирана како експеримент, нивната студија е суштински анкета. Во неа, повеќе од две третини од машките испитаници, студенти, изјавуваат дека со задоволство би имале секс со девојка која штотуку ја запознале. Со други зборови, не можеме да бидеме сигурни дека навистина така и ќе постапат.

Заради аргументите да кажеме дека испитаниците давале вистинити одговори и дека разликите во сексуалното однесување на жените и мажите се неотповикливо докажани факти. Дали објаснувањето кое го нудат социобиолозите и, подоцна, еволутивните психолози е единственото можно објаснување на оваа дискрепанција?

Истражувачите кои работат во културолошка парадигма истиот сет на емпириски факти го објаснуваат сосема поинаку. Според конструктивистите, сексуалното однесување е научено, обликувано од културата на која ѝ припаѓа поединецот.

Секоја култура има помалку или повеќе дистинктивен систем на вредности и на него почива сетот од општествени норми (пишани и непишани правила), кои со формални и неформални канали се пренесуваат од генерација на генерација. Истовремено, општеството располага со низа формални и неформални механизми со чија помош надградува/стимулира и казнува/дефаворизира одредени облици на однесување. Затоа, доколку мажите се однесуваат промискуитетно, а жените тежнеат кон моногамија, тоа може да биде последица на културата која негува двојни стандарди.

На моменти прифатлив, конструктивизмот има свој сет проблеми. Меѓу другото, без оглед на разликите во културните обрасци, матриците на сексуално однесување се чинат многу константни во текот на човечката историја. Освен тоа, многу од механизмите со кои еволутивните психолози ги објаснуваат половите/родови разлики во сексуалното однесување се преземени од теоријата на биолошката еволуција и докажано „работат“ во животинскиот свет, каде е невозможно да се зборува за моделирање на однесувањето во сообразност со доминантните културни вредности и норми.

Меѓутоа, во последните години, владејачката биопсихолошка теорија на сексуалноста, теоријата на сексуалните стратегии, доживува напади кои не излегуваат од еволуциската, дарвинистичка парадигма.


Постојат ли машки и женски стратегии?

Во 1993 година, психолозите Дејвид Бас (David M. Buss) и Дејвид Шмит (David P. Schmitt) тестираа низа предвидувања кои произлегуваат од нивната теорија на сексуални стратегии. Како дел од студијата, тие ја анкетирале студентската популација за преференциите во поглед на краткотрајните и долготрајните врски, идеалниот број партнери, за тоа колку сметаат дека е потребно да ја познаваат личноста пред со неа да стапат во сексуален однос, стандардите кои се потребни некој да ги исполнува за да го охрабрат за врска-за-една-вечер... Резултатите кои ги добиле биле сосема во сообразност со парадигмата за избирливи жени и промискуитетни мажи.

Во 2010 година, група истражувачи од Универзитетот Јужна Калифорнија, предводена од психологот Лин Милер (Lynn Carol Miller), ја повторила студијата на Бас и Шмит, но во малку поригорозна рамка. За да го утврдат вистинското значење кое студентите им го даваат на краткорочните и долгорочните врски, Милер и соработниците го мереле напорот кој студентите од машки и женски пол го вложуваат во пронаоѓањето партнер за секс или врска (напорот е операционализиран како количество време и пари потрошени на оваа активност во текот на една недела). Според резултатите кои се објавени во студијата „Еволуција на половите разлики во поглед на бројот на партнери“, студентите и студентките покажуваат подеднакво интерес за врските-за-една-ноќ, притоа и едните и другите значително ги спуштаат стандардите за партнерите за секс во однос на партнерите за врска. Дали ваквите наоди би требало да зачудат? Не, иако се спротивставуваат со добро втемелениот стереотип. Имено, ако паренталното инвестирање го подига фитнесот (изгледите за преживување и репродукција) на потомците и ако двата пола приближно подеднакво вложуваат во родителството, тогаш е логично дека се слични и нивните стратегии за избор на партнер за репродукција.

Под сериозни удари се најде уште еден од теоретските темели на еволутивната психологија: теоријата за сексуална љубомора. Според неа, со оглед на тоа дека се фокусирани на секс и соочени со проблемот на несигурност во татковството, мажите повеќе ги загрижува сексуалната отколку емотивната прељуба. Наспроти нив, бидејќи сакаат врска, стабилност и помош во одгледувањето на потомството, жените се почувствителни на емотивната отколку на сексуалната прељуба.

Изобилството емпириски истражувања, работени во изминатите две децении во низата индустриски развиени земји, ги потврдува хипотетичките полови разлики во љубомората. Меѓутоа, во последните години беше формулирано многу убедливо алтернативно толкување на истите емпириски факти. Тоа не ја доведува во прашање тезата дека мажите и жените ги карактеризираат различни типови љубомора, но нивните причини ги гледаат во различните способности за формирање сигурна врска. Овие способности пак, како што вели новата теорија, не се производ на еволуцијата, туку последица на различните видови воспитување кои се применуваат на девојчињата и момчињата.

За потребите на студијата „Полови разлики во љубомората од аголот на теоријата на емоционално врзување“, Кенет Ливај (Kenneth Levy) и Кристен Кели (Kristen Kelly), психолози од Универзитетот во Пенсилванија, анкетирале повеќе од 400 студенти, со цел да испитаат кој вид љубомора повеќе ги мачи. Меѓутоа, истовремено ги евалуирале нивните стилови на емоционално врзување. Доколку партнерскиот однос почива на емоционална поврзаност, и мажите и жените повеќе ги загрижува емоционалната отколку сексуалната прељуба. За дисмисивно-избегнувачкиот емоционалeн стил, кој го карактеризира потиснување и негирање на емоциите, повторно независно од полот, карактеристична е матрицата на сексуална љубомора (тест на способности на емоционално врзување).

Стилот на емоционално врзување во најголема мерка зависи од емоционалните искуства во раното детство, обликувани пред сѐ преку односот со родителите (старателите). Фактот дека мажите во поголем процент отколку жените го негуваат дисмисивно-избегнувачкиот емоционален стил, објаснуваат Ливај и Кели, може да се објасни со различни техники на воспитување на машките и женските деца.


Новата парадигма

Дали мажите и жените се разликуваат според квалитетите кои ги бараат кај потенцијалните партнери?

Да, доколку во анкетата им поставите прашање каков партнер сакаат или замислуваат. Со поместувањето од идеалниот кон актуелниот, половите разлики во преференциите се топат: и мажите и жените кај своите вистински партнери подеднакво ги почитуваат привлечноста, статусот, интелектот...

Дали жените сакаат и имаат помалку партнери отколку мажите?

Разликата во бројот на посакувани партнери – до кои истражувачите главно доаѓаат преку прашањето: Кој е за вас идеалниот број на партнери? – се воочува или исчезнува во зависност од изборот на статистичката мерка на централната тенденција при анализа на собраните податоци. Кога станува збор за вистинскиот број на партнери, доколку испитаниците додека одговараат ги „закачите“ на лажен полиграф, нема разлика.

Дали мажите почесто помислуваат на секс од жените?

Да. Исто така, мажите почесто помислуваат на храна и спиење. Со други зборови, мажите почесто мислат на задоволување на базичните потреби од жените. Разликата не се однесува само на секс и не може да се толкува со разликите во сексуалниот апетит.

Дали жените поретко доживуваат оргазам отколку мажите?

Да, но тоа не мора да има врска со еволуцијата. Разликата се топи доколку се земат предвид само потрајните врски. Причината е многу едноставна: Постојаните партнери, мажите, повеќе се трудат во сексуалниот однос со постојана партнерка, отколку со партнерка која нема повеќе да ја сретнат.

Дали мажите со поголема желба стапуваат во необврзувачки секс од жените?

Да, но поинаков е одговорот на ова прашање поврзан со претходната ставка. Жените со подеднакво задоволство прифаќаат понуда за необврзувачки секс од познајници или површни пријатели, особено доколку потенцијалниот сексуален партнер го перцепираат како маж кој ќе се потруди да им обезбеди позитивно сексуално искуство.

Дали жените повеќе избираат отколку мажите?

Да, доколку како еволутивните психолози погрешно ги интерпретирате емпириските податоци и резултати од набљудувањето. Жените се пол кој избира, но тоа произлегува од чистиот факт дека, во сообразност со културниот стреотип, мажот е во улога на иницијатор. Во експериментите во природно окружување, во кое жените имаат задача да му пријдат на мажот и да го „заведат“, мажите покажуваат подеднаков степен на пребирливост и подеднакво често како и жените одбиваат повик за излегување или секс.

Во студијата „Жените, мажите и спалната соба“, група психолози од Универзитетот во Мичиген ставка по ставка, поткрепувајќи ги своите тези со истражувања направени последниве десетина години, ги урива централните премиси и хипотези на еволутивната психологија. Паралелно, низа теоретичари и истражувачи ги напаѓаат самите теориски темели на дисциплината, сугерирајќи дека еволутивната психологија не е ништо друго туку збир на стереотипи, замаскирани со научен жаргон и емпириски податоци присобрани со сомнителна методологија.

Кога зборуваат за човечката сексуалност, еволутивните психолози поаѓаат од премисата дека таа е водена од несвесното настојување на поединецот своите гени да ги пренесе на наредната генерација. Меѓутоа, истиот сет емпириски податоци, со кои еволутивните психолози го поткрепуваат својот теориски аспект, потврдува и сосема спротивен агол на гледање – теоријата на задоволството, која сугерира дека човечкото сексуално однесување е раководено од тежнеењето кон надградувачко доживување (задоволство), при што потомството е само попатен производ на сексуалната активност со која се задоволува тежнеењето.


Постои ли машка и женска психологија?

Стандардниот наратив за моногамните жени и промискуитетните мажи се чини точен, меѓу другото и зашто навидум во целост одговара на реалноста – на сѐ што гледаме во вистинскиот живот, на филм, телевизија, во рекламите, во популарната литература...

Од 1992 година кога за првпат беше печатена, книгата на Џон Греј (John Grey) „Мажите се од Марс, жените се од Венера“ беше преведена на 40 јазици и продадена во повеќе од 30 милиони примероци. „Едноставно, не разбираш“ на Дебора Танен (Deborah Tannen), објавена една година порано, доживеа сличен успех. Додека првата инсистира на енормните психолошки разлики помеѓу жените и мажите, другата тврди дека психологијата и стиловите на комуникација на припадниците на двата пола се различни во толкава мера – што е вистинско чудо што воопшто меѓусебно се разбираме.

Налик на популарната литература, доминантниот научен дискурс за психолошкиот склоп и сексуалното однесување се темели врз премисата дека жените и мажите се фундаментално различни. Станува збор за хипотеза која сѐ потешко го поднесува товарот на емпириските и експериментални наоди кои не ѝ одат во прилог. Од 2005 година, кога Џенет Хајд (Janet Shibley Hide), психолог од Универзитетот во Висконсин, ја формулирала хипотезата за полова сличност, сѐ поголем број трудови кои ја поткрепуваат успеваат да се пробијат до академските списанија со најголем импакт.

Во формулирањето на хипотезата за сличноста помеѓу половите/родовите, Хајд се раководела според резултатите од метаанализата на која подложила повеќе десетици психолошки студии кои низ призмата на полот ги мерат когнитивните способности, капацитетите на вербалната и невербалната комуникација, цртите на личноста... Најкусо речено, доколку се изземат неколкуте моторни способности (не и спацијалната ориентација), психолошките разлики според полот не ја преминуваат маргината на статистичка грешка.

Анализата со која се опфатени повеќе од 13 000 луѓе, кај кои евалуирале повеќе од 100 претежно психолошки карактеристики, објавена неодамна во списанието Journal of Personality and Social Psychology, покажува дека жените и мажите може да се вбројат во две различни категории единствено според физичките карактеристики и способности, како што се висината, ширината на рамениците, скокот во далечина. Од аспект на психолошките и бихејвиорални карактеристики, како што се цртите на личноста, асертивноста, лидерството, емпатијата, зачестеноста на сексуалните односи, зачестеноста на мастурбацијата итн., разликите помеѓу жените и мажите се помали отколку внатрешно категориските разлики. Заклучокот на студијата чии автори се психолозите Боби Каротерс (Bobbi J. Carothers) и Хари Рајс (Harry T. Reis) би можел да гласи: Не постои машка и женска психологија.

Извор: https://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото