Екстремен капитализам

19.10.2022 02:46
Екстремен капитализам

Главната мистерија на нашето време е содржана во следното прашање: зошто се чини дека никој не е во состојба да замисли алтернатива во момент кога целиот политички и општествен систем е вон контрола и во тотален хаос? Наместо да го испорача добриот живот што го ветуваше, економскиот систем создава хаос и сиромаштија за милиони луѓе. Оние кои управуваат со системот извлекуваат огромен профит од хаосот и неизвесноста. А политичката класа ѝ се поклонува на економската теорија која стана бесмислена и веќе не функционира.

Штотуку го завршив филмскиот серијал од седум епизоди со наслов Trauma Zone(целиот наслов „Russia 1985-1999 TraumaZone: What It Felt Like to Live Through the Collapse of Communism and Democracy“) чија тема е вториот период во кој се случуваше нешто слично. Тоа беше во Русија во деведесеттите години од минатиот век, по падот на комунизмот. Новите власти започнаа експеримент со идејата за создавање екстремен облик на комунизам. Ги направив овие филмови зашто мислам дека ние на запад не ги разбираме размерите на катаклизмата низ која помина Русија, при што се уништени темелите на руското општество.

Користев единствен извор за градивото: илјадници часови немонтиран филмски материјал кој во тоа време го снимал персоналот на Би Би Си во Русија. Голем дел од него досега не е виден. Тоа е извонредно градиво зашто се бележени искуствата на руските граѓани на секое ниво од општеството додека нивниот свет се распаѓаше: од внатрешноста на Кремљ до замрзнатите рударски градови од арктичкиот круг, од животот во малите села во огромната степа до вооружените престрелки во шумите и планините на Кавказот.

Додека го прегледував снимениот материјал, сфатив дека врз него не треба да одат ни мојот глас ни музика. Сликите беа толку моќни што каков било придружен звук би бил излишен. Одлучив да не се мешам, туку едноставно да ги оставам гледачите да го доживуваат она што се случува токму од тоа - гнев, насилство, очајување и сеприсутна корупција - се појави Владимир Путин. Додека се занимавав со тоа, сè поголемиот хаос тука во Британија ме наведе да ги воочувам паралелите. Секако, постојат големи разлики помеѓу нашето и руското општество од пред 30 години, но колку повеќе нешта дознавате за тамошниот екстремен економски експеримент и она што се случува овде денес со сегашната влада, толку ви е појасно дека причинте за овие две ситуации се слични и дека немаат никаква врска ни со капитализмот ни со комунизмот.

За наметнатиот експеримент на „шок терапија“ беше задолжен Јегор Гајдар, човек од врвот на комунистичкиот режим. Дедо му беше најпознатиот детски писател во Советскиот сојуз, а жена му беше ќерка на еден од браќата Стругацки, автори на научнофантастички романи (според еден од нивните романи е снимен филмот Stalker). Овој економист кој ќе стане премиер започна да воведува совршен капиталистички систем во Русија. Според сопствените зборови, морал да работи брзо за да може засекогаш да спречи враќање на комунизмот. Преку ноќ ја отстрани контролата на цените, а владата се откажа од сите обиди за управување со системот. Според зборовите на Гајдар, целта била создавање нова зона на целосна слобода во која системот, и покрај почетните тешкотии, сам ќе ја пронајде својата природна рамнотежа.

Но ако погледнеме повнимателно ќе видиме дека тој план немаше голема поврзаност со слободата. Впрочем, тоа беше искривена верзија на светот, налик на машина која ја придвижуваат псевдонаучни идеи. Гајдар веруваше дека слепите „сили на слободниот пазар“ ќе делуваат како „пазарни поттици“ кои автоматски ќе ги впрегнат луѓето во рационални обрасци на однесување. Во реалноста тоа се одвиваше како сиров и суров систем на инженеринг кој требаше да ги прилагоди луѓето на функционирањето на новиот систем. Би можело да се каже дека тоа беше обратна слика на советскиот план. Однесувањето на луѓето сè уште беше контролирано, само на поинаков начин.

Овој експеримент не успеа и предизвика тотален хаос.

Моменталната британска влада на чело со Лиз Трас најавуваше сопствен експеримент на екстремен капитализам. Нејзините идеи се засновани на делото на славниот австриско-британски економист Фридрик Хаек. И левицата и десницата го гледаат како творец на слободниот пазар, она што го нарекуваме „неолиберализам“. Но идеите на Хаек, кои силно влијаеја и на Гајдар, се многу посложени и понеобични.

Хаек веруваше дека економијата е клучна за иднината на светот, зашто може да ги запре обидите на елитите да замислуваат нови видови општества. Во својата книга Патот кон кметството вели дека во новата доба на масата не е можно да им се наметне визија за иднината на милиони луѓе, а тоа да не се претвори во ужас сличен на фашизмот или комунизмот. Наместо тоа, Хаек предложува епска визија во која милиони заедно ќе создаваат општествен систем со помош на сигналите кои си ги испраќаат едни на други. Во јадрото е системот за формирање на цените. Државите би морале да се повлечат и да не ги контролираат цените - да овозможат „спонтан поредок“ без централна контрола. Луѓето, а не политичарите, заедно ќе создаваат ново општество како „економски актери“.

Економијата им беше важна на политичарите само како средство кое ќе им помогне да изградат и одржат општества какви што сакале. Но во 1979 година Маргарет Тачер започна експеримент со кој ја воведе економската логика во самото јадро на политичкиот систем. Нејзиниот експеримент речиси веднаш излезе од контрола. Не само што предизвика голема инфлација, туку беше и една од главните причини за деиндустријализацијата на британското општество. Како што признаа нејзините соработници, Тачер брзо се откажала од овој експеримент и се насочила кон банките. Бранот евтини пари и кредити успеа да ги прикрие проблемите сè до финансискиот крах во 2008 година.

Големите идеи на Гајдар и Хаек имаа многу мала врска со идеите на слободниот пазар. Впрочем тие се темелеа на соништата дека науката и рационалните системи можат да ја заменат политиката, зашто на тој начин би се избегнале човечката хаотичност и неизвесноста кои постојано ја исфрлаат политиката од колосек. Всушност, советскиот систем кој сакаше да го замени Гајдар и самиот беше вкоренет во псевдонаучни соништа и немаше врска со комунизмот.

Во триесеттите години од 20 век, во Советскиот сојуз на чело со Сталин, старата идеологија беше заменета со џиновски експеримент. Човечките битија станаа шрафови на системот со кои може да се управува на рационален начин, со предвидливи исходи. Такви идеи цветаа во Америка во триесеттите години и масовното движење „технократија“ доживеа голем подем. Мажите и жените „рационално“ облечени во сиви одела патуваа низ САД пропагирајќи го она што го нарекуваа „Технат“ - нов вид општество со кое рационално ќе управуваат инженери. Еден од нивните угледни членови беше дедото на Илон Маск.

Всушност, сите овие движења беа производ на изопачената, погрешна амбиција на науката да ја приграби и насели областа на политиката. Во реалноста овие експерименти пропаѓаа секогаш. Било во Советскиот сојуз или во Британија во осумдесеттите години или со шок терапијата на Гајдар, а сега со Лиз Трас, тие никогаш не испорачуваат рационален систем. Впрочем, го прават токму спротивното: систем со сè поголема нееднаквост кој на малубројната елита ѝ овозможува да ги експлоатира сите други. Притоа се укинуваат сите политички лостови кои би можеле да го запрат овој процес.

Така во Русија со застрашувачка брзина се отвори јаз помеѓу богатите и сиромашните. Луѓето немаа за храна и енергија, а здравствениот систем колабираше. Во Москва имаше недостаток од компири додека новата елита приредуваше балови по примерот на оние од 18 век во старите дворци во близина на Санкт Петербург.

Од снимениот материјал се гледа како менаџерите и гангстерите безобѕирно ги остваруваат сопствените интереси преку нови начини на ограбување на државата која пропаѓа, како машините во „банките“ на олигарсите постојано бројат милиони банкноти пред да ги тргнат во офшор зони. И никој во политичкиот систем не може да ги запре. Во средиштето на сето тоа беше сè попијаниот претседател Елцин, кој седеше во Кремљ зјапајќи во ѕид и потоа му рече на својот телохранител: „Ја пљачкосуваат Русија“.

И во Британија квантитативното попуштање и неговата последица - екстремниот раст на цените на акциите и сите видови имот - ги уништуваат животите на милиони луѓе на ист начин на кој тоа го правеа олигарсите во Русија во деведесеттите години од минатиот век. Слободата која ја нуди овој вид техната секогаш е многу ограничена: луѓето се само шрафови во системот, слободни да прават што сакаат, но само во границите на економската логика на железниот кафез на псевдонаучните економии - свет во кој танцуваат, но секогаш во ланци.

Во ова време на економски хаос, многу е важно да се размисли за сè низ што поминаа западот и Русија во последниве 50 години. Можеби не беа погрешни ни комунизмот, ни слободниот пазар, туку технатата. Економијата треба да се ослободи од псевдонауката која политичарите ги држи во смртна замка - и да се погледнат и капитализмот и комунизмот од аспект на вредностите и тенденциите кои ги содржат. Таквиот пристап би можел да вроди со нови алтернативни визии за иднината.

Превод: Алек Кузмановски

Сликите се од документарниот филм на Адам Куртис: Russia 1985-1999 TraumaZone: What It Felt Like to Live Through the Collapse of Communism and Democracy

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото