Синдикатот на културата најавува протестен марш за нов колективен договор

03.10.2019 13:25
Синдикатот на културата најавува протестен марш за нов колективен договор

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) бара нов општ колективен договор во културата со протестен марш на 8 октомври, кој ќе започне во паркот „Ибни Пајко“ од 12 часот.

Од Синдикатот ги повикуваат сите вработени во културата, културните работници и останатите да се приклучат кон барањата за регулирање на работните односи во културата по 14 години откако е потпишан последниот колективен договор.

„Изминуваат 14 години од последниот гранков колективен договор во културата. Четиринаесет години без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите, без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа, без додатоци од плата, теренски и службени дневници… Четиринаесет години без достоинствени плати за сите вработени“, се вели во најавата на протестот.

Тие информираат дека маршот ќе започне од паркот „Ибни Пајко“, од каде ќе продолжи кон Владата, а ќе заврши пред Министерството за култура.

„Напуштете ги работните места за миг и излезете на улица за вашите права! Да не дозволиме уште едно ветување да не биде исполнето и да влеземе во уште една година без потпишан Колективен договор. Да излеземе масовно и да испратиме порака дека бараме КОЛЕКТИВЕН СЕГА!“, порачуваат од Синдикатот.