Студенти од Машински факултет изработија скејтборд за деца со посебни потреби

17.01.2020 12:43
Студенти од Машински факултет изработија скејтборд за деца со посебни потреби

Скејтборд за деца со посебни потреби, со кој ќе можат да се забавуваат, но и да вежбаат, е иновацијата на четворица студенти на Машинскиот факултет во Скопје. Под водството на професорот Атанас Кочов, студентите од четврта година на насоката Производно инженерство: Анастасија Игњатовска, Фросина Максимоска, Ангел Анѓушев и Бобан Кусигерски дизајнираа и изработија прототип на скејтборд, кој во текот на следните месеци ќе добие и понапредна варијанта.

Проектот почнал како дел од практичната работа на предметот Компјутерски поддржано инженерство, и предизвикот што им го поставил професорот Кочов. Предизвикот требало да резултира со иновација што ќе служи за забава на дечињата со посебни потреби во скејт парковите, која едновремено ќе биде и забавна и безбедна.

Изработката на скејтбордот за деца со посебни потреби започна на почетокот на ноември минатата година, а пред крајот на годината беше готов и прототипот. Конструкцијата е изработена од челични цевки со различен дијаметар и има четири тркалца кои ја движат во сите правци. На основата е прицврстен и скејтбордот со алпинистички јажиња кои издржуваат до 600 килограми и обезбедуваат сигурност. Ова е привремената опција, врз основа на која ќе се дизајнираат и развијат уште два прототипа, за да се создаде вистинско помагало.

При дизајнирањето ќе се користат и сугестиите од докторите, со цел да се подобри помагалото и да има и медицински бенефит, односно да се користи за физикална терапија и различни вежби. Децата со попречености, според кажувањата на докторите, често не ги сакаат вежбите кои им се задолжителни и се противат да работат на справите. Сепак, искуството со Иво и неговото задоволство може да значи ново искуство со скејтот на студентите и олеснување на вежбите. За некои деца, вели Анастасија, е доволно само да се најдат во вертикална позиција и да ја почувствуваат тежината на своето тело, бидејќи ниокогаш немале можност да го направат тоа. На други, пак, скејтбордот ќе им овозможи да направат по некој чекор.

Дизајнерите велат дека иако конструкцијата изгледа гломазно, направата лесно се расклопува. Има модуларност за различни висини и може да издржи до 60 килограми тежина. Размислуваат и за опции долу да нема скејт, по препораки од ортопедите, на пример, може да има и платформа која ќе се движи во сите насоки, процврстења со јажиња.

Извор: Иновативност.мк

 

ОкоБоли главаВицФото