Потрага по сопственото ЗОШТО

14.06.2019 01:14
Потрага по сопственото ЗОШТО

Во познатата пирамида на американскиот психолог Абрахам Маслов, човековите потреби се хиерархиски распоредени. На дното во основата лежат биолошките потреби (храна, вода, сон, секс), над нив сигурноста, нешто погоре љубовта, натаму потврдата од другите, и на врвот е самореализацијата. Односно, Маслов вели дека прво треба да си сит, наспан, со кров над глава, за да може да дојдат на ред потребите кои се погоре во хиерархијата.

Оваа теорија на Маслов со тек на годините е доведена во прашање. Клучните точки на критиката се дека Маслов не зел предвид двe многу важни детерминанти за човековото однесување. Тоа се мотивацијата и потребата за интеракција со другите (човекот како социјално битие), на еднакво базично ниво како биолошките.

Никола Тесла на пример, своеволно одбрал живот „во целибат”, а кога творел, не јадел и не спиел со денови. Џордано Бруно седум години бил подложен на измачување за да се откаже од своите учења и од поддршката на Коперниканската теорија дека земјата се врти околу сонцето. Тој одбрал да биде жив запален, без да се откаже од она во што верувал. Наспроти потребите за храна, сон, сигурност итн. Филмувани се многу херојства на личности кои при природни катастрофи, авионски несреќи или војни, спасувале луѓе сосема пренебрегнувајќи ги сопствените потреби, особено безбедноста.

Мотивацијата, движечката сила или „главниот мотор” во човекотото однесување е предмет на анализа од Фројд до денес. Самиот Фројд на пример, вели дека во основа на човековото поведение е потребата за задоволство. За неговиот сонародник, исто така психотерапевт Алфред Адлер, тоа е потребата за моќ. Психијатарот Виктор Франкл, пак вели дека тоа е потребата за смисла во животот.

Франкл во својата книта „Човековата потрага по смисла” го цитира Ниче кој вели „оној кој има свое ЗОШТО, може да се справи речиси со секое КАКО”. Односно кога некој има цел во животот, полесно може да направи план како да дојде до неа и да се справи со предизвиците. Франкл вели дека човекот често пати нема моќ да влијае на околностите, но секогаш има слобода да даде сопствен одговор на нив. Милтон Фридман е уште поконкретен со мислата дека „човек не може да влијае на картите кои му се поделени, но може да одлучи како ќе игра со нив”.

Самиот Франкл е австриски психијатар кој во налетот на нацизмот во Германија станува заробеник во концентрационен логор. Таму го анализира поведението на затворениците и заклучува дека она што го одржува човек во живот и во најмизерни услови е неговата потреба за изнаоѓање смисла.

Заедничкиот елемент кој ги поврзува сите овие учења е дека крајната инстанца на човековото делување е постигнување задоволство/сатисфакција/среќа. Задоволството за кое говори Фројд често пати реферира на хедонизмот и сексуалното задоволство. Неговиот интерес бил најмногу кон сферата на несвесното и сексуалната природа на човекот за која јавно не се говорело или се зборувало во „општествено дозволени” рамки. Кај Адлер и Франкл мотивацијата е анализирана во нешто поинакви рамки.

Мотивацијата е движечка сила кој поттикнува на делување. Но за да се покрене тој мотор, треба да постои цел. Од пасивитет или постоење на желба, да се дојде до активно делување кон одредена цел, свое ЗОШТО.

Во англискиот јазик зборот „why” се однесува и причината и на целта. Во германскиот има два збора: warum – што значи зошто, од која причина и wofür – зошто, за која цел?

Илустративнава приказна може да послужи да се опише тоа “wofür” или стремежот.

Еден рибар ловел риби на реката. Поминал еден човек и го прашал:
• Дали знаеш дека рибата можеш да ја продадеш и да заработиш пари?
На тоа рибарот му одговорил:
• А зошто би ми требале?
• Па да си купиш со парите поголема трска, додал набљудувачот.
• И после? – прашал рибарот.
• Па ќе ловиш уште повеќе и ќе можеш да си купиш и мрежа, па и брод. Па ќе си отвориш фабрика и ќе си купиш многу бродови.
• И потоа? – прашал повторно рибарот.
• Па ќе станеш милионер, вели набљудувачот и ќе можеш да се одмараш и да си ловиш риба.
• Па сега што правам? – прашал човекот со трската.

Овој дијалог најчесто се раскажува со поента дека среќата е во човекот, а не во парите. Но, овде е битен сосема друг аспект, тоа „wofür” или потребата за смисла. Да се даде лик на визијата, преку креацијата. Вториот во приказната никогаш не би уживал во рибарењето ако не се обиде да го оствари својот стремеж да направи „бизнис” од ловењето риба. Тој има визија да остави личен печат, од идеја преку креација до реализација. Процесот на творење, личното „зошто” го прави среќен.

Човек често си ги поставува „вечните” прашања: зошто сум овде, која е мојата цел, мојата мисија, какво е моето значење во светот, можам ли повеќе, можев ли помалку? Процесот на себеспознавање и истражување на потенцијалите не завршува со фазите во детството. Тоа е динамичен, животен процес на внатрешно растење.

Низ околностите и искуствата личноста ги осознава финесите на тоа кој сум јас, вредностите за кои се залагам, каде сум во корелација со другите, а каде се другите. Односно, личната цел во човековата потреба за самореализација и наоѓање смисла на своето делување не може да се набљудува сама за себе, без контекстот, системот.

Човекот од прапочетоците до денес не може да опстои без интеракција со други луѓе (она кое го заборавил Маслов). Тој е упатен на соработка заради опстанок што произлегува од неговата биолошка природа. Предиспониран е за интеракција со другите. Тоа раѓа насушна потреба за комуникација и прифаќање во средината каде делува.

Во тој комплексен контекст, предизвикот е личноста низ својот развој да го пронајде „автентичното јас” и индивидуалниот стремеж за сопствен отпечаток (footprint) во системот и контекстот во кој делува. Оттука, одговорот на прашањето “кое е моето зошто” во одредена животна фаза или одреден контекст не е едноставно. Но одговорот почнува токму со тоа прашање.
Aспирацијата проследена со инспирација доведува до целно насочено делување.


Слики: Anthony Zinonos

Извор: https://idaprotuger.com

 

ОкоБоли главаВицФото