Медиум на друм (22): Телевизијата не е толку различна од книгата

13.01.2020 16:42
Медиум на друм (22): Телевизијата не е толку различна од книгата

Пред осум или девет години, кога ќерка ми започнуваше да го гледа светот преку прозорецот на телевизискиот екран (во Италија овој екран го викаме „отворен прозорец кон затворен свет“), еднаш ја видов како посветено следи реклама која, колку што се сеќавам, велеше дека oдреден производ е најдобар на свет и може да ги задоволи сите ваши потреби. Се обидов да ја поучам дека тоа не е вистина и, во обид да го поедноставам своето тврдење, ја информирав дека телевизиските реклами вообичаено лажат. Таа разбра дека не треба да ѝ верува на телевизијата (бидејќи од едиповски причини копнееше да ми верува мене).

Два дена подоцна таа гледаше вести на телевизија; информираа дека би било неразумно да се патува по северните патишта поради силен снег (информација која се согласуаше со моите длабоки желби, бидејќи очајно се обидував да останеме дома тој викенд). Таа сомнително ме гледаше, прашувајќи зошто ѝ верувам на телевизијата, кога два дена порано тврдев дека телевизијата не ја кажува вистината. Морав да започнам многу комплицирано излагање по екстензионална логика, прагматизам на природните јазици и теорија на жанр за да ја убедам дека понекогаш телевизијата лаже а понекогаш ја кажува вистината. (...) Само психијатарот кому мојата ќерка веројатно ќе му се обрати кога ќе дојде во зрела доба, претпоставувам ќе може да каже колку моите педагошки интервенции значајно го оштетиле нејзиниот ум или Ид. Но, тоа е друга приказна.

Работата е во тоа што – а тоа дефинитивно го открив токму тогаш – ако сакаш да ја користиш телевизијата за некого нешто да поучиш, мораш прво да го научиш како да ја користи телевизијата. Во оваа смисла, телевизијата не е толку различна од книгата. Книгите може да се користат за учење, но прво луѓето мораат да научат за книгите, барем азбуката и зборовите, а потоа и за нивоата на кредибилност, разликата меѓу роман и книга за историја итн. Во реалноста, се прашувам дали постои вистинска разлика помеѓу поучувањето на луѓето како да користат книги и користењето на книгите за да се поучат луѓетo. Очигледно, во училиштата разликуваме буквари и книги за граматика (од кои се учи како да се читаат други книги) од, на пример, прирачник за хемија или за римска историја. Мислиме дека првиот вид книги зборуваат за други книги, додека вторите зборуваат за светот. Не сум сигурен дека нештата се баш такви. Прирачник за хемија главно зборува за јазикот на хемијата. Додека на книга за римска историја, особено кога е напишана за деца, треба да ѝ се пристапи со голема претпазливост.

Извор: Умберто Еко - Може ли телевизијата да поучува?

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Цртеж: Вака Вало
Гиф: Александар Јосифовски

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото