Секоја политика е класна политика

06.02.2023 01:39
Секоја политика е класна политика

„Во земјава веќе нема примарна сиромаштија“, изјави Маргарет Тачер за Catholic Herald 1978, пет месеци пред да стане британска премиерка. „Има сиромаштија предизвикана од незнаење да се управува со домашниот буџет, луѓето не знаат како да ја трошат својата заработка“, но таквата сиромаштија не е производ на социјалната политика туку „дефект на личноста“. Во своето обраќање од 1996 година, шест години откако пратениците од нејзината партија ја избркаа од функцијата, Тачер повторно истакна дека „сиромаштијата не е материјална туку бихејвиорална“.

Помеѓу двете изјави, во текот на нејзините 11 години на власт, реалноста на политиката на Маргарет Тачер - намалување на највисоките стапки за оданочување со истовремено намалување на социјалните давачки, уништување на производствената индустрија и синдикатите - доведе до огромен пораст и сиромаштија и нееднаквост во Британија.

Мантрата дека сиромаштијата „не е материјална туку бихејвиорална“ не е специфично тачерска. Уверувањето дека одговорноста за сиромаштијата ја сносат оние кои се сиромашни и депривирани, а дека сиромаштијата и нееднаквоста се морални, а не политички прашања, има длабоки историски корени и влијае на јавната политика и денес.

Долга е историјата на обвинувањето, па дури и казнувањето на сиромашните за нивната беда: од викторијанскиот поим „незаслужни сиромаси“, преку тезата за „култура на сиромаштијата“ од шеесеттите и крстоносниот поход на новите лабуристи на „проблематичните семејства“, до Иан Данкан Смит кој ќе ги ограничи издвојувањата за родителите со повеќе од две деца за да ги научи сиромашните дека „децата чинат“, небаре тие не го знаат тоа.

Последниве неколку години, додека ториевците се обидуваа да се претстават како сојузници на работничката класа, во британското општество отворениот разговор за класата е турнат во втор план. Но експлозијата штрајкови минатата година и падот на поддршката на конзервативната влада вратија во оптек многу стари теми.

Како да постојат две Британии: една е онаа во која живеат повеќето од нас, а другата онаа од фантазијата на ториевците. Постои Британија во која минатата година приходот ба најсиромашната петтина од населението опадна за 3,8 проценти додека приходот на најбогатата петтина порасна за 1,6 проценти. Во оваа земја поранешниот министер за финансии „невнимателно“ пропушти да плати повеќе пари на име данок отколку што повеќето медицински сестри ќе заработат во животот. Во неа луѓето умираат од хипотермија зашто не можат да си дозволат греење.

А тука е и Британија во која, како што пишува Дејли Мејл повикувајќи се на извештајот за „зависност од државата“ на конзервативната организација Сивитас, повеќе од половина од населението добива „нешто за ништо“. Во таа земја данокот на приход наводно е „прикриен данок“, заради кој најбогатите се принудени да плаќаат повеќе. Во неа Ли Андерсон, ториевски пратеник од Ешфилд, им дели лекции на медицинските сестри како попаметно да ги трошат парите.

Прашање е дали Дејли Мејл сфаќа дека најбогатите десет проценти од граѓаните плаќаат половина од вкупниот данок на приход зашто поседуваат половина од вкупното богатство во оваа земја. Некој исто така би можел да се запраша дали пратеникот од партијата чиј поранешен лидер мораше да бара заем од 800 000 фунти зашто не можел да преживее со премиерската плата од 164 080 фунти, е во позиција на медицинските сестри - кои годишно заработуваат 30 000 фунти - да им држи предавања зошто би требало да бидат благодарни за она што го добиваат.

Поголемата индивидуализација на општеството во годините по Маргарет Тачер и ерозијата на класите како израз на колективна свест, овозможија сиромаштијата да се претстави како производ на морален неуспех, наместо како општествен проблем, како последица на индивидуалното дејствување а не на структурните нееднаквости.

Ако долгогодишното уверување кое вината му ја припишува на поединецот ја деформираше дебатата за сиромаштијата, на дебатата за нееднаквоста влијаеше еден посовремен тренд: растечка тенденција еднаквоста да се посматра во рамки на „различностите“. „Кога ќе побарате поголема еднаквост тие ви велат повеќе различности“, забележува американскиот професор Волтер Бен Мајклс. „Но разновидната елита не престанува да биде елита зашто е разновидна.“

Забелешката на Мајклс е дел од новата збирка есеи со провокативен наслов Секоја политика е класна политика. Тој и неговиот колега, професорот и активист Адолф Рид помладиот, текстовите ги пишувале последниве 20 години, критикувајќи го преминот од еднаквост на различност и бришењето на класите преку анализа на нееднаквоста. Рид и Мајклс не го негираат значењето на расизмот и дискриминацијата на жените, но инсистираат на централното место на класата во секоја дискусија за општествените нееднаквости.

Моралната сила на барањето за различност произлегува од фактот дека многу групи - расни малцинства, жени, гејови и други - историски се соочувале со дискриминација и биле исклучувани од позициите на моќ и привилегиите. Затоа, тенденцијата кон поголема различност се разбира како тенденција кон поголема еднаквост и обид да се отстранат бариерите на исклученоста.

Еднаквоста и различноста не се синоними. Дури и додека општествата и институциите стануваат поразновидни, во многу од нив нееднаквостите се продлабочуваат. Како што забележува Рид саркастично, создадена е „морална економија“ каде „општеството во кое 1 процент од населението контролира 90 проценти од ресурсите може да се смета за праведно под услов од оној 1 процент околу 12 проценти да се црни, 12 проценти Латиноамериканци, 50 проценти жени, со соодветна пропорција на ЛГБТ+ лица“.

Со други зборови, политиките на различност не доведуваат нужно до преиспитување на нееднаквоста, туку само ја прават „поправедна“. Повеќето од оние кои заговараат политики на различност го прават тоа зашто се гнасат од нееднаквоста. Но во преминот од „еднаквост“ на „различност“ остануваат заборавени најмаргинализираните. Фокусот се помести од решавање на потребите на работниците, од малцинските заедници на пружање подобри можности за професионалците од средната класа. „Тоа што некои се припадници на малцинствата се богати и влијателни не е победа на сите црни луѓе“, забележува Мајклс.

Сите важни прашања на денешницата се обликувани од класните поделби. И кога морализираме занимавајќи се со сиромаштијата и кога со еднаквоста се занимаваме преку поимот на различноста, ние само го замаглуваме влијанието на класното припаѓање на реалните животи на луѓето.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Tobbe Malm

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото