Фантазии за границите

09.12.2022 02:26
Фантазии за границите

Британската министерка за внатрешни работи Суела Брејверман е во право кога констатира крах на системот. Но греши во сè друго, особено кога се занимава со причините за тој крах. Тој не настана заради навалицата мигранти и баратели на азил, а секако не заради нивната „инвазија“ на Британија, туку е резултат на политиката која и намерно и случајно ја испушти од раце совладливата ситуација и ѝ дозволи да прерасне во хронична криза.

И покрај зголемената хистерија во општеството, бројот на баратели на азил во Британија се намалува. Бројот на луѓе кои со чамци го преминуваат Ламанш драматично се зголеми - од 299 во 2018 на можни 50 000 годинава. Но поголемата видливост на барателите на азил не е исто што и порастот на нивниот број. Луѓето го преминуваат Ламанш во чамци зашто другите рути се затворени - тунелот под Ламанш, траектот и воздушните линии. Од искуство знаеме дека кога ќе се затвори една рута, мигрантите и барателите на азил бараат други, често поопасни патишта.

Како и да е, вкупниот број на овие луѓе сè уште е релативно низок. Според Опсерваторијата на миграциите при универзитетот во Оксфорд, 103 081 лице побарало азил до 2002 година, а едвај половина од оваа бројка - 56 495 - го направиле тоа минатата година. (Парламентармниот брифинг дава малку пониски бројки за двете години, но укажува на ист тренд.)

Она што е променето е бројот необработени барања за азил. Некаде до 2012 година разликата помеѓу вкупниот број предадени барања за азил и бројот на барања кои сè уште не се обработени била релативно мала. Тој расчекор се зголемувал со текот на времето, особено од 2018 година. Кон крајот на 2010 година имало 5 978 предмети за кои сè уште не е донесена првостепена одлука; до крајот на 2018 година имало 27 256 такви предмети, а до вториот квартал годинава речиси 100 000. Бројот на нерешени предмети изминатава деценија растеше околу 15 пати побрзо од бројот на барања за азил.

Јасно е дека имаме проблем со капацитетите. Од 2016 година значајно опадна бројот на службеници кои ги донесуваат овие одлуки. Во 2014 година речиси 80 проценти од барањата беа решени во рок од 6 месеци. Денес се помалку од 10 проценти.

Проблем е и политиката. Основата на британската имиграциска политика, како и во повеќето западни земји е стратегијата на одвраќање, со што на нерегуларните мигранти им се отежнува животот за да се обесхрабрат воопшто да тргнат на пат. Од една страна, огромното заостанување во обработката на азилантските барања, како и пренаселеноста и ужасните услови во собирните центри претставуваат неуспех на политиката, но од друга, сето тоа се средства за одвраќање поголем број баратели на азил. Тој пристап доведе до програмата за создавање „непријателско опкружување, која ја донесе една од нашите претходни влади. Затоа министерот Крис Флип смее да каже дека барателите на азил се „помалку дрски“ кога се жалат на условите за сместување.

Одвраќањето функционира ретко. Брутално суровата имиграциска политика на ЕУ, со 25 000 удавени во Медитеранот само од 2014 година, не доведе до прекин на нерегуларните миграции.

Далеку од тоа дека „го разбива деловниот модел“ на криумчарите со луѓе, како што се тврди често, оваа политика создава нови деловни можности за криминалните банди, чии последици ги гледаме на Ламанш.

Овој пристап подразбира дека кога ќе пропадне една политика, властите прибегнуваат кон уште понехуман модел. Тоа доведе до шемата за депортација во Руанда. Пред само 10 години, повеќето луѓе би сметале дека е неморално Британија да ја користи својата економска надмоќ за да се ослободи од луѓето кои ги смета за непосакувани. Се работи за масовни депортации на баратели на азил пред нивните барања да се обработат во многу посиромашна земја, во замена за пари. Денес тоа не е само официјална политика на владата, туку и водечките универзитетски професори ги охрабруваат ториевците да го „засилат одвраќањето со уште повеќе аранжмани како што е шемата за Руанда“ и повеќе да инсистираат на културни војни, што „не е убаво“ но е политички неопходно.

Со јазикот кој некогаш го користеше само радикалната десница денес лежерно се служат мејнстрим конзервативците. Се зборува за „инвазија“ на мигранти, а десничарските коментатори рутински ламентираат над „опаѓањето на бројот на белците“ и „големата замена“.

Заострувањето на реториката ги дехуманизира барателите на азил и поттикнува непријателство кон нив. Ставовите на британската јавност за имиграцијата стануваа сè полиберални изминатава деценија, но и подлабоко поларизирани; палењето на имиграцискиот прифатен центар во Кент е предупредување за опасноста од поттикнување такво непријателство.

Притоа, ни острата реторика нема нужно да донесе политичка корист. Би можела да му помогне на јакнењето на ториевската десница и да ѝ врати барем некои од изгубените гласови, но со таквите приказни во општеството се создаваат очекувања кои не можат да се исполнат. Претходната министерка за внатрешни работи, Прити Пател, во 2019 година вети дека до следната пролет ќе се елиминираат мигрантските премини преку Ламанш. Сега Брејверман го ветува истото. Ни таа нема да го исполни ова ветување. Неуспехот само ќе го поттикне цинизмот кај јавноста и ќе послужи како погон за радикалната десница.

Тогаш, што да се прави? Пред сè, решенија има само за реалните, а не за измислените проблеми како што е наводната масовна инвазија. Второ, за да знаеме што треба да правиме мораме да знаеме што не треба да правиме. Црвените линии треба да бидат јасни: не ги демонизирајте и не ги дехуманизирајте луѓето и не спроведувајте несовесни политики како што е масовната депортација во Руанда.

Трето, потребни се соодветни легални патишта за барателите на азил. Во моментов, луѓето можат да поднесат барање за азил само кога ќе се најдат на британско тло. Но во Британија можат да дојдат само со важечка виза. Не постои „азилска виза“, што значи дека е речиси невозможно да се побара азил без нерегуларно влегување во Британија. Се работи за безизлезна дилема за која владата и апологетите на владината имиграциска политика се преправаат дека не постои.

Покрај отворањето легални рути потребни се и соодветни капацитети за обработка на барањата за азил за да се намали вештачки создаденото заостанување. Добродојдена промена би била и правото на работа на барателите на азил, што би ги направило помалку зависни од државна помош.

Најпосле, треба да се признае дека не постои совршено решение. Секогаш кога некој ќе го спомене отворањето легални патишта за миграцијата, кога ќе ја доведе во прашање политиката за одвраќање или ќе ја оспорува моралноста на руандската шема за депортација, критичарите врескаат за „укинување на границите“. Небаре секоја либерализација на политиката води до „укинување на границите“. Фантазијата за затворени граници е голем дел од проблемот. Треба да се прифати фактот дека полибералната имиграциска политика е похумана и пореална.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Zadok Ben-David

Извор: https://www.theguardian.com/