1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 10:59
Официјалната статистика покажува дека помеѓу 2008 и 2021 година повеќе од 70 000 Авганистанци на сила биле вратени во Авганистан од европските земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Шведска и Германија. Откако талибанските борци влегоа во Кабул и откако падна владата на земјата после повлекувањето на американските и другите меѓународни трупи, на меѓународниот аеродром во главниот град се одвиваа страшни сцени додека илјадници Авганистанци очајнички се обидуваа да побегнат од исламските фундаменталистички милитанти.
Во Европа сè повеќе време ѝ се посветува на ситуацијата со која се соочуваат бегалците, а францускиот претседател Емануел Макрон беше на мета на критики заради своите изјави дека Франција треба да се заштити од „нерегуларните миграциски текови“. Во Долниот дом на британскиот парламент, британскиот премиер Борис Џонсон сугерираше дека Авганистанците кои веќе се во Велика Британија нема да бидат депортирани, велејќи: „Нема да ги праќаме луѓето назад во Авганистан, но нема ни да им дозволиме на луѓето да доаѓаат од Авганистан на неселективен начин“. Велика Британија соопшти дека ќе пресели 20 000 авганистански бегалци, иако само 5 000 луѓе ќе бидат пуштени во земјата во текот на следната година.
Матео Виља, истражувач во миграциската програма на италијанскиот истражувачки центар ИСПИ, вели: „Последниве 12 години, европските земји депортираа 71 065 луѓе назад во Авганистан. Тоа се случи и покрај нестабилната ситуација на теренот, со просечно 20 проценти авганистански окрузи под талибанска власт, додека 40 проценти од окрузите беа места каде се одвиваа конфликти помеѓу Талибанците и авганистанската влада помеѓу 2015 и 2020 година. Европските влади совршено го знаеја тоа и прибегнаа кон тоа да одредат некои делови од Авганистан како „безбедни подрачја“, зашто земјата не може во целост да се смета за безбедна, за да продолжат депортациите.“
Далеку од тоа дека бројот на депортации се намалуваше како што Авганистан стануваше сè понестабилен, напротив, последниве години тој се зголемуваше. До зголемување на бројот депортации дојде во 2016 година, кога ЕУ потпиша договор со авганистанската влада која на земјите од ЕУ им дозволуваше да депортираат неограничен број бегалци а Авганистан се обврзува да ги прифати. Во преговорите за договорот, ЕУ предложи на Авганистан да му се одземе помошта ако не соработува: Договорот е потпишан додека ситуацијата помеѓу НАТО и талибанците на терен беше во пат позиција, што значи дека талибанците се насочија кон цивилите за да шират терор и да стекнат предност.
Во 2020 година, годината кога администрацијата на Доналд Трамп преговараше за повлекувањето на САД, имаше 5 100 депортации.
Виља вели: „Депортациите дури и се зголемија во последниве неколку години, зашто стана јасно дека САД под Трамп ќе се повлечат од земјата, при што повеќе од 16 000 од тие 71 000 депортации беа извршени помеѓу 2018 и 2020 година.
„Додека европските влади се трудеа да покажат дека можат да ги депортираат одбиените баратели на азил, притоа внимателно следејќи го јавното мислење, главна мета на критики беше зачмаената авганистанска влада. Јасно е (сега повеќе од кога било, но беше јасно и години наназад) дека оваа политика беше одговорност на Европејците, и дека осуди многу Авганистанци кои пристигнаа во Европа да се вратат и да живеат под она што сега се претвори во репресивен режим.
Велика Британија, клучниот воен сојузник во инвазијата која ја предводеа САД во 2001 година, врати 15 755 Авганистанци во периодот од 2008 до 2020 година - најмногу од сите европски земји. Поранешната британска премиерка Тереза Меј, тогашна министерка за внатрешни работи на Велика Британија, во 2016 година ја доби правната битка за да може да продолжи со депортација на луѓето, вклучувајќи и деца, во земја која беше разорена од војната, дури и кога бројот на цивилни жртви се зголемуваше, после кратката забрана која ја одредија британските судови.
Од 2008 до 2020 година, Шведска депортираше 9 970 луѓе во Авганистан, Германија 8 665, Грција 6 890, а Франција 6 115.
Сатбир Синг, извршен директор на британскиот Заеднички совет за благосостојба на имигрантите, рече: „Како еден од најбогатите региони во светот, Европа има средства и должност да им пружи заштита на оние кои бегаат од опасност.“
„Но и покрај тоа што мал број светски бегалци бегаат во Европа, нашите влади премногу често одбиваат загрозени луѓе, вклучувајќи ги Авганистанците чии животи толку очигледно се во опасност. Особено Велика Британија има шокантна наклонетост кон затворање на вратите за оние на кои им е потребна помош - одбивајќи азил за околу 60 проценти од Авганистанците од 2008 година. И до денес, речиси 3 000 Авганистанци сè уште се во неизвесност, чекајќи да видат дали се прифатени нивните барања за азил.“
Виља вели дека фокусот сега мора да биде на оние Авганистанци чии барања за азил се одбиени, но кои не се вратени во Авганистан: „Во последниве 12 години, 600 000 луѓе побарале азил во европски земји. Од нив, одбиени се 290 000. Бројот на повратниците имплицира дека во европските земји има најмалку 220 000 Авганистанци чии барања за азил се обидени, но кои сè уште не се вратени во Авганистан. Европските влади би требало итно да им одобрат хуманитарни визи и да им овозможат кредибилен пат легално да останат тука, наместо да ја продолжат депортацијата и да ги вратат во земјата чиј режим покажува потполно непочитување на основните човекови права.“
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.vice.com/