Истокот на ЕУ останува резерва на работна сила

29.05.2019 14:04
Истокот на ЕУ останува резерва на работна сила

ЕУ по изборите за Европскиот парламент стои пред големи предизвици проследени со поделби и разидувања.

 ЕУ по изборите за Европскиот парламент стои пред големи предизвици проследени со поделби и разидувања. Тензичните релации меѓу западните и источните земји-членки се еден од тие крупни предизвици за кои се очекува интензивирање на напорите за барање нов пристап во наредниот период.

За новата бриселска администрација некои прашања во овој контекст сигурно ќе останат високо на агендата за изнаоѓање начини за менаџирање на спротиставените гледишта. Дали една земја-членка ќе може да ја ползува касата на ЕУ без да преземе дел од одговорноста кога станува збор, на пример, за заедничката мигрантска и азилантска политика? Токму тоа е прашање кое се наоѓа директно во фокусот на претстојните преговори за долгорочниот буџет на Унијата.

Повеќе западни членки сакаат да постават строги услови во однос на исплатите на средствата од заедничките фондови. „Без да преземат одговорност не би требало да добијат ни скршено париче“, се изјасни остро во една предизборна дебата Хелен Фрицон, топ-кандидат за Европскиот парламент на шведските социјалдемократи.

Тоа е јасен знак дека конфликтот меѓу Западна и Источна Европа не се намалува. Напротив, продолжува да се засилува. Покрај миграциската политика, институциите на ЕУ се на конфликтна линија со Полска и Унгарија во однос на нивното поткопување на принципите на правната држава. Сега и Романија дојде на ред да се изјасни поконкретно, со оглед на тоа дека Европската комисија бара од Букурешт одговор, меѓу другото, околу независноста на судството.

Европа е исправена пред судбински избори, се нагласуваше од разни места во предизборната дебата за Европскиот парламент, иако претераните нагласувања на такви гледишта не се покажаа како оправдани, имајќи ги предвид изборните резултати и партиско-блоковските позиционирања.

По паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година Истокот и Западот требаше да сраснат заедно, како што зборуваа водечките политички лидери, иако всушност мислеле дека Истокот треба да стане како Запад. По извесно време на транзиција слични изјави се слушаа и кога започна проширувањето на ЕУ со. Со десетина нови земји-членки од поранешниот источен блок развиената и богата Унија требаше да биде уште побогата.

Но напоредно со процесот на доближување кон стандардите на Западот, започнаа и незапирливите бранови на емигрирање на милиони Источноевропејци кон западните земји, емиграции чии димензии сè уште не се целосно предвидливи.

За многумина жители на континетот можностите да се патува и работи во рамки на Унијата без никакви пречки е можеби најзначајниот симбол на слободата. Но за други тоа претставува и закана, посебно за оние „староседелци“ кои мигрирањето на работна сила го коментираат со изрази на незадоволство: „Нема доволно станови ни работа и за нас што веќе живееме овде!“ Во Брегзит кампањата токму Источноевропејците преселени во Велика Британија беа потенцирани како аргумент во врска со таквите анксиозни тонови во дебатата. Проширувањето кон Исток требаше да ја направи Европа побогата и посигурна, но Брегзит-избирачите не беа доволно убедени во тоа. Само околу еден милион Полјаци, меѓу другите Источноевропејци, се преселиле во Велика Британија по зачленувањето на Полска во Еу во 2004 година.

Токму во таа смисла, кога се анализира актуелниот развој на ЕУ, при што прецизно се пребројуваат азилантите што доаѓаат од Блискиот Исток, Азија и Африка, се заборава да се пребројат и мигрантите од Источна Европа и нивното движење кон богатите западноевропски региони. Неизвесноста пред иднината во Источна Европа во многу нешта ја предизвикува стравот од натамошно продлабочување на масовното иселување. Од 1989 година до денес Бугарија, на пример, изгубила една петина од своето население.

Речиси сите категории вработени се иселуваат – лекари, медицински сестри, инженери, негувателки, градежни работници, шофери... Од сите источноевропски земји. Во најголем дел остануваат сиромашните и остарените, заедно со корумпираните и сè повеќе авторитарни политичари.
Демографските анализи во секој случај покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населението во одделни западни ЕУ-членки, што отприлика е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во периодот 2000-2017 година бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени.

Но не и кога станува збор за источноевропските и балкански земји во кои вкупната промена на населението постојано е во минус. Веројатно затоа и реакциите на Источна Европа и одбивањето да се преземе одговорност за азилантската криза и распределбата на бегалци, не ќе можат да се сфатат ако не се разбере дека кај Источноевропјаните првенствено не станува збор за страв од доселување на мигранти, туку од масовно иселување на домашното население.

Таквите тенденции создаваат две групации – победници и губитници. Може да се очекува дека приемот на мигранти од други култури во источноевропските земји ќе ги зголеми стравувањата кај домашното население, дури да бидат сфатени и како ирационални, дека би станале малцинство во сопствените земји.

Во крајна линија, повеќе не е можно да се изгради Железна завеса, слично на Берлинскиот ѕид, која би го спречила одливот на населението. Оттаму се согледува и можната линија на натамошно заострување на односите и засилување на тензиите.

Доколку Западот продолжи да гледа кон Истокот како кон потенцијална резерва – на работна сила.


Слики: Dawei Wang
Извор: Плус инфо

ОкоБоли главаВицФото