Три прозни кружници околу поединците и нивните заедници

15.10.2019 02:31
Три прозни кружници околу поединците и нивните заедници

Односите меѓу човекот и колективот се често затегнати, низ расказите отспрегнати во збирките „Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и „Осмица“ (2010). Тоа е повратна спрега што се растега од различни точки на опкружувањето до главниот протагоност (и назад), а понекогаш и неповратно растрга од спротивставеноста во нивниот однос. Во таквиот сооднос тежиштата често ги менуваат местата со некоја од крајностите на оската меѓу поединецот и заедницата. Напати со цивилизираниот човек или „глутницата“, напати со „дивјакот“ или цивилизацијата.

Влијанието на заедницата е претставено низ трите општествени круга на личната благосостојба: домот и семејството (а), населбата и соседството (б), факултетот и општо, школството (в). Од потесното (семејството) кон поширокото (образованието), заштитните слоеви од опкружувањето се присутни уште од детството. Нераскинливо врзани со човековата личност, тие го втемелуваат чувството на сигурност (кога се негувани и зачувани). И спротивно, ги потсилуваат чувствата на страв, незадоволство и невклопеност (кога се нарушени или срушени). Улогите на поединецот пак, произлегуваат од односите во заедницата. Така, родителството (посебно мајчинство) е една од носечките улоги во семејството, а соперништвото е присутно во соседството, но и сите фази од школството (меѓу учениците и меѓу учителите, студентите и професорите).

Во прилог е триплет раскази од парот збирки, споени според сродниот тематски избор на двете авторки. Тие го следат концентричното ширење на секој од споменатите општествени кругови околу јадрото на личноста, како и на зададената тема околу дејствието во приказната.

КРУЖНИОТ ПРЕГРАБ НА МАЈЧИНСТВОТО

(Кон расказите „Костими за капење“ од „Мојот непријател Итар Пејо“ и „Осмица“ од истоимената збирка)

Периодот од почетокот на осамостојувањето (опишан во „Костими за капење“), до почетокот на созревањето (опфатен во „Осмица“), е концентриран на односите од семејството. И тоа детството, притеснето од кружниот преграб на мајчинството.

Мачниот почеток во детското осамостојување, е претставен симболично преку маките на една мајка, за почетен успех во рекреативното пливање на синовите. Тука успехот на дечјото справување со плиткото, потсетува на рибјото спровирање низ длабокото. Ако се совладани, и двете пливања стануваат одраз на спретност и способност, слобода и независнот. Кај читателот и двете слики за рибјо/дечјо под/водно снаоѓање, повикуваат исти асоцијации за „огнено крштевање“, иницијација и конечно осамостојување. Оти запловувањето е знак дека рибите се снаоѓаат во водата, а запливувањето претставува симбол дека децата почнале да се снаоѓаат низ животот. Децата кои научиле лесно да подаваат нозе во вода, ќе знаат цврсто да ги постават и на земја. Тие ќе знаат „цврсто да загризат“ во животот, со заби што одамна ги замениле млечните, со трајните. Сепак, периодот од никнувањето на трајните заби, до појавата на забот на мудроста (т.е. осмицата) некогаш знае да биде толку долг, што да ги прескокне и тинејџерството и родителството. Во расказот за една расипана осмица, е нагласена расипаната врска со зрелоста. Па, пропуштената шанса за поправка на забот, станува симбол за пропустите на мајката во воспитувањето на синот. И тука стигнуваме до главната иронија. И двата расказа, преку директни наративни постапки и суптилни пораки, посочуваат на процеси кои најпрво треба да ги зокружат родителите, а потоа децата. Поточно зборуваат за мајки, кои заради преголема родителска пожртвуваност, покажуваат отсуство на подготвеност за дечјата слобода и самостојност. На тој начин, возрасните остануваат во заточеност на мајчинската улога, подреден однос при обезбедување на родителска услуга, и конечна зависност од детската потреба. Затоа, токму мајките треба да ги затворат круговите на осамостојување, со цел да ги отворат истите и за децата, во процесот на нивно воспитување.

ЗАТВОРЕНИОТ КРУГ НА СОСЕДСТВОТО

(Кон расказите „Не плачи тато“ од „Осмица“ и „Господарот на маалото“ од „Мојот непријател Итар Пејо“)

Животот во соседството е прикажан низ призмата на маалото. За најмалите, херметичното маало е свет во големо, а за возрасните тоа е свет за себе. Сепак, наместо како цивилизациска придобивка и симбол на складните урбани прилики, Бужаровска и Малеска маалото го предаваат низ една превртена слика. Во нивните раскази тоа е примордијална заедница со примитивни врски меѓу поединците. Таму владее вертикална хиерархија во која односот меѓу тиранинот и малтретираниот кај комшиите се пресликува и на комшичињата, па главниот збор го има силата, место разговорот и смислата. Во тој затворен круг меѓу тепачот и тепаниот, ојачувањето и очајувањето наизменично си ги менуваат местата (во зависност од приликата). Како последица, ривалството, мачоизмот и силеџиството се потсилуваат, а границите меѓу потчинувачот и обесправениот полека се бришат. И Бужаровска и Малеска успешно го пренесуваат ова постепено исчезнување на границите меѓу спротивставените улоги, преку конфликтот што го создаваат кај своите читатели. Па така, читателите ќе се затекнат во истовремено навивање или исмејување на возрасните, како и порив за награда, но и казна на децата.

ВРЗАНИОТ КРУГ НА (БЕЗ)ОБРАЗ(ОВАН)ИЕТО

(Кон расказите „Смртта на наставничката Станка“ од „Осмица“ и „Училницата под скалите“ од „Мојот непријател Итар Пејо“)

Третиот пар раскази заедно го третираат воспитно-образовниот процес, а секој одделно таргетира посебни аспекти од овој двоец. Така, „Смртта на наставничката Станка“ се задржува на воспитниот сегмент од школувањето, а „Училницата под скалите“ на образовниот сегмент од студирањето. Поточно, тие ги третираат недостатоците на овој систем, каде наставниците со својата дискриминација и корумпираност стануваат директни учесници (кај Бужаровска), а професорите преку опортунизмот стануваат марионети и индиректни соучесници во неговиот распад (кај Малеска). Но, секогаш и без исклучок возрасните се престапници (во расказот на Бужаровска дури и насилници) а младите жртви (во расказот на Бужаровска дури и маченици).

Иако некадарноста на наставниот кадар, како и безобразието во образованието, се теми што сижејно се распаруваат низ парот раскази, решенијата симболично се отплетуваат низ нивните расплети. Па така, и во двата случаи казните на некој начин ги стигнуваат возрасните (во форма на длабок или вечен сон), препуштајќи ѝм го светот на младите.

ТРИ ПРОЗНИ ЗАОКРУЖУВАЊА

Трите општествени кружници околу различни наративни јунаци, се пренесни низ три прозни делници. Тоа се одвоени тематски патеки за развезување на одделни приказни. И сите три прозни заокружувања на авторките, се надополнети со три можни читања од публиката. Најповршниот слој не го пребира читателот. Тој може да го разбуди интересот на целиот сеирџиски народ, бидејќи функционира на ниво на анегдота од семејниот живот. Средниот слој пак, функционира како документ за соседскиот и граѓанскиот соживот, и затоа ја буди свеста за реалноста и секојневието на читателот. Но, само најдлабокиот слој може да ја разбуди совеста кај читателот. Тој функционира како критика за современото опкружување на човекот, и за главните слабости на системот.

Општо гледано, покрај наведените тематски пресликувања, постојат и стилски авторски разминувања. Тие укажуваат на разлики во раскажувачките постапки на овие писателки. Така, кај Бужаровска предоминира буквалното и фактичкото, а кај Малеска преносното и (мета)фикциското. Потоа, карикирањето во прозата на Бужаровска се постигнува низ прикриено исмевање (при описот на ликовите), а кај Малеска карикирањето подразбира карикатурално претерување (во редењето на настаните). Затоа, и нивните раскази оперираат на различни рамништа кај читателот: првите ја продлабочуваат перцептивноста преку посочување на актуелни теми; вторите имагинативноста преку мешање вонвременски со времени, настани и ликови. Едните го подгреваат очекувањето, а другите го поттикнуваат очудувањето. Но, двете неизоставно го потсилуваат замислувањето (над нашите прилики) и продлабочуваат размислувањето (за нашите лични приказни и судбини).

Слики: Kestutis Kasparavicius

 

ОкоБоли главаВицФото