Во Финска владеат жените

21.12.2019 01:44
Во Финска владеат жените

„Жените владеат со Финска“, одекна ширум светот веста за изборот на Сана Марин за премиерка на оваа напредна скандинавска држава. Тоа не беше медиумски атрактивно само заради фактот дека се работи за жена, туку и заради тоа што Сана има само 34 години и израснала во истополова заедница. Како сето тоа да не е доволно, сите партии со кои нејзината Социјалдемократска партија е во коалиција,исто така ги водат жени на рана и средна триесетгодишна возраст.

Една од нив е и 32 – годишната Ли Андерсон, лидерка на Левиот сојуз и министерка за образование. Тој понеделник, на 9 декември, кога веста за „финските жени“ проструи низ светот, помалку несигурно зачекори на говорницата во „Finlandia Hall“ на отворањето на конференцијата насловена „PISA & Beyond“, во чијашто работа учествував.

За оние навикнати на хрватските политичари и политичарки, нејзината појава изгледаше малку зачудувачки. Млада личност, чија фотографија беше објавена ширум светот, од Кина преку Хрватска до Чиле, слободно разогавара со луѓето околу себе. Без некој што директно ќе ѝ го даде говорот што го напишал некоја друг. Без никој што ќе ѝ ја држи чантата и што неприкосновено држи и чаша вода во случај да ожедни. Без никој од министерството да го фотографира важното обраќање на важната министерка во важен момент. Без никој да ја потсети дека треба да се насмевне. Без обезбедување и возач.

Поуспешни од мажите во сè

Министерката зборуваше за тоа дека резултатите на финските петнаесетгодишници се добри, но дека како систем треба дополнително да се работи на тоа образованието да биде уште поинклузивно и на сите во финското општество да им се овозможи шанса со образование. Исто така, таа рече дека во финското образование постои јасна насока врз која во помала мерка влијаат политичките партии и дека таа насока е таква што се обраќа на сите ученици, воспитно – образовни работници и на односот меѓу училиштата и заедницата. На крајот порача дека, иако сè изгледа во ред, работите треба да се менуваат. Тоа беше говор без шминка, без потреба пред другите да се претставуваш подобар отколку што си, без претенциозност, без лажни насмевки, без популизам, без триумфализам, без евтини партиски интереси. Под хрватскиот стандард – многумина би помислиле. Од аспект на политичка функционалност – неписмено, би рекле поискусните во хрватската политика.

Ли Андерсон, министерка за образование во владата на Финска

Дел од овјаснувањето зошто во Финска жените се на власт се наоѓа и во резултатите на испитувањата ПИСА. Освен што нивните резултати се надпросечни кога станува збор за сите три функционални писмености, што системот и натаму им е социјално праведен, а учениците надпросечно задоволни од животот, финското оразование го карактеризираат изразити родови разлики. Во повеќето држави девојките се поуспешни од момчињата во читачката писменост, но во Финска се значително поуспешни од машките колеги и во математичката и природно – научната писменост. Може да се каже дека генерално се поуспешни во сè од машките колеги, па зошто не би биле и во политиката?

Нашите ученици пак, постигнуваат потпросечни резултати веќе 13 години, колку што Хрватска учествува во ова меѓународно истражување, притоа стагнирајќи во читателската и математичката писменост а со негативен тренд во природно – научната писменост. Речиси третина до нашите петнаесетгодишници не е математички функционално писмена, а во Финска тој процент изнесува само 14,9 отсто. Оние кои се на највисоко ниво на математичка писменост во Хрватска се само 0,8 отсто. Истовремено во Словенија процентот на тие ученици изнесува 3,1 отсто, а во Полска 4,1 отсто. За лажните политички суверенисти, кои од меѓународното соочување повеќе ги сакаат балканските натпревари со висок ризик и низок домет, иако со послаб просечен резултат, во Србија процентот на тие ученици изнесува само 1 отсто. Воопшто не ни е грижа, би рекле оние кои го водат хрватското општество без оглед на родот. Се работи за меѓународен заговор – би порачале уважените јавни коментатори. Ни нема помош, би кажале хрватските песимисти. И сите би грешеле.

Слични сме со Финците - повеќе отколку што се чини

Квалитетот на образовниот систем не се одразува исклучиво во резултатите на учениците. Подеднакво е важно и тоа колку системот е социјално чувствивтелен и праведен. Хрватскиот систем и понатаму го краси особината за не поттикнување на големи социјални разлики. Во Хрватска, млада личност која доаѓа од помалку привилегирано опкружување има прилика со образование да ги оствари своите желби и соништа. Тоа е систем во кој и натаму не ти се затвораат сите животни прилики ако имаш 15 години. Нашите млади луѓе, истовремено се позадоволни од животот од своите врсници од западна Европа и особено од оние кои постигнуваат најдобри резултати, а кои живеат во земјите на Далекиот исток. Вистина, како општество мораме интензивирано да работиме на подобрување на резултатите од воспитанието и образованието, но истовремено имаме некои особини кои се квалитетни и добри. Што значи дека сме послични со Финците отколку што се чини.

Нашиот систем на основно образование уште во времето кога живеевме зад „тешката и сурова Железна завеса“, кога ќерка на месар можеше да се школува во САД, моделиран е токму според скандинавскиот систем на воспитание и образование. Единствено основно училиште. Запишување според местото на живеење. Инсистирање на елементите на поддршка за учениците кои заостануваат во учењето. Вклучување во образованието предмети во кои се проучуваат практични знаења и вештини како домаќинство. Сето тоа ни било и ни е заедничко.

Протест на наставниците во Хрватска

Проблемот на хрватската политика е во тоа што ги заборавила воспитувањето и образованието, и тоа намерно. Полесно е да предводиш луѓе на кои систематски не им овозможуваш опкружување во кое би развивале критичко мислење за светот околу нив. Во таа намера се заборавило дека се работи за систем кој е потребно континуирано да се модернизира, најмногу во поглед на тоа како да се подучува и како да се вреднува. За систем во кој должно внимание треба да им се посвети на воспитно – образовните работници. За нашите политичари и политичарки, образовните реформи и натаму завршуваат со објава на некоја документ во Службен весник, а модернизацијата за нив значи таблет во рацете на ученик од трето оделение во основно училиште.

Хрватска ги има сите предуслови за да во образованието биде успешна како и Словенија, па дури и како Финска. Основните елементи на нашите системи се многу слични. На луѓето во Сисак и Трогир, исто како и на оние од Велење и Оул образованието им енавистина важно. Со малку повеќе мудрост и трпение, нашите деца, освен што се задоволни, би можеле да имаат подобри резултати и во образованието. Слушајќи ја Ли Андерсон како отворено зборува за својата држава и системот што го води, човек би можел да се чувствува само посрамотено. И тоа не затоа што е жена, ниту затоа што е млада. Родот и возраста немаат со тоа никаква врска. Туку затоа што зборува искрено и без шминка и со цел додека е на таа позиција да направи нешто добро за својата земја. Писменоста е тоа што потешко се развива. Се работи за знаења и вештини што хрватските политичари и политичарки мора да ги стекнат. Сакале или не.

Извор: tportal.hr