Придавката македонски и рефлексот на извинување

29.06.2021 13:51
Придавката македонски и рефлексот на извинување

Меѓу државите во Европа тешко може да се најде пример за споредба со Република Северна Македонија и употребата на идентитските придавки. Единствено можеби донекаде кога станува збор за Република Северна Ирска.

Дали некој во случајот на Северна Ирска заговара употреба на придавката „ирски“ или, пак, „северноирски“ е прашање кое заслужува внимание, но факт е дека на меѓународен план непречено се зборува или пишува за „северноирскиот парламент“, за „северноирското стопанство“ или, пак, за „северноирскиот фудбал“. Во спротивно, доколку би се користела исклучиво придавката „ирски“, би било прилично конфузно да се објасни што е тоа што припаѓа на Република Ирска, и која би била разликата што укажува на посебноста на Република Северна Ирска.

Повлекување аналогија во однос на Република Северна Македонија и Република Грција, се разбира, е несоодветно, пред сè од причина што постои само еден субјект на меѓународното право што го содржи името Македонија во официјалниот назив на државата. Грчкиот регион Македонија не фигурира никаде како меѓународен субјект. Особено кога се има предвид дека потписниците на Преспанскиот договор постојано тврдеа дека употребата на новото име со географска одредница, Северна Македонија, е една, додека употребата на придавката „македонски“, во контекстот на идентитетските одредници, е сосема друга работа. Значи, „македонски“, а не „северномакедонски“.

Затоа е нејасно според која логика премиерот Заев сега треба да им се извинува на Грците поради тоа што, понесен од навивачко воодушевување, кажал „македонска фудбалска репрезентација“. Дали, всушност, Преспанскиот договор предвидува стриктна примена на географската одредница исклучиво според принципот на наметнување консеквентна аналогија?

Логиката да се постави вакво прашање остана без соодветен одговор. Требаше ли Заев, за да не се изложува, „несвесно и импулсиво“, на ризици да ги предизвикува и да ги провоцира соседните Грци, да се изрази во стилот – „северномакедонската фудбалска репрезентација“? Постои ли и друга државна репрезентација што би можела да се нарече македонска? Или, пак, се што ѝ припаѓа, и на меѓународен план ја претставува државата Северна Македонија, треба постојано да се нарекува – „… на Северна Македонија“. Како тогаш од лингвистичка гледна точка, и уште повеќе од аспект на емотивно-идентитетска припадност, ќе се користи придавката „македонски“? Постои ли јасно дефинирана и неспорна формула што ја нуди Преспанскиот договор како решение?

За „северноирската репрезентација“ одамна се пишува и се зборува. Но, со Брегзит повторно се интензивира посебната северноирска варијанта на идентитетска политика. Унионистите во подолгорочна смисла гледаат застрашувачко сценарио за една обединета Ирска, која би била управувана од Даблин. Шин Фејн, доминантната католичка партија во Северна Ирска, повторно изразува надежи за спроведување референдум за да се исполни нивниот стар сон за присоединување кон Република Ирска. Во таков случај, се разбира, на меѓународен план би исчезнале идентитетските одредници и придавката „северноирски“.

Но, во случајот на реалноста во која по повеќедеценските притисоци е втурната Република Северна Македонија, придавката „северномакедонски“ не е посакувана за да може да заживее меѓу населението – ни во краткорочна, ни во долгорочна перспектива. Тоа е едноставно контрапродуктивно во однос на перцепцијата што ја имаат мнозинството Македонци за сопствениот национален и државен идентитет, и покрај постојаната подготвеност за приспособување и релативизирање на тврдите ставови во однос на „решенијата“ што се нудат како излез од сивата зона на меѓународните (соседски) оспорувања на македонскиот национален идентитет. Во Северна Македонија, впрочем, не постои политичка партија која заговара присоединување кон друга држава.

Во Европа веќе се користи придавката „северномакедонски“, како нешто што природно произлегува од новото име на државата. Без оглед дали тоа во медиумите се прави од незнаење, недоволна информираност, тенденциозност, или пак како „логична“ изведенка од името на државата. Грчкото инсистирање исклучиво да се почитува принципот на консеквентна аналогија на „договореното“ име за меѓународна употреба е во функција на стимулирање на таквиот развој.

Но, и рефлекост на извинување поради „ненамерната“ употреба на придавката „македонски“, и таму каде што тоа фаќа, но и каде што не фаќа место или, подобро речено, поради автоцензурата што во својот вокабулар ќе ја користи македонскиот премиер за да не провоцира некого со тоа што ќе ја истакнува македонската идентитетска посебност, исто така му одат, за жал, во прилог на таквиот развој, што веројатно ќе доведе до посакуваната грчка цел – постепено нормализирање на придавката „северномакедонски“.

Илустрации: „My Teacher is a Monster“, Robert Brown

Извор на текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото