Клептократија и какистократија во Русија во 90 – тите години

17.01.2020 23:30
 Клептократија и какистократија во Русија во 90 – тите години

Речиси сите книги за Русија се тажни. Брилијантно напишаната, одлично документираната и необично поучната книга на Пол Хлебњиков (некогашен уредник на изданието „Форбс Русија“), под наслов „Кумот од Кремљ“ (објавена во 2000 година) не е исклучок. Во фокусот е „кариерата“ на Борис Березовски, но авторот нуди многу повеќе од тоа. Ова е приказна за транзицијата со која Русија го напушти државниот социјализам, но не за да добие пазарна економија, како што едногласно најавуваа медиумите, туку за да управуваат клептократите и мафијашите.

Опфатен е целокупниот период на владеењето на Борис Елцин, де факто и де јуре, од неуспешниот комунистички државен удар во август 1990 година до победата на Путин во 2000 година. Оценката за владеењето на Елцин е строга но правична: „За жителите на Русија, ерата на Елцин беше најголемата катастрофа (економска, општествена и демографска) по инвазијата на нацистите во 1941 – та година.

Во мандатот на Елцин објавена е приватизација на државните функции и пренос на богатствата кои со децении и векови ги создавале милиони луѓе, честопати работејќи за мизерни плати. Богатството на државата премина во рацете на неколку стотини поединци, кои немале други квалитети освен развиена вештина за манипулација и подготвеност да организираат свои приватни полиции, без многу обѕири и морални скрупули. Благодарение на тоа, се збогатија до неверојатни размери.

Сепак, Хлебњиков прави разлика помеѓу клептократите кои сакале да создаваат, да сочуваат или да изградат функционални претпријатија и оние кои имале една едниствена цел што побрзо да ги уништат државните претпријатија. Во првата група бил Вадит Алекперов, тогашен и сегашен директор и коспоственик на компанијата „Лукоил“, делумно и Грусински (сега во егзил во Израел). Во втората група се Березовски, Абрамович и многумина слични, незначително помалку зли или помалку способни.

Хлебњиков детално го опшишува модус операнди на овие штеточини, главно на примерот на Березовски, следејќи ги неговите деловни потфати и изјави за медумите. Методот бил едноставен и ефикасен, а меѓу стотината креативни и добро платени американски и западни „советници“, на владата на Елцин, наводно не се нашол никој кој би го проѕрел. Наместо да обезбеди раст на ефикасноста, како што очекувале наивните советници, процесот на приватизација под контрола на Березовски и нему сличните донесе брза пропаст на приватизираните фирми. Прв и најважен чекор беше „приватизацијата на приходот“. Березовски го развил овој метод на почетокот на деведесеттите години, кога ја „нападна“ големата фабрика за автомобили „Аутоваз“ и користеше до крајот на кариерата.


Постапката подразбирала преземање на контрола врз раководството на фирмата, понекогаш со финансиски поттик (поделба на пленот) или со закани, што во случаи на непослушни директори знаело да заврши со давење во река или скокање од прозорец. Така кооптираната управа носи одлуки кои се во спротивност со интересите на фирмата и вработените. Во случајот со „Аутоваз“, на пример, фабриката на дистрибутерските компании во сопственост на Березовски им испорачувала автомобили по цени пониски од производната цена. Многу едноставно: ако цената на производство изнесувала 100, Березовски за автомобилот плаќал 50 и на купувачите им го продавал за 200 (по пазарна цена). Разликата од 150 ја делел со соучесниците. Претпријатието почнува да прави загуби, отпушта работници и се продава за незначителна сума. Ако мислите дека во него уште има нешто вредно за пљачкосување, може да го добиете речиси бесплатно; ако не, време е да се премине на следната фирма.

Березовски го направил тоа многупати. Во случајот со „Аерофлот“ (кој го „доби“ со посредување на ќерката на Елцин), основаше повеќе супсидијарни компании кои го презеле управувањето со девизните приливи. Тоа е правело на многу необичен начин. На пример, ако некој купел авионска карта и плател 100 долари, наместо парите да бидат уплатени на сметката на „Аерофлот“, завршувале кај Березовски, а тој на „Аерофлот“ му одобрувал заем (да, заем) во висина од 100 долари, со камата од 30 отсто и наплата на „административни трошоци“. Во најдобар случај, од 100 долари платени за авионска карта, авиокомпанијата добивала 1 долар. „Аерофлот“ се давел во долгови кон Березовски.

Тој и Ходорковски го применувале истиот модел во работењето со руската држава. Со различни образложенија повлекувале средства од буџетот и на државата ѝ заеми со лихварски камати.

Случајот на Борис Березовски е само дел од приказната. Хлебњиков го обвинил целиот систем. Пријателските и непријателските односи се воспоставувале од случај до случај. Групата олигарси можела да биде во сојуз за една работа, за да веќе во следниот бизнис се судри и нарачува убиства. Периодот кој денес го опишуваат како диво време на „демократијата“ на Елцин, всушност е постојана војна помеѓу „телохранителите“ на моќните клептократи, следен со размена на меѓусебни обвиненија на телевизиите кои биле по нивна контрола.

Но не смееме да ја заборавиме политичката позадина на клептократскиот режим. Клучните фигури биле Елцин (кој лично не бил корумпиран) и неговото семејство од поблиското опкружување (сите длабоко корумпирани). Корените на клептократијата достинуваат многу подлабоко од славните „заеми за акции“ од 1995 – 96 година и треба да се бараат во последните години на реформите на Горбачов. Под Елцин сите овие работи се забрзале за што, во голема мера, придонел и хистеричниот страв од враќањето на власт на комунистите. Зјуганов не бил Сталин, но повеќето руски и западни медиуми така го прикажувале. На „реформаторите“ стравот им дал право максимално да ја забрзаат приватизацијата со која практично ги подарувале фирмите и фабриките и поттикнувале грабеж, оправдано верувајќи дека: (а) дека новите сопственици на ограбениот имот ќе го искористат богатството и медиумската моќ да ја обезбедат победата на Елцин и (б) дека кога ограбениот имот ќе биде приватизиран, а парите пренесени во странство, комунистите на Зјуганов нема да имаат што да национализираат дури и ако се вратат на власт. Тоа е политичката позадина на клептократската приватизација. Мора тоа да го имаме на ум ако сакаме да сфатиме како дошло до тоа цела една држава да се обиде да се самоубие.

Кога изборното спинување веќе не било доволно, на ред дошле подиректни методи. По започнување на постапката за негово повлекување, Елцин го распушти парламентот и ја бомбардираше зградата која ја презедоа побунетите пратеници. Не верувам дека денес Вашингтон Пост би го поддржал Трамп ако би направил нешто слично во главниот град. Но го поддржаа Елцин во 1993 година.

Хлебњиков е многу критичен кон „младите реформатори“. Мислам дека не е сосема во право, бидејќи на почетокот на 1992 година, Гајдар немаше друг избор освен либерализацијата на цените в државата за да не завладее глад – ситуацијата беше толку тешка. Хлебњиков не се согласува со Чубијас, главниот архитект на приватизацијата, но му оддава признание затоа што по изборите во 1996 година сфатил дека змејата мора да го промени курсот, да му застане на патот на беззаконието на Березовски и останатите и конечно тие да се уапсат.

Ова не е историја насликана со нијанси на сива. Ова е приказна полна темнина со само понекаде светла точка: вечниот опозиционер Јавлински; строгиот генерал Громов; и Примаков, премиер со краток век.

Епилог. Откако ги изманипулирал сите, Березовски конечно го убедил Елцин да го назначи Путин за свој наследник. Но хибрисот му пресуди: мислел дека Путин ќе биде негов потрчко и тука се излажа, па мораше да побегне во Велика Британија, каде го потрошил поголемиот дел од богатството, а она што му останало го потроши на едно од најскапите судења во историјата против својот некогашен соработник Роман Абрамович. Пронајден е обесен во куќата на својата поранешна жена, која му дозволила бесплатно да живее кај неа.

Најтажно е што Пол Хлебњиков, тој сјајен новинар и економски историчар, беше убиен во Москва, 2004 година. Напаѓачот испукал во него девет куршуми. Тажно е што пишувајќи за политичката и финансиска позадина на убиствата извршени во 90 –тите години, на извесен начин, ја најави и опиша сопствената смрт: мотивот непознат; сторителот непознат. Случајот затворен.

Фотографии: Lise Sarfati

Извор: Global inequality

 

Слични содржини

Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Европа / Свет / Историја
Европа / Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото