Отсуството на Германија

09.11.2010 14:00
Отсуството на Германија

„Zweimal Hitler bitte“, реков на касата на изложбата за Хитлер во германскиот Историски музеј. Побарав две карти, но во буквален превод (признавам, беше намерно), всушност реков: „Два Хитлера, ве молам“. Средовечната госпоѓа на касата не ни трепна. „Den gab's aber nur einmal“, ми одговори со берлински акцент: „Беше само еден“.

И беше во право, „Gott sei dank“ (Фала му на бога). Името на Хитлер уште со децении, можеби и векови, ќе биде светски симбол за злото. Ова лето, на еден базен во Калифорнија, гледав еден Американец кој се преправаше дека е „лошко“, додека децата го прскаа со пиштоли на вода. „Хитлер!“, викаа тие, „Хитлер!“.

Но не постои никакво оправдување проблемите на модерна Германија, и повремените тешкотии кои Европа ги има со неа, да се толкуваат низ призмата на Хитлер. Тоа не е само зашто до неговата смрт поминаа 65 години, туку и зашто Германија стана либерална, демократска земја и отворено општество. Еден од начините на кој Германија го постигна ова е повеќекратното соочување со своето тешко минато – последниот пат низ историското истражување кое го нарача Јошка Фишер додека беше министер за надворешни работи, а кое покажа колку длабоко господата од германското министерство за надворешни работи биле вмешани во нацистичкиот режим. Затоа изложбата за Хитлер е доказ колку далеку Германија стигна од времето на Хитлер.

Самата изложба не е нешто посебно. Иако содржи доста интересни детали, делува прилично несредено. Како да има потреба да ве потсети дека Хитлер бил Нешто Лошо. Не се осмелува докрај да ве вовлече во она што би требало да биде нејзината тема – зошто Хитлер фасцинирал и воодушевувал толкав број Германци. Би било добро, на пример, на изложбата да постои замрачена соба во која посетителот би бил изложен на целосната сила на таа фасцинација низ камерата на Лени Рифенштал. Целата атмосфера на изложбата е некако трезвена, како и тивките посетители кои се тискаат на прилично малиот простор.

На еден екран позната сцена од филмот „Големиот диктатор“ на Чаплин – во која Напалони, диктаторот на Бактерија, стигнува со воз, а го дочекува Аденоид Хинкел, диктаторот на Томанија – се менува со документарна снимка од 1937 г. на која Мусолини стигнува со воз, додека на станицата го дочекува Хитлер. (Вистинските лидери видно се натпреваруваат во мавтање со рацете.) Секако дека сцената од „Големиот диктатор“ е многу смешна, но само мојата сопруга и јас се смеевме. Без смеење, молам, ние сме Германци – или подобро кажано, Германци кои посетуваат изложба за Хитлер.

Се разбира, ако ја пребарате книгата со впечатоци, на крајот ќе пронајдете една глупава порака во која некој со детски ракопис вели дека Хитлер е „кул“. Но најголемиот дел од пораките, на многу различни јазици, покажува разбирање за она што изложбата се обидува да го постигне.

Само во еден миг почувствував врска со денешните дебати во Германија, од кои ме полазуваат морници. На едно место е изложен нацистички постер кој прикажува како луѓето кои и’ припаѓаат на „нижата раса“ би можеле бројчано да ги надминат здравите Ариевци поради високиот наталитет. Тие денови ја читав контроверзната книга „Германија се поништува самата себе си“ од Тило Саразин, социјал-демократ и поранешен директор на Бундесбанката. Освен разумните аргументи за недоволната интеграција на емигрантите и товарот кој го наметнува државата на благосостојба, Саразин го изнесува (глупавиот) став(от) дека Германија станува поглупава бидејќи го прифатила толкавиот број некултурни муслимани. Не тврдам дека Саразин е некаков прикриен нацист, но би се очекувало еден германски автор да покаже посебна чувствителност кога во прашање се ставови за генетските карактеристики на разни етнички групи. Ако ова прашање го оставиме настрана, она што стана познато како „саразинова дебата“ во основа не се разликува многу од контроверзните ставови за муслиманската емиграција во Холандија, Шпанија, Италија или Британија. Германската дебата не е ништо полоша, ама ни подобра. Кога се работи за овој проблем, како и многу други, Германија стана „нормална“ европска земја.

Но што се однесува до војниците во тенковите, единствените Европејци кои денес сериозно тоа го прават се Британците и Французите – иако и тие признаваат дека тоа го можат само со здружени сили. Како и најголемиот дел од европските армии, германската војска работи многу корисни нешта, но војувањето не е едно од нив. Bundeswehr по духот е многу поблизок до Армијата на спасот отколку до Хитлеровиот Wehrmacht.

Наместо тоа, она што Германците денес го прават со голема досетливост, дисциплина и делотворност, е производство на нешта кои луѓето во другите земји сакаат да ги купат. Можеме да им завидуваме, ама кој може да ги обвинува? Апсорбирајќи неверојатно големи пари за обединување на Германија (околу 1,6 трилиони евра), постигнувајќи консензус за намалување на единичниот трошок за труд (во време кога овој трошок неконтролирано се зголемуваше во земјите како Грција), користејќи ги предностите на еврото (стабилна светска валута, соседи во еврозоната кои не можат да конкурираат со девалвација на својата валута), како и користејќи ги новите пазарни можности во Кина и другите земји – германската економија напредува додека другите се сопнуваат.

За волја на вистината, успехот на Германија лежи во еден парадокс: кога сите други би се однесувале како Германци (извезувајќи и штедејќи повеќе), како што Германците тврдат дека би сакале да прават нивните партнери во еврозоната, самите Германци не би можеле да продолжат да се однесуваат како Германци. Нивниот модел на извоз зависи од екстравагантните припадници на другите нации кои ги купуваат нивните производи.

Во Европа, како и во светот, Германија сè повеќе се стреми кон следење на сопствените национални интереси, па и независно од другите држави доколку тоа е потребно (на пример, кога се работи за билатералниот енергетски однос со Русија), и дефанзивно да одговара на притисоците одвнатре: независно од тоа дали се работи за забавување на безвизниот режим за земјите од Балканот, за да се смири јавното мислење кое јасно го претставува ставот на Саразин, или барањето промена на Лисабонскиот договор кога се работи за еврозоната, меѓу другото, за да се одбрани од својот сопствен евроскептичен уставен суд. Британците и Французите, кои отсекогаш ги следеле своите национални интереси, последни имаат право да се жалат поради тоа.

И покрај сево ова, ни недостасува единствен германски ангажман во Европа кој беше одлика на надворешната политика на федералната држава, од Конрад Аденауер до Хелмут Кол. Една од причините за забавување на европскиот проект е фактот дека германскиот мотор повеќе не може да го влече напред. Денес е многу појасно што Германија сака од Европа отколку што сака за Европа. Германскиот министер за надворешни работи Гвидо Вестервеле се обиде да ни го објасни ова во неодамнешниот говор во Берлин, ама одговорот по некое чудо се изгуби во пивтиестото нео-геншеровско дрдорење.

Факт е дека на Германија сè уште и’ е потребна Европа, исто колку и Европа на Германија: не поради старите причини, кои имаат врска со Хитлер и светот од 1945, туку заради новите, кои многу повеќе се однесуваат на Ху Џинтао и светот каков што најверојатно ќе биде во 2045.

Извор: Guardian

Илустрации: Peanut to the butter

ОкоБоли главаВицФото