Марихуаната како лек и како ризик

08.11.2010 11:52
Марихуаната како лек и како ризик

Државата Калифорнија со отфрлањето на законот за легализација на малите количини марихуана, повторно ја зачна една од најчестите теми на современите општества – каде и’ е местото на оваа супстанција?

Неколку нешта можат да ја расветлат оваа контроверза. Постојат две страни на приказнава кои се засноваат на различни истражувања и донеле различни заклучоци врз основа на истите информации.

Митовите за здравствениот ризик и реалноста

Основното прашање е дали активната состојка на марихуаната – канабиноидот (хемиска компонента), попозната како ТХЦ (ТНС), има некаква медицинска вредност, и дали ТХЦ им одговара на потребите кои во моментов не ги задоволува ниеден друг лек на пазарот. Во таа смисла, често се споменуваат неколку здравствени ризици:

- предозирање со марихуана

Не постои доказ дека некој умрел од предозирање, но тоа не ја исклучува можноста за оштетувања или непријатни последици кога марихуаната се консумира во огромни количини;

- памтење

Марихуаната влијае на краткорочното памтење, но само за време на користењето. Се покажа дека ТХЦ има лошо влијание и на памтењето воопшто, а честата употреба може да доведе до трајни оштетувања;

- зависност

Противниците на употребата на марихуаната тврдат дека колкава и да е медицинската вредност на ова растение, истото веќе е заменето со други и подеднакво делотворни лекови на пазарот, како и дека предизвикува зависност. Меѓутоа, обете тврдења можат да се побијат. Постојат многу лекови кои имаат исто делување како некои кои веќе постојат на пазарот, па сепак ги одобруваат, што го побива првиот аргумент. Само еден поглед на многу опијати и амфетамини покажува дека силната зависност не е некоја основа за класификација на лековите. Суштинската разлика е во тоа дека марихуаната не создава физичка зависност, а дури и да предизвикува, би било лицемерно тоа да се гледа како нешто што ја издвојува од останатите лекови;

- имунитет

Ако марихуаната ја спречува активноста на лимфоцитите во крвта, би ја загрозила способноста на организмот да се бори против инфекциите. Ова би довело некои луѓе до опасност од инфекции и болести, посебно оние со слаб имунитет (на пример, лицата со сида). Меѓутоа, не постојат докази за ова. Она што е точно, но претставува слаб аргумент, е фактот дека марихуаната го загрозува здравјето на белите дробови поради чадот;

- проблеми со срцето

Во медицинските кругови денес е прифатено дека марихуаната не предизвикува долгорочни кардиоваскуларни проблеми кај здравите лица. Меѓутоа, група истражувачи од Харвард тврди дека еден час по пушењето марихуана, ризикот од срцев удар се зголемува за пет пати. Сепак, овој „факт“ не е правилно соопштен и најчесто е злоупотребуван од страна на противниците на користењето на марихуаната. Влијанието на марихуаната на крвниот притисок е сложено и покажува противречни ефекти.