Протестен марш: Синдикатот на култура побара Колективен договор

09.10.2019 02:46
Протестен марш: Синдикатот на култура побара Колективен договор

Под слоганот „Колективен сега“, работниците во културата, вчера во голем број излегоа на протест за да бараат повисоки плати и подобри услови за работа и го изразија незадоволството и разочарувањето од згазените социјални права на вработените во културата и отсуството на општ колективен договор веќе 15 години.

Се маршираше од паркот зад Филхармонија, до Владата и до Министерство за култура. Со одлепување на усните, кои им беа залепени со самолеплива трака, пред Министерство симболично покажаа дека го прекинуваат молкот.

Гоце Павловски, секретар на СКРМ, се обрати на импровизирана бина и рече дека државава е единствена во регионот која 15 години нема колективен договор во културата и единствена во која, како што рече, „има астрономски разлики во платите меѓу дејностите, се измислуваат работни места по нарачка, нема основни услови за работа, не се исплаќаат унапредувања, службени и теренски дневници и други надоместоци загарантирани со Законот за работни односи“.

„Тоа е затоа што во ова Министерство работат бирократи кои сметаат дека тие се културата, а ние плебсот од институциите кој не е вреден за внимание. Тие луѓе 15 години деспотски и субјективно одлучуваат или извршуваат по налог кому да му ја покачат платата, кој додаток на плата да ви го скратат, каков закон ни треба, каков колективен договор да ни сместат. За сите проблеми тие 15 години вината ја префрлуваат врз министрите за култура, врз другите министерства и врз нас, вработените во институциите. Денес ги потсетуваме дека Министерството е само сервис на институциите и вработените во културата“, истакна Павловски, кој е претседател на синдикатот на НУ „Стоби“.

Тој нагласи дека вработените во културата се тие што треба да кажат што е потребно во нивните професии, а вработените во Министерството треба да наоѓаат начин како тоа да се реализира.

„Нашите барања се скромни – бараме да ни се почитуваат сите права загарантирани со Законот за работни односи и Колективниот договор за јавен сектор. Ние само бараме да прекине феудалниот однос на Министерството и понижувањето на уметниците, стручните лица и другите вработени“, истакна Павловски.

Од Министерството за култура соопштија дека ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и најавуваат дека заедно со сите чинители во културата и со претставниците на Синдикатот на културата и на СОНК подолго од една година работи на подготвување на нормативните услови за донесување на модерни законски акти кои во што пократок временски период ќе овозможат остварувања на барањата на синдикалните организации.

Во соопштението се истакнува дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата е услов за подготовка на Колективниот договор и е во завршна фаза, при што работната група ги внесува забелешките доставени преку ЕНЕР и од страна на надлежните органи, како последна фаза, пред да го предаде текстот во Владата на усвојување.

„Укажуваме дека Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата и Предлог-текстот на Колективниот договор, во Министерството за култура се подготвени уште од Со Колективниот договор се очекува, покрај другите прашања од областа на работните односи, да се надминат и присутните проблеми во утврдувањето на платите на вработените во установите во културата и ќе се елиминира дисбалансот на платите помеѓу одделни дејности и ќе бидат утврдени објективни коефициенти за висната на платите во културата“, се вели во соопштението.

Се очекува во наредниот период, Колективниот договор да биде ставен на јавна расправа по основните организации на синдикатите во установите од културата, и дека ќе биде применлив од 1.01 2020 година.

Пред завршетокот на протестниот марш, претседателката на СКРМ, Сања Арсовска соопшти дека добила порака од кабинетот на премиерот Зоран Заев дека ќе прими делегација на Синдикатот и дека состанокот ќе се одржи на 24 октомври во 11 часот.

Арсовска се обрати на почетокот на маршот и порача дека сакаат колективен договор кој ќе стапи во сила на 1 јануари 2020 година. Од таму до Министерството учесниците во колона поминаа по „Илинденска“ придружени со звуци од класична музика, а пред Владата застанаа и испеаја дел од „Хорот на Евреите“ од Вердиевата опера „Набуко“.

Културните работници велат дека ова е предупредувачки протест, а доколку нема никаков одговор од надлежните, најавуваат и штрајк.

 Фотографии: МИА

ОкоБоли главаВицФото