Класата и образованието

31.08.2022 01:44
Класата и образованието

„Изнајмивме таван за 25 шилинзи годишно, купивме неколку стари клупи и маси, позајмивме столици од луѓето од зградата, купивме јаглен за 1 шилинг... тоа беше почетокот на нашиот колеџ.“

Така зборуваше Џозеф Гринвуд, кројач во една ткајачница во Западен Јоркшир, сеќавајќи се како во 1860 година помогнал да се покрене колеџот Калоден, едно од стотиците работнички училишта основани во 19 век во Велика Британија. „Меѓу нас немаше луѓе на високи позиции ниту со универзитетски дипломи. Студентите кои се истакнуваа со знаење во одредени области беа поставени за предавачи, па се случуваше наставник по еден предмет да биде слушач на часовите по некој друг предмет.“

Приказната на Гринвуд е една од многуте кои ги собра и објави Џонатан Роуз во класикот со наслов Интелектуалниот живот на британската работничка класа, величествена историја на борбата на работните луѓе да стекнат образование, почнувајќи од најраните автодидактички обиди на Работничкото образовно друштво. За луѓето кои ѝ припаѓале на таа традиција образованието не се сведувало на отворање пат кон подобро платени работни места, туку подразбирало развој на нов начин на размислувања за светот.

„За мене книгите станаа симбол на општествена револуција“, пишуваше Џејмс Клуни, молер кој во педесеттите години стана лабуристички пратеник за Данфлермајн. „Работникот веќе не е оној 'што сече дрва и носи вода' туку стана... свој сопствен водач, адвокат писател, еднаков со другите луѓе“. До објавувањето на книгата на Роуз во 2001 година, таа традиција главно изумре. Следните две децении исчезна и претставата за образованието како средство за ширење на видиците.

Универзитетот Рохемптон на југозападот од Лондон неодамна потврди дека ќе отпушти и повторно ќе вработи половина од својот наставен персонал. Барем 65 вработени трајно ќе ја изгубат работата. Веројатно ќе згаснат 19 катедри, вклучувајќи ги класичната филологија и антропологијата. Универзитетот сака да се фокусира на „образование за кариера“.

Тоа е последниот во долгата низа случаи за редуцирање на програмата на хуманистичките науки на британските универзитети, од јазиците на Астон до англиската книжевност на Шефилд Халам. Таквите промени покажуваат трансформација во улогата на универзитетите која е резултат на дејствувањето на три актуелни трендови: тоа се излегувањето на високото образование на пазарот, третирањето на студентите како потрошувачи и инструментален пристап до знаењето.

Извештајот на Робинсон за високото образование од 1963 година содржеше предлог за ширење на универзитетската мрежа со образложение дека образованието е добро самото по себе. „Потрагата по вистината е суштински важна функција на институциите на високото образование“, пишуваше во извештајот, „а процесот на образование е важен заради улогата која ја има во стекнувањето нови сознанија“.

Извештајот на Браун за финансирањето на високото образование од 2010 година покажува сосема поинаков пристап. Значењето кое им се припишува на универзитетите првенствено е од економски вид. „Високото образование е важно“, се вели во извештајот, зашто на студентите им овозможува да пронајдат работни места кои се „подобро платени“, пружаат поголемо задоволство и придонесуваат за економски раст на општеството“.

Утилитаристичкиот пристап на образованието често е претставуван како обид за помош на студентите од редовите на работничката класа да се подготват за пазарот на трудот. Но она што таквиот пристап заправо им го порачува е дека треба да се држат до образованието кое е соодветно на нивната општествена положба. Оттука филозофијата, историјата и книжевноста стануваат играчки за богатите и привилегираните.

Односот на образованието и класата се промени на уште еден начин. Извештајот на Институтот за истражување јавни политики (ИППР) од неодамна, укажува на отсуство на разновидност и пропорционална застапеност во популацијата на парламентарните пратеници, што беше тема на бројни дебати во последно време. Извештајот открива „репрезентативно заостанување“ од пет проценти според критериумот етничка припадност - етничките малцинства кои сочинуваат 15 проценти од популацијата имаат 10 проценти пратеници. Разликата во застапеноста во парламентот и општата популација изнесува 17 проценти за жените и 27 проценти за работничката класа. Сепак, најголемата разлика се добива според нивото на образование - 86 проценти од пратениците учеле на универзитет, додека за општата популација тој процент изнесува 34 проценти. Јазот помеѓу гласачите и оние што управуваат се манифестира во доменот на образованието дури и повеќе отколку преку класната поделба.

Во последниве 30 години се зголеми уделот на жените и пратениците кои им припаѓаат на малцинствата. Бројот на пратениците од работничката класа драматично опадна. Во составот на парламентот од периодот 1987-1992 година, пред влегувањето во парламентот дури 28 проценти од лабуристичките пратеници работеа во производството или работеа на работни места кои не бараат високи квалификации. До 2010 година тој удел опадна на 10 проценти, за во 2019 да порасне на 13 проценти. Сосема очекувано, за ториевците тој удел изнесуваше 5 проценти, за во 2019 година да опадне на 1 процент.

Опаѓањето на бројот пратеници од работничката класа делумно беше предизвикано со тоа што институциите кои на работниците им пружаа јавна платформа, особено синдикатите, практично исчезнаа. Мик Линч од Националниот синдикат на работниците во транспортот и неговите успеси во одбраната на работничките права привлекоа големо внимание. Пред 50 години имаше многу повеќе такви луѓе, зашто тогаш работничката класа имаше поважна улога во политичкиот живот.

Во меѓувреме образованието стана означувач на општествените разлики на уште еден начин. Политикологот Дејвид Рaнсиман вели дека со прифаќањето на технократското устројство во западните општества се формираше „нова класа експерти за кои образованието е предуслов за влегување во редовите на елитите“ - банкари, адвокати, лекари, јавни службеници, стручњаци, академски кадри. Реалната поделба кај образованите не е „помеѓу знаењето и незнаењето“. Во прашање е „конфликт на различни погледи на светот“. Затоа образовното ниво беше важен маркер и во поделбите кои ги создаде брегзитот.

Сето тоа наведува некои луѓе на заклучок дека главната линија на политичките поделби во денешна Британија е образованието, а не класата. Истовремено, образованието е еден од најважните изрази на класната поделба и средство за нејзино прикривање.

„Ако некому на светов му е потребно образование“, во 1932 година пишуваше Џек Лосон, рудар од Дарам, „тогаш тоа е човекот кој ја работи работата што ни е најпотребна, а за тоа добива најмала награда“. Овие зборови и денес се подеднакво вистинити како и пред 90 години.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Banksy Street Art

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото