Фотографии за семејното минато обележано од шизофренија

20.07.2019 01:24
Фотографии за семејното минато обележано од шизофренија

 

Глорија Лизда (1991) e фотографка од Сплит. Серијата фотографии „F20.5“, за прв пат изложена во Загреб во февруари 2018, е нејзиниот дипломски труд. Фотографиите го прикажуваат соочувањето со настаните од детството кога нејзиниот татко боледувал од резидуална шизофренија.

 

  Иако е на самите почетоци, авторката развила интригантна лична поетика која наголемо почива на градењето содржини и композиции на фотографии низ ненаметливо разработување на наративни и симболички односи помеѓу телата, неретко сопственото, предметите, секојдневни и уметнички, и просторот (циклусите (Ne)stalno, Prostor sjećanja)

Во неодамнешниот циклус, кој е развиван дури три години, фотографката со помош на сестрите-близначки, продира во семејното минато, бавејќи се со деликатната тема на душевната болест шизофренија. Имено, насловот на изложбата го означува медицинскиот код на болеста. Лизда вака го опишува процесот:

„Реконструирајќи го сопственото минато и реинтерпретирајќи ги татковите визуелни халуцинации, сценирам ситуации во кои ги поставувам своите сестри-близначки и себе, за да го освестам и прикажам влијанието кое болеста го имала врз целото семејство. Фотографијата, како терапевтско средство, го користам за со поместување одново да ги проживеам и прифатам снажите искуства и сечавања, да ги отелотворам и трансформирам, и така одново да се запознаам себе.“

Можен код за влез во комплексната тема е скршеното и одново споено порцеланско филџанче, искористено за визуелниот идентитет на изложбата. Парченцата се споени наизглед невешто, а зачудноста на (овој нефункционален) предмет, кој со острите рабови би можел да рани, е нагласена со трите рачкички. Симболиката е јасна – три сестри, оштетеност, фрагментарност, можност за повторна бол. Циклусот е конструиран на динамиката на соединување на трите сестри/искуства/мемории, и концентрирање на индивидуалната младата жена. Трипартитноста се протега од три засебни портрети, со кои започнува поставката на изложбата, па сѐ до композицијата на структурално оснажени спротивставени вертикали на три облакодери, додека на четвртиот, со заврзани очи стојат сестрите и Глорија која во раката држи светилка.

Петра Шарин, авторката на предговорот, воочила понатаму дека „уметницата го користи капацитетот на фотографијата за ресемантизирање на истенчените сеќавања, а завршената серија ја дели на три сегменти: унифицирани портрети на трите сестри и изведбата на татковите халуцинации кои се испреплетуваат со приказите на мртва природа. Така ја проширува приказната за татковите внатрешни антагонизми низ останатите членови на семејството кои се со нив предодредени, синтетизирајќи истовремено повеќе погледи на „една стварност“.

Оживотворувајќи фантазмагорични сцени кои ѝ влијаеле на растењето, Лизда вешто избегнува патетика и банализирање при предочувањето на душевната болест и нејзините последици на семејството како целина и на членовите. Композициите се прочистени од какви било одвишни детали. На пример, (авто)портретите во ентериерите и екстериерите се лишени од шминка, па и од гестови и мимики кои би оддавале карактер и став на прогонистката. Тие едноставно се препуштени на халуцинантни визии, кои понекаде го пленат вниманието со надреална убавина, додека понекогаш предизвикуваат изразита емоција на нелагодност.

Сите се повторно провлечени низ авторовата препознатлива естетика и стилизација, која се одликува со пригушен колорит, кој само понекаде експлодира во драматично црвенило на презреана лубеница, во крвта на отсечени рибји глави, во траговите што се цедат и капат по нозете, во круговите исцртани на главите вкопани во земја.

Иако, речиси воајерски, сме препуштени на личната и интимна приказна, вусшност се чувствуваме повикани не само да ја разбереме болеста за која овде одважно и одговорно се проговорува, туку и личната траума и демони, кои понекогаш може да се растворат и пуштат да се лечат низ терапевтскиот ефект на уметноста.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: https://arteist.hr

 

 

Слични содржини

Фотографија / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Фотографија
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Gif / Теорија / Историја
Фотографија / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото