Необичен брак

23.01.2019 03:40
Необичен брак

ПОМЕЃУ ЕДИНАЕСЕТТЕ РАСКАЗИ ЗА МАЖОТ И ЕДИНАЕСЕТТЕ ЖЕНИ ВО РАСКАЗОТ

(кон „Мојот маж“ на Румена Бужаровска и
„Единаесет жени“ на Снежана Младеновска Анѓелков,
во издание на „Или-Или“, Скопје)


Две ниски прикаски и две приказничарки. Два наслова за спротивен пол со спротивна тежа, но поставени во рамнотежа. Еден со друг речиси огледални, а складни. Интересен пар за распаран брак.

Секој од „партнерите“ во овој спој е еднакво усогласен по добриот глас, зашто и двата се во него влезени со препорака. „Мојот маж“ преку меѓународната книжевна сцена и наградата за кратка проза („Едо Будиша“), а „Единаесет жени“ преку домашната книжевна сцена и наградата за роман на годината (на „Утрински весник“).

Како и препораките, така и нивните карактер(истик)и се посебни. Се издвојуваат од тековниот прозен опус како специфични и необични, а еден на друг некако слични. Посебно отстапуваат од нашата женска проза, бидејќи не се ендоскопски загледани во микроскопијата на хуманото и најголемите длабочини на интимното, во чувствата и доживувањето. Наместо тоа, тие стетостопски го извлекуваат восприемањето до самата површина на нештата, па се вслушнуваат во околното и социјалното, во опкружувањето. Тука нема емотивни сецирања и детализирања. Тука има крупни кадри, гро-планови и длабоки резови.

При тоа, стилот на Младеновска Анѓелков е речиси документаристички, како хроника на Скопје од осумдесеттите. Сцените се како стоп-кадри со целосен попис на типичниот мизансцен: прашокот „Гринго“ за оближнување, крем-таблите од „Таково“ и ледените коцки од „Краш“ за заблажување, шоуто „Мапети“ и серијата „Династија“ за забава и разонодување, „Стокец“ и „Шкода“ за развозување. Од друга страна, постапката на Бужаровска е филмаџиска, пренесувајќи приказни за денешните скопјани. Нејзините сцени наликуваат на подвижни слики, уловени од стабилна рака на искусен камерман кој само попатно го регистрира придружниот декор, а всушност сосредоточено го следи својот лик во чекор: и кога оди на осмомартовско славење во околниот ресторан, и кога оди во посета на родителот со дотраен воз, и кога оди во швалерај на Водно.

Воедно, ниту една од авторките не го повлекува „објективот“ пред гадливите сцени и не отстапува од „цензурирани снимки“ на тогашното Скопје или денешните скопјани. Па така, низ расказите ќе „зацапате“ во смрдливи плуканици и сочни блуеници, ќе осведочите прокапени мензиси и испуштени прдежи. Тие служат за да ја зголемат сценичноста на приказот (како што ономатопејата ја зголемува живописноста на зборот), или да ја потенцираат (траги)комичноста на расказот. Од таму, освежува фактот што овие женски писма отстапиле од догмите за женственоста (посебно онаа која традиционално се уважува како дамска), па темите кои се врзани со гадливоста од телесното (како телесни течности, секрети и екскрети) или телесноста (како тактилност, сетилност, сексуалност) не се одбегнуваат ниту одмолчуваат, туку гласно се раскажуваат.

И раскажувачката постапка кај двете писателки е впечатлива. Ги избегнува конвенциите на поетичноста (без да премине во прозаичност), сентименталноста (без да премине во вулгарност), стилизирање и суптилноста (без да премине во профаност). Иако нивните раскази не се романтични, тие сепак можат да бидат носталгични бидејќи се нераскинливо врзани со родниот град. Не се ниту елегични, но можат да бидат еднакво потресни и трагични, кога се врзани за несреќните судбини на своите сограѓани. Овој ефект се должи на јазикот кој е употребен при сликањето на приказните, и во обраќањата на ликовите. Кај двете авторки раскажувачкиот став е отворен, а изразот директен и непосреден. Кај Младеновска Анѓелков, тој знае да биде и потполно нефилтриран и нецензуриран, дрзок па дури и груб, бидејќи е пренесен од детски раскажувач. Кај Бужаровска пак, тој напати содржи скриена доза на иронија и подбивност, шегобијност и сатиричност, бидејќи е пренесен од возрасен раскажувач.

Сепак, без оглед на своите имиња, и двата „партнера“ се всушност „загледани во жени“. Со други зборови, женските ликови се главни протагонисти во расказите, а машките служат само да го дополнат („Единаесет жени“), потсилат или раздвижат дејството („Мојот маж“), и да ги објаснат мотивите за наративите на жените (двете). Во првиот случај тие се растоварени од одговорноста постојано да дефилираат пред раскажувачкиот објектив, но натоварени со низа морални одговорности (небрежност, непресметливост, насилност) кои го даваат конечниот изглед на сцената. Во вториот случај, тие парадираат во фокусот на кадарот, сепак останувајќи маргиналци ем маргинализирани (како неостварени поети и самобендисани професионалци, некадарни родители и сопрузи, недокажани љубовници, па дури и прељубници).

Хероините на Младеновска Анѓелков оддаваат впечаток како да припаѓаат на една од овие групи: физички грди или накажани, наспроти убави, негувани и (најчесто) немажени. Првите имаат телесни фалинки и недостатоци („кусо и дебело торзо, а тенки ножиња, чиниш чкорчиња“), несиметричности („брадавица на едната веѓа, со шилест нос како клун“) и хендикепи (краста која почнува да се шири од устата, па сè до под коренот на косата). Сепак, кај нив рамнотежата е воспоставена преку надополнувањето на своевидната унакажаност од природата, со уважувањето од околината. И вистина, овие ликови од своето опкружување уживаат страв или почит, а најчесто двете. И не се жртви. Втората група жени се прогресивни, еманципирани и немажени (невенчани, разделени ем вдовици), но претежно од околината со прст покажани (во негативна конотација). Тие се чести жртви (понекогаш и сами соучеснички) при психичко насилство од комшиите (Даринка), физичко насилство во семејството (Мирјана), прељуба (Евгенија), смрт на дете (Беба). Сепак, без разлика на групата, генералниот впечаток е дека сите жени на Младеновска Анѓелков се гласни. Тие се слободни и своеглави, дрски и моќни.

Од друга страна, хероините на Бужаровска се полнокрвни жени, со човечки слабости, а некогаш и расчовечувачки судбини. Тие без оглед на изгледот, главно си имаат некакви фалинки во карактерот. Поседуваат стереотипии и манири, оптоварени се со комплекси, фрустрации и душевни немири. Патат од болни љубомори и прикриени агресии. Во краен случај, пасивност и субмисивност. Помирливост.

Можеби наведените разлики се должат на фактот што единаесетте жени на Младеновска Анѓелков се набљудувани од дете, а очите на детето често го овенчуваат возрасниот со нереален ореол на моќ. Од друга страна, единаесетте мажени жени на Бужаровска се набљудувани од нивна врсничка. Реалистичниот оглед од нивната сограѓанка, надополнет со проникливиот поглед од критичарка, несомнено ги смалува ликовите до нивните природни димензии. Втората причина за разликите во портретирањето, можеби е врзана со разликите во тродеценискиот временски јаз. Па така, преминот од општествена стабилност во неизвесност (со преоѓање од декларирано уредување во транзициски систем), неизоставно се одразува и на стабилноста од карактерот. Очекувано, тогашните ликови се гласни и своеглави, а денешните се често невротични, лабилни и емотивно отапени.

Сепак, и покрај осведочените разлики, оваа компаративна анализа следи нишка конзистеност, портретирајќи ги хронолошки генерациите баби, мајки и сопруги кои допринеле за профилирање на денешните мажи. Жени суверено центрирани во домот, со соседството (не и странството) како најчести маргини на делување. Жени врзани за семејството (актуелно, планирано или претпоставено), дури и кога се физички присутни на работното место. Жени, мајки, кралици, но само во рамки на патријархално зададените граници.

Слики: Danny Galieote

 

ОкоБоли главаВицФото