Албанците - последни жртви на британскиот расизам

21.11.2022 02:05
Албанците - последни жртви на британскиот расизам

Англиската десница и владејачките ториевци најдоа нова мета. Овојпат, тоа се Албанците. Конзервативните политичари веќе со месеци шират тези дека мигрантите од Албанија се најголем општествен проблем на Велика Британија и со тоа сакаат да ја прикријат очигледната пропаст на сопствените политики, односно да го пренасочат бесот на народот кон најзагрозените и најсиромашните. Историски, за слични прилики, во владејачкиот британски естаблишмент служеа Ирците, Индијците и Пакистанците, Афро-карибијците, Полјаците. Овојпат во таа улога се најдоа Албанците.

Последен во низата испади е оној на министерката за внатрешни работи, Суела Браверман (потомка на индиски мигранти) која продолжи да шири антиимигрантска реторика зборувајќи за доселувањето во Британија како за инвазија, а посебен пик ѝ беа Албанците кои ги нарече криминалци. Овој расистички испад предизвика меѓународни реакции и осуди и ги изнесе Албанците кои живеат во Обединетото Кралство на улиците во Лондон. Истовремено, има сè повеќе предупредувања и протести против начинот на кој Обединетото Кралство ги третира мигрантите и барателите на азил кои успеваат да дојдат до островот. Последен во низата политички потези за сузбивање на преминувањето на каналот Ла Манш е потпишувањето на договорот помеѓу Суела Браверман и нејзиниот француски колега Жералд Дармана кој, меѓу другото, ќе резултира со формирање заеднички француско-британски патроли на тоа подрачје за да се намали приливот на мигранти на островот.

Всушност, Браверман ја продолжува политиката на своите претходници кои исто така неуспешно се соочуваа со прашањето за миграциите, а и нејзината расистичка реторика која ги следи нејзините политички неуспеси сега веќе е и дел од конзервативниот дискурс. Притоа, тешко е да се верува дека ваквите изјави се случајни имајќи предвид колку зачестено доаѓаат од редовите на британскиот политички естаблишмент, разгорувајќи и ширејќи тези кои се зачнати и веќе распространети во катчињата на англиската екстремна и вонпарламентарна десница. Една од нив е и онаа за Албанците кои ќе ја преплават Англија заради високите стапки новороденчиња во оваа заедница. Да се сетиме, слични расистички забелешки веќе со децении се дел од нашиот балкански асортиман на предрасуди кон овој соседен народ, а во поекстремна варијанта и дел од српскиот националистички наратив некогаш и денес.

Обединетото Кралство се наоѓа во перманентна криза која ја создаде неговиот конзервативен естаблишмент со референдумот за Брегзитот. Трет премиер во три месеци е само највидливиот од показателите на оваа криза. Една од темелните политички стратегии на кои победи опцијата за Брегзит беше ширењето омраза кон сите дојденци во кои естаблишментот најде мети на кои ќе го пренасочи очигледниот бес за лошата социјална состојба во државата по десетте години власт на ториевците и перманентните мерки за штедење на владата на тогашниот премиер Дејвид Камерон. Од друга страна, наместо да ги осудуваат расистичките стратегии (вклучувајќи ја и последнава) кои ги користат ториевците, не со месеци и години, туку со децении, и наместо да нудат алтернативни економски и социјални политики, британските лабуристи ги насочија своите сили на отфрлање на својот бивш лидер Џереми Корбин од партијата и одземање на можноста да се кандидира на следните избори на лабуристичката листа. Тоа е последниот во низата потези за конечно враќање на лабуристите кон центризмот што може да се чини како краткорочно успешна стратегија додека противникот лежи на подот со историски најмала поддршка и трет премиер во три месеци. Долгорочно: со среќа!

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Hank Willis Thomas

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото