Книжевен прашалник за Румена Бужаровска

24.03.2023 11:17
Книжевен прашалник за Румена Бужаровска

- Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

Дома имавме многу сликовници на руски и српски, се сеќавам на руските бајки. Имавме една српска книга со наслов „Полжав на патување“ (Puž na putovanju), а зборот „пуж“ ми беше смешен и чуден, инаку „полжав“ на македонски. Дедо ми, кој бил роден во Грција, секогаш ни испраќаше сликовници и касети од „Абракадабра“, а јас ги обожавав тие приказни и бајки, речиси исто колку и приказните на браќата Грим.

- Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

Хајди.

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

На Рејмонд Карвер и Фланери О'Конор, зашто најмногу ги сакам и секогаш кога ги читам се воодушевувам. И затоа што предавам, па сакам да ги читам и анализирам одново и одново со студентите.

- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

Има многу. Не читам повеќе од 50 страници ако книгата ми е досадна или е едноставно лоша. Порано тврдоглаво читав до крај, а сега сум горда на тоа што веќе не губам време на нив.

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

Не знам точно како се викаше книгата – “Најголемиот трговец на светот”? Автор е Ог Мандино. Ја најдов во нашата библиотека кога бев тинејџерка. Ми се допадна насловот, ми делуваше паметно. Ја прочитав книгата и се почувствував измамено.

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Хајди.

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?

Додека чекам во банка.

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

Денис Џонсон, „Исусовиот син“.

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?
Посакувам да напишам книга како “Линколн во бард”.

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?

Не знам зошто, но не ги разбирам романите на Џејн Остин. Ми недостасува некој елемент за да разберам како функционира нејзиното писмо. Но, веќе се договорив со една пријателка да ми објасни, па се надевам дека еден ден ќе уживам во нејзините романи.

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Џоан Дидион.

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?

Џоан Дидион, Дороти Паркер, Тенеси Вилијамс, Труман Капоти и Маргарет Атвуд.

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Со петокраки.

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

И во едниот и во другиот случај, собраните дела на Шекспир. Технички, собраните дела се целиот опус, но ха! Тој постои како книга.

- Што читате деновиве?

Writing of Women од Филис Роуз и Blood Weather од Алис Фрајман.

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото