Третата книга

21.10.2019 00:09
Третата книга

 

Третата книга

Оваа книга настана дента кога собрав доволно пари да можам да го платам долгот кон Водовод и канализација на мојот Град. Кога ѝ ги предадов парите на службеничката од другата страна, таа рече...Не е доволно...

( п о е з и ј а )

 

1.

Спасување

Како настрадав пробувајќи

Да спасам една

Одамна заборавена љубов

И како

Љубовта не признава

Проби

И како за љубовта

Сѐ е стварно

И како пробав

Да ја прошверцувам

Љубовта

Во чад од цигара

И како на граница

Ме фатија по чадот

Како ја фатија љубовта

А мене ме вратија назад

На старата лекција

И како не пуштив глас

И како

Ги голтав солзите

Со чувство дека пливам во океан

И моќта на бранот

Ме вивнува во небо

А силата на моето его

Дава отпор

Поради тоа што не сака с о л е н о

Како по милионити пат

Мојата душа беше сродна

А сродната душа

На мојата душа

Зафатена со плаќање сметки

Од минатото, идното,

Од другите димензии

На светската душа

Како во име на љубовта

Му дозволив на бранот да ме носи

И мојата душа се собра во зрно сол

На врвот на ножот

Што сродната душа ми го забоде во срцето,

Во срцето на телото

Што не знае

Како е да се живее без љубов

Тело од кое ударите се одбиваат

како гумена топка

што скока

сморена од силата на земјината тежа

и во еден миг станува точка

како со помош на само една точка

ѝ ставив крај на бесконечната сага за

љубовта

растегната како стопен кашкавал

како заразна насмевка

од едниот до другиот крај на устата

што чека да голтне

да ја голтне љубовта

2.

Ако наеднаш помислиш

Животот е повторно убав

Иако ти повеќе

Не си во него

Што лошо

Може да се случи?

 

3.

Кога доаѓав на оваа планета

На улицата

веднаш до болницата

чекореа луѓе

и плукаа на тротоарот

и кога требаше да го складирам

тоа сеќавање

во некој дел од телото

одлучив да му залепам наслов

„Минато сегашно“

За да знам дека не морам

Да го отворам

Секојпат кога пред мои очи

Некој ангел станува човек

И душата си одбира тело

Во кое се испорачува

на некое породилно одделение

Тогаш по автоматизам

Се активира сеќавањето дека

Во некоја тажна болница

Донеле жена

Силувана во мирнодопски услови

Од маж со маска на човек

И темперамент на вукодлак

Некој, што во слободно време

Решава крстозборки

 

В

У

К

О

Д

Л

А

К ....јебига.пцовкаштојакористат мајкитепомирени со заменскиоттатко.

5.

Како може ваква песна да има име?

Не ме барајте во случај

На смрт на вашиот близок

Не знам да читам тестаменти

И не верувам во заветувања

Вашиот близок не може да умре

Но вашиот очај

Ќе се заниша од темел

 

6.

Погребите секогаш загребуваат под површината

И чекаат со непријатни

И неминовни изненадувања

Дека земјата освен тишини

Фосилни остатоци од некогашни корења

Вдомува и тела

Што не ја сакале

И никогаш не оделе по неа

 

4.

Семеен ручек

 

Во неделите

Кога вие со семејството ручате

Јас пешачам

По планината на моите сонови

И чекорејќи по долгата патека

Кон врвот на планината

На патот од 1000 чекори

Секој чекор е влог во идниот ручек: следната недела

Избраниот ќе ме покани на трпеза

Каде што моето тело ќе биде

Послужено

И тоа ќе биде единственото нешто што ќе може да се касне.

Претходно, ќе морам да го изрендам неговото тело

И од водата што ќе се исцеди

По 15 минути ќе капне семе

Тоа ќе биде основата на семејниот ручек

На кој нема да дојдат нашите деца

Бидејќи нема да сакаат да го напуштат сонот

Илустрации: Будимка Поповска

ОкоБоли главаВицФото