Млад сликар од Загреб со портрети на партизани се бори против релативизирањето на историјата

22.10.2019 00:17
Млад сликар од Загреб со портрети на партизани се бори против релативизирањето на историјата

Јурица Пушењак, студент на четврта година на отсекот за сликарство на Академијата за ликовни уметности во Загреб, за 2020 година подготвува изложба под наслов „Херои“ на која ќе бидат прикажани 1322 портрети на народни херои на Југославија, партизански борци, команданти и комесари, кои се истакнале со своето јунаштво и пожртвувност во Народноослободителната војна и биле одликувани со Орден на народен херој.

Портретите ќе бидат поставени во облик на мрежа со растојание од два сантиметри помеѓу секоја од сликите, на површина од 5,5 на 3,6 метри, создавајќи монумент, односно основа на поставката. Според авторот во текстот на конкурсот на Галеријата на Студентскиот центар во Загреб, „делото ‘Херои’, кое се состои од 1322 слики отвора големо поле на експеримент со фигуративниот портретен приказ и се остварува преку прогресивно/хиперпрогресивно. Освен тоа, критички се осврнува на комеморативните пракси, односно културата на сеќавање која денес станува клучна во историските интерпретации“.

Вториот дел на пријавениот проект се состои од четири слики од циклусот „Седум офанзиви“ – „Есесовец“, „Партизан“, „Урнатина“ и „Неретва“, замислени да ја следата поставката на страничните ѕидови. Како став на авторот, во образложението за изложбата се наведува: „Изразот во медиумот сликарство за мене претставува рамноправна борба со онаа која ја воделе партизаните за да ја ослободат окупираната територија: партизаните како заедница на антифашисти и слободољубиви луѓе кои пружиле отпор на далеку помоќната нацистичка војска. Во оваа идентификација, сликајќи ги партизаните, ја ослободувам територијата окупирана од претстави создадени од разни влијанија, го застапувам она што е примарно содржано во сликарството, а поседува моќ и станува ентитет по себе“.

Јурица Пушењак е роден во Загреб, 1996 година, ја завршил Школата за применета уметност и дизајн и потоа во првиот обид го поминал приемниот испит на Ликовната академија. Досега, зад себе има неколку групни изложби: на Арт Загреб, во Техничкиот музеј на Никола Тесла, изложбата „Пасионско наследство“ во Галерија Шира, потоа „Загрепските студенти на ликовната академија за фондацијата на фра Славко Барбариќ“ во галеријата „Црта“ во КИЦ Максимир, како и „Плати и носи“ во галеријата „Бачва“ на Друштвото на ликовните уметници на Хрватска. Добитник е на наградата на Ректорот на Универзитетот во Загреб за 2016/2017 година, за големото тимско научно и уметничко дело , операта на Јаначек „Итра мала лисица“, а истата година ја добил и наградата на Академијата, односно пофалница на Академијата за ликовни уметности во Загреб, за успешна работа во текот на академската година, која му е доделена и за следната 2017/18 академска година.

Иако темата на изложбата „Херои“ се чини интересна сама по себе, а е замислена архитектонски да се вклопи во просторот на галеријата на Студентскиот центар, младиот уметник е одбиен без никакво образложение. Односно, не добил никаков одговор откако во зададениот рок и според сите правила ја пријавил својата изложба и се обврзал дека сликите ќе ги заврши до 2020 година. „проверив дваесетина пати, од страв дека можеби ми избегал некој мејл, но одговор нема“, вели Јурица Пушењак.

А бидејќи неговата досегашна работа е препознаена и меѓу еснафот и од професорите на Академијата за ликовни уметности, не зачудува разочараноста на Јурица Пушењак од отсуството на каква било реакција на глаеријата која би требало да ги поттикнува токму студентските изложби. „Освен мојот општествен ангажман, оваа изложба која се состои од 1322 портрети на народните херои би можела да се сфати не само како споменик на НОВ во кој се преиспитуваат комеморативните вредности, туку и како пресметка со онаа радикална струја која е склона кон релативизирање на историските факти кои зборуваат за антифашизмот и партизаните во Втората светска војна“, тврди авторот.

Тој објаснува и како, иако толку млад, дошол до идејата за создавање на вакво монументално дело со тема од Втората светска војна. „До идејата дојдов многу интуитивно. Веќе во трета година одлучив дека ќе ги сликам партизаните, а тоа во тој момент очигледно беше нужно. Многумина не се ни свесни колку секојдневно сме бомбардирани со ревизионистички прикази на историјата, ме иритираше тоа што го гледав и слушав во медиумите, особено на Хрватската телевизија и одлучив на тоа да му се спротивставам. Освен тоа, го запознав историчарот Иво Голдстајн. Тој ми рече дека воопшто не е чудно некој денес ова да го прави затоа што, всушност таков е контекстот на времето. Тоа е мојата побуна!

Имињата на сите тие луѓе кои ги портретира, како и нивните фотографии ги пронашол во зборникот на хероите од НОБ во кој се собрани податоците за народните херои од цела Југославија. Истакнува дека не бил во контакт со Сојузот на антифашистичките борци и антифашистите на Хрватска, туку дека до податоците доаѓал сам. А бидејќи книгата е издадена во 1980 година, а ордени за народни херои биле доделувани до крајот на таа деценија, постојат и оние кои не се објавени таму. Хероите што не се во книгата и чиишто фотографии не можел да ги најде, Пушењак ги зазамислува:

„Всушност се работи за еден вид спој помеѓу документаризмот и фантазијата. Под секоја слика во книгата, пишува и кои биле тие и иако станува збор за огромен број луѓе, се разбира ги прочитав и нивните биографии“.

Тешко му да ја одреди просечната возраст на луѓето што ги слика, но најголем број тоа се млади лица, додека голем дел од нив загинале во текот на војната. Многу од нив се помлади од уметникот денес, а тој е фасциниран од таа генерациска одлучност во едно мрачно време, како и од лудата храброст во борбата за слобода.

Кога се работи за самата техника на сликање, Пушењак вели дека од ликовен аспект ова дело му отвора едно огромно поле на фигуративниот приказ. Станува збор за фрагментирано платно, портретите се работени во маслена техника, 10Х10 цм и потоа каширани во медиапан, замислени да обликуваат една голема монументална целина, со должина од над шест метри на едниот ѕид. Признава дека токму просторот на Студентскиот центар, кој со години го посетувал, го инспирирал за таква форма на поставката и неговиот концепт е „sight specific”. Се разбира, не ја отфрла можноста изложбата да биде поставена на некое друго место, а потајно се надева на просторот „Лауба“ во Загреб. Како трета опција што би била идеална ја гледа можноста, неговото дело како омаж на антифашизмот во Втората светска војна, да остане некаде како трајна поставка кога би се нашла институција што би го откупила.

На прашањето како го одредува своето сликарство, Пушењак нема едноставен одговор: „Тешко ми е така да се идентификувам, но сигурно дека врз мене многу влијаат германските нови дивјаци, една група неоекспресионисти. Поентата на ова дело е всушност хипер – прогрес, затоа што во ликовна смисла сè ми е дозоволено што за мене е исклучително важно“.

Имено, за разлика од апстракцијата, која во педесеттите години на минатиот век била бунт против дотогашниот „соцреализам“ како државна уметност, според него сега тоа е фигурацијата: „Фигурацијата денес се врати и би можело да се каже дека за мојата генерација апстракцијата е мртва. Прво беше бранот на новиот реализам, а сега се засилува струјата на слободната фигурација“.

Што се однесува до ставот на генерацијата, Пушењак вели дека неговите колеги на сето ова гледаат со одобрување како на голем и амбициозен проект. Ќе го работи вкупно две години, а досега завршил околу 450 портрети. Слика секојденвно што значи дека и летото го поминал во ателјето на Академијата, а кога ќе му попушти концентрацијата и ќе се умори од портретирањето, паралелно слика и акциски слики на борбите на Сутјеска и Неретва. Додава дека уште нема наслов за тој циклус, но работен наслов би можел да биде „Седум офанзиви“.

„Замислете, на пример, во Белград да се организира изложба насловена ‘Србија ја прикажува битката на Неретва’. Тоа би била моќна порака! Генерално, тоа била фасцинантна операција, тоа уривање на мостот, па реакцијата на германските генерали кои не можеле да се изначудат на таа наредба на Тито...Биле целосно збунети и се прашувале зошто го прави тоа. Признавам, сум гледал многу партизански филмови и ми беа голема инспирација“, открива Пушењак.

Среќен е заради тоа што неговиот потфат има поддршка и од Академијата и од професорите, особено од Золтан Новак, професорот што ја води неговата класа.: „Тој ми рече – имаш силен концепт, добро го работиш, нема што да те поправам, освен што мора многу да работиш“.

Академијата треба да се пофали и заради тоа што таму и денес најмногу се инсистира на занаетот.
„Учиме многу конкретно, занаетски, всушност класично – акт, портрет, фигурација. Тоа се работи во првите две години и систем е навистина супер, зашто во многу уметнички школи во Европа веќе не се студира така. Таму масовно никнуваат Академии за визуелни уметности, а ние и понатаму ја негуваме ликовната уметност. А потоа може да тргнеме во сопствени истражувања. Ако се изгубиме секогаш ја имаме базата на која може да се вратиме“.

Особено го мотивира факатот што по Татковинската војна се уништени огромен број споменици на антифашизмот, некои од нив врвни уметнички дела. Како припадник на генерацијата родена во половината на деведесеттите години, признава дека за тој дел од историјата не можел многу да научи во училиште зашто како која власт се менувала, така се менувале и учебниците. Затоа и го чуди тоа што на ѕидовите на загрепските училишта денес можат да се видат свастики, усташкото У или усташкиот поздрав „За дом спремни!“. Но, Академијата за ликовни уметности често организира часови на кои се зборува токму за тие споменици, организиран е и кабинет во сликарскиот оддел каде доаѓаат и архитекти и историчари на уметност и историчари, така што тие дела и таа проблематика им се познати на студентите.

Тој вели: „Уметниците се посензибилни, тие секогаш биле авангарда и се чини дека меѓу ликовњаците од помладата генерација нема такви идеолошки поделби. Уметноста е слободна и во својата суштина не може да ги поддржува тоталитарните режими, а особено фашизмот“.

Иако досега немал прилика да се поврзе со свои млади колеги од регионот, вели дека прилично се дружи со луѓе од Берлин. Имено, Берлин денес стана европска културна престолнина каде владее сосема поинаков систем на вредности. Важно му е што овој проект е генерациски единствен зашто не слушнал дека некој друг се сетил да работи нешто на слична тема.

На прашањето дали заради сликањето на портрети на партизани и народни херои доживеал некои навреди, Пушењак одговара дека немал непријатности, но признава дека имало некои остри реакции: „Поединци од уметничкото опкружување кои се занимаваат со галеристика, добронамерно ме предупредуваа дека таа тема може да биде ризична и дека сум на лизгав терен. Некои луѓе од моето опкружување беа дури и шокирани, а јас ова одбивање, односно отсуство на реакција од Галеријата на Студентскиот центар го гледам како одраз на климата во општеството“.

Според него идеално би било изложбата да биде отворена на Денот на победата над фашизмот, на 9 мај 2020 година, односно на Денот на ослободувањето на Загреб, 8 мај идната година, бидејќи овој последниов датум сосема се игнорира последните две и пол децении. Доколку некој сериозно се заинтересира и обезбеди простор, Пушењак ветува дека многу ќе се труди сите портрети и придружните слики дотогаш целосно да ги заврши.

Извор: Nacional.hr

 

Слични содржини

Европа / Балкан / Историја
Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Книжевност / Историја
Балкан / Теорија / Историја
Фотографија / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото