Шредингерова година

14.01.2021 13:58
Шредингерова  година

 

2020.
Повторливи броеви од неповторлива година.
Броевите истоветни и спарени, но годината противречна, единствена.


Додека траеше, ја сеќававме како бреме. Се влечеше во бесконечност. И пак не ја сетивме кога помина, пролета ко прашинка мигновеност. Нејзините денови еден на друг си наликуваа, меѓусебно се пресликуваа, и по ништо суштински не се делеа ниту разликуваа. Но, сепак годината во целост отскокна. Како посебна, врамена слика. Откако замина, на оваа слика се навраќаме полека, со напор. Како кон далечен, несакан спомен. А, одделните спомени пак, живо ги помниме и како на филм ги преживуваме. Ко скорешен, тукуречи вчерашен настан.

Една таква посебна и противречна година заслужува да ја спомнеме за Стара Нова Година. Зашто овој ден е еднакво противречен и симболичен. Тој е можеби предвесник за годината што нè чека. Затоа, да се обѕрнеме назад, вртејќи го погледот кон годината што измина. Свртени, да ѝ дозволиме да се отвори пред нас како година што се навестува. Да се обидеме да ја разбереме оваа Шредингерова година во целата нејзина раскошна контрадикторност. Да дознаеме како се одрази на нашето парадоксално поимање на времето и просторот. На спротивставените чувства за приватност и посебност. И како ја измести целата наша стварност.

ВРЕМЕ: И СЕГА И ТОГАШ И НEКОГАШ

Минатата година, некои од нас во еден ден остареа од траумите и неспокојството. Други пред време созреаа од насобраното искуство. Некои се вратија назад кон топлината на домот и детството. За жал, други пред време заминаа во вечноста и поменот. Сепак, сите одживеавме уште еден живот, во различни насоки и забрзано. Со едно правилно и еднонасочно кружење околу Сонцето.

Севкупно, во 2020 старовремското поимање на времето го заменивме со противречното чувство на истовременост и безвременост. Тоа нè доведе до ошумоглавеност, па дозволивме паралелно постоење на различни стварности. Ги споивме временските зони. Отваравме конференции на полноќ, состаноци држевме во глуво доба од ноќ и жестоко дискутиравме до утрините. Преговаравме во време од спиење, договори склучувавме во период за будење. И спротивно, нашите утрински приклучувања се совпаѓаа со нечиви полноќни бдеења и месечарења. Ги изместивме и биоритмите. Некои временски дезориентирани, други превработени, речиси сите работевме во трети смени. Одработувавме од полноќ до изутрина, појадувавме напладне, пладнувавме на квечерина. Ги измешавме и личните времиња. Наутро, низ бесплатните вебинари, се враќавме во детството и ученичките клупи. Напладне, преку конференциските врски се пренесувавме во сегашноста и предававме како искусни учители. Во било кое доба од денот за блиските бевме лекари, а на паузи станувавме сопствени пациенти. Времето го доживувавме од точка на нашата сегашност, но и неколку часови понапред или порано, од нечива скорешна иднина или неодамнешно минато. И навистина го осетивме времето во сета негова полнотија. Конечно ја запознавме четвртата димензија.


ПРОСТОР: И ТАМУ И ОВДЕ

Притеснети во границите од нашите концеларии и соби, се ширевме со погледи во нечиви туѓи странства и простори. Прозорите ги заменивме со екрани, но сеедно, копнеевме по најблиското, најопипливото и прозаичното. По соседството. Истовремено, низ нови предизвици ги ширевме и нашите можности и видици. Ја усовршивме способноста од место да премостуваме растојанија и да се отелотворуваме на далечина. Да се приближуваме без движење, да се осетиме без допирање, длабоко да се осознаеме без општење и поимање. Едновремено да бидеме и таму и овде, и сегде и нигде. Го преселивме просторот од реалното во виртуелното. И со него го населивме секојдневието.

ОПШТЕСТВО: ЛИЧНОСТИ И ОБЕЗЛИЧЕНОСТ

Напоредно со проширената четвородимензионалност на стварноста (за да ја вклучи временската димензија), ја стеснувавме тродимензионалноста на луѓето (да ја исклучи нивната просторна димензија). Тие осамнуваа на екраните како дводимензионални слики, аватари и емотикони. Се обзнануваа како множества букви, а се артикулираа низ зборови. Но, и така осиромашени, тие не се губеа и не згаснуваа. Напротив, омилените се множеа. Стануваа полифони и некогаш се јавуваа во три гласа: гласно изговорен збор од порака, глас во слушалка и допрен глас од нечива препорака. Истовремено ги среќававме низ лично разменети пораки, но и во туѓи коментари и дискусии на социјалните медуими. Со време, значајните се засилуваа како внатрешен глас или замислен дијалог, а неважните се губеа до шум и заборавен монолог. Луѓето годинава забрзано се претвораа во осамени, издвоени гласови и посебни прилики, или во хорови, бројки и статистики. А, општеството, истовремено гласно и занемено, во реалноста стануваше потсилено, но и обезмоќено. Напати се парализираше пред налетот неприлики, напати пребрзо се мобилизираше во нескалдни прилики. Севкупно, приликите ја потсилија подреденоста и привилегираноста, но едновремено создадоа привид на сплотеност и еднаквост. Не спрепнаа во намерата да следиме настани кои нѝ претставувале секојдневие, но истовремено нѝ дозволија да посетиме настани за кои само сме сонувале. А, ние ги гледавме со ширум отворени очи.

ПРИВАТНОСТ: ЈАВНОСТ И ПОЈАВНОСТ

Често со погледот скршнувавме, па гледавме како нè набљудуваат другите и потоа се загледувавме кон сопствениот одраз во камерите. Самозаборавени го вежбавме гласот, го прилагодувавме изгледот, си го местевме погледот. Се занесувавме како да сме целосно сами, како да вежбавме пред огледало. И навистина понекогаш имавме чувство дека си зборуваме со себе, кога нашиот глас одекнуваше осамено во просторот, додека се обраќавме кон аудиториумот. Истовремено гледани и слушнати, постојано се напрегавме за гледаност и слушаност. Кога ќе се обѕрневме кон оние кои се обзнануваа во камерите, често се соочувавме со внесено лице, преувеличени очи и втренечен поглед. И во реалноста, нивните очи се напрегаа, а нивните погледи се подаваа да дофрлат подалеку од маската. На оваа нескладна внесеност и наметливост, понекогаш одговаравме со бегство во утешителната удобност на домот. Често се јавуваме од приватноста и лезетот на спалната, исклучително од интимноста и акустичноста на купатилото. И спротивно. Приватните повици до анонимци и официјалните состаноци со соработници, ги контекстуализиравме низ нивните кујни, спални, па дури и лифтови. Сечии приватни животи се прелеваа во заедничките професионални обврски. Сведочевме подготовка на утрински појадок за време на состанок, заокружување на заклучоци напоредно со фамилијарни ручеци. Истовремено станувавме интимни и професионални партнери, лични и безлични ментори, најблиски содружници и најдалечни странци.

2021: И СТАРА И НОВА, ШРЕДИНГЕРОВА

Гледана наназад, ќе се отвори од крајот и ќе оди кон почетокот. Ќе биде извитоперена и напреку, и ќе се одвива наопаку. Па ќе започне со забраните, промените и изместената стварност, а ќе заврши со слобода, препознатливост, нормалност. Ќе биде и стара и нова. И иста и различна. Засигурно и оваа ќе биде Шредингерова. Затоа, да ѝ пристапиме со искуство, подготвеност и прилагодливост. Свесни за умноженоста на реалноста, да ги користиме паралелните прилики за да излеземе на крај со крајот. А, од таму попаметни, храбро во новиот почеток!

Слики: Leah Saulnier

ОкоБоли главаВицФото