Кажи зошто ме остави: Песната што патуваше од Грција преку Македонија до Џими Станиќ

22.08.2019 02:11
Кажи зошто ме остави: Песната што патуваше од Грција преку Македонија до Џими Станиќ

Средина на јули, градот е пуст, а тоа утро на пазар, Стјепан Џими Станиќ купува малини. Со госпоѓата е, како и секогаш уреден и убав, во добар костум кој, својствено за виситинските господа – на него делува поскап отколку што е. Има деведесет години. Не можам, помалку и непристојно, а да не се загледам во него, па во еден миг ни се среќаваат погледите. Неговиот преку мене ќе пројде како преку здодевна летна мува зунзара. Но, еве објаснување за мојата индискреција.

Вечен шармер: Стјепан Џими Станиќ во шеесеттите

Мојот тетин, Ватрослав Цезин, по прекар Наци, е спореден лик и епизодист во подолга редица приказни, раскази и романи, од „Мама Леона“ па сè до „Рода“ и „Селидби“. Може да го сретнете и во есеите и новинарските статии, таму кадешто веќе не се знае дали извира од фикција или од некој стар опис на реалноста. По професија хемиски техничар, сопруг на мојата тетка Невенка, една од трите внуки на Карл Стублер, до пензија вработен како лаборант во Природно-математичкиот факултет во Сараево, со ситна градба, фрагилен и виток како балетан, заинтересиран за многу разни работи, а најмногу за долги разговори и монолози. Секој бил познат и се одредувал според доминантната особина, по правило маана, па така Наци го знаеле и по тоа што постојано нешто мудрувал. На рамна нога разговарал и со деца и со возрасни. И потоа тоа било толкувано како мудрување.

Кога на крајот на мојата прва училишна година, едно исто вакво лето во 1973 година, засекогаш замнувавме од Дрвеник, Наци од Сараево дојде со спачекот да нè земе нас и сите наши работи. Тоа беше мојата прва, а можеби и најважна преселба за која, ако го пронајдам клучот за приказната, секако ќе напишам роман, чие дејствие ќе трае од 11 часот наутро до 5 попладне, по патот од Дрвеник до Сепетаревац. Ќе биде тоа приказна за трансформација на идентитетот, за тоа како по сила на приликите и по логиката на патот, од едниот јас, станав овој другиов јас.

Наци е првиот дискофил во мојот живот. Имаше неколку стотици мали и големи плочи и одличен грамофон. Секоја вистинска дискотека, како и секоја библиотека е психограм, огледало на музичкиот вкус и културните погледи, но и своевидна животна автобиографија на еден дискофил. Собираше и слушаше плочи на класична музика, главно оној традиционален композиторски и изведбен репертоар, како и џез на ревијални и биг бенд оркестри, диксиленд и југословенски, особено загрепскиот и секаков вид џез од педесеттите и шеесеттите години. Пробираше и по забавната и шлагерската музика, главно на германски и англиски јазик. Пери Комо (Perry Como), Дин Мартин (Dean Martin), Катарина Валенте (Catarina Valente)...

Се сеќавам на таа пејачка со ѕвонлив глас, како покрај отворениот прозорец на „Касинодолска“ ја пее „Ganz Paris träumt von der Liebe”, додека секаде наоколу зуеја пчели, денот трае долго и животот е бескраен како во детството. До денес таа песна ми звучи многу погрешно во многу пославната изведба на Френк Синатра, или во оригиналната изведба на Кол Портер.

Меѓу плочите на загрепскиот џез имаше и една сингл плоча на славниот свирач на усна хармоника и фудбалер, познатиот голман на „Динамо“, Бранко Краљ, кој плочата ја снимил со оркестарот на Томица Симовиќ, па имаше и две сингл плочи од Бошко Петровиќ...Наци беше педантен, беше пицајзла, барем за работите што нему му беа важни, тој плочите ги редеше според некој многу комлициран стилско - азбучен принцип. И така, некаде на границата помеѓу џезот и забавната музика, таму каде завршуваат Сачмо и Ела (Фицџералд), се наоѓаа плочите на Џими Станиќ.

Некаде „Jimmy“, на една сингл плоча и Џими, сепак најчесто „Đimi“, тој загрепски махер за вицови, пејач на шеговити вестерн песнички, одличен контрабасист, кој половина век пред модата на стенд ап, настапувал како стенд ап комичар, совршено почитувајќи го основното правило на забавувачите: ако сакате да ја расплачете публиката, мора да плачете заедно со неа, ако сакате да ги насмеете, никако не треба да се смеете заедно со нив. Никогаш не сум го видел Џими Станиќ да се смее, на ниту една снимка. Истовремено тој има таков глас што мене, момченце, во секој момент можеше да ме расплаче. И тоа со две песни, од две сингл плочи. Првата ја имавме во Сепетаревац, па ја слушав сам во собата. Насловот беше „El Condor pasa”, но песната во превод; „Кога кондорот лета на сите им застанува здив, но тогаш мене не ми е страв, јас сакам да летам...“

Многу години подоцна ќе дојдат Сајмон и Гарфанкел, но тоа веќе нема да биде истата песна. Ќе ја свират улични свирачи дојдени од Боливија, кои можеби во живо виделе кондор, ама тоа не е тоа. „И времето лета како човек да лета со него, а потоа исчезнува како чад, во далечен свет. Знам дека детскиот сон никогаш не се враќа, ни детскиот свет и знам дека младоста брзо лета, одеднаш веќе сме стари“. Во моментот додека ја слушав оваа песна и се ежев од трогнатост, имав десет години, денес имам 53. Џими Станиќ, кој купува малини, само и заради моите 53, мора да има деведесет години.

Но, една друга песна е подобра, со посилна емоција и сосема безвременска. Сингл плочата на која се наоѓаше ја има само Наци, а јас во тој момент додека ја слушам првпат, би сакал да ја имам повеќе од која било друга плоча, која било друга песна или приказна: тоа е „Кажи зошто ме остави“.

Ваква е нејзината историја: песната ја напишал Гркот Никос Гунарис и денес кога сите наши сеќавања се сочувани некаде на интернет, лесно можам да ја најдам на Јутјуб под насловот „Ποιος σε πήρε και μου ‘φυγες”. Гунарис умрел во 1965 година, пред да наполни педесет години, а како пејач, композитор и текстописец бил многу популарен во грчката дијаспора, особено во Соединетите држави. Неговата песна до нас дошла преку Македонија, каде ја препеал Драги Велјановски, а ја отпеал и снимил за Радио Скопје во 1956 година, Никола Боби Автовски, голем македонски пејач на шлагери. Вистина, постои конфликт околу авторството на песната: Македонците тврдат дека песната е нивна и дека е напишана уште во 1945 година, но бидејќи за тоа не постои доказ, бидејќи грчката верзија е порано снимена и затоа што Никос Гунарис е автор на повеќе стилски слични, а добри песни, ќе веруваме во неговото авторство, а не дека е крадец на песни, па уште од времето која војната не беше ни завршена и кога луѓето во општата беда и јад имале свои причини за кражба на разни работи што би можеле да ги нахранат или загреат, а не на песни. Од друга страна пак, уверувањето дека песната им припаѓа токму ним, зборува и тоа дека луѓето се соживеале со таа песна.

Македонскиот препев набрзо е препеан на јазикот на кој тогаш пееле Хрватите и Србите (автор: Драгомир Ристиќ), а песната „Кажи зошто ме остави“, за Радио Риека, прв ја испеал во тоа време познатиот шлагерист Звонимир Кркљуш. По него, ја пеел Душан Јакшичќ (уште еден пејач од дискотеката на Наци), чија изведба не ја наоѓаме на Јутјуб и дури потоа оној што ќе ја испее најуверливо и најточно во емоциите – Џими Станиќ.


Како песната да била напишана само за да на крајот дојде до него. Од несреќниот Никос Гунарис, кој на американските Грци им го пренесувал копнежот по родниот крај, а потоа умрел од рак, толку банална и простачка болка во однос на целата тага која настојуваше да ја испее, преку Боби Автовски, кој песната ја направил македонска – што посебно ќе биде нагласено во времето кога Грците ќе се обидуваат на Македонците да им го проблематизираат идентитетот, вистинскиот и оној одсонуваниот – до Звонимир Крљуш, кој на крајот престана да биде пејач и стана гастарбајтер и новинар и Душан Јакшиќ, во чиј глас имаше премногу сила за шлагери, низ машките грла течела историјата на преобразба на една песна, која ќе може да ја испее само Џими Станиќ.

Не знаев што ме потресува толку во таа песна, а не знам ни денес. Не станува збор за текстот, во него нема ништо толку трогателно. Можеби не се работи ниту само за мелодијата. Начинот на кој во гласот на пејачот зборовите се споиле со мелодијата е тоа што „Кажи зошто ме остави“, во изведба на Џими Станиќ ќе ја направи неспоредлива. Песната која е складиште на емоции и сеќавања што денес се пренесуваат од еден на друг крај на светот, подеднакво овој надгробниот и оној задгробниот.

И затоа секогаш кога господин и госпоѓа Станиќ ќе ги видам наутро на пазар, се скаменувам и вкопувам, се загледувам во нив и тогаш тие можеби си помислуваат дека сум некој лудак. А мене на ум ми паѓа Наци, како стои покрај прозорецот во „Касинодолска“ и ја слуша песната заедно со мене и по малку се чуди што му е на ова дете и што ли ќе биде со него.

Извор: Jutarnji list