Векот на Ленин

06.12.2017 12:04
Векот на Ленин

Основачот на Советскиот Сојуз без сомнеж е интернационалист. Голем дел од својот живот на професионален револуционер Ленин го поминал во егзил (Минхен, Лондон, Женева, Париз, Краков, Цирих, Хелсинки...) и учествувал речиси во сите големи дебати на работничкото движење. Во април 1917 година, кога се вратил во Русија каде избила револуција и царот абдицирал, возот среде Големата војна поминувал на германска територија кога Ленин ја слушнал Марсељезата, песната која за неговите другарки и другари ја инкарнира Француската револуција. Оваа референца, во многу аспекти, во текстовите на Ленин е позастапена од историјата на царистичка Русија. Да се дејствува подеднакво добро како јакобинците – „најдобриот пример за демократска револуција и отпор на монархистичката коалиција“ (1) – и да се издржи подолго од Париската комуна: тоа биле неговите опсесии. Во сето тоа немало место за национализам.

Болшевичкиот водач подоцна се присетувал: за разлика од речиси сите европски социјалисти и синдикалисти кои дозволиле да бидат вовлечени во „светата унија“ против странскиот непријател, неговата партија, уште од 1914 година, „не се плашела да заговара пораз на царистичката монархија и да ја стигматизира војната помеѓу двата империјалистички грабливци“. Кога дошле на власт, „болшевиците им предложиле мир на сите народи и направиле сè што било човечки можно за да се забрза револуцијата во Германија и другите земји“. (2) Повторно интернационализам на дело.

Тоа бил врвен парадокс кој ќе има сериозни последици: партијата посветена на диктатурата на пролетаријатот го искористува ненадејниот колапс на династијата Романови и отсуството на други сериозни кандидати за власт (3) и ја презема контролата на државниот апарат во земја во која работничката класа претставува едвај 3 проценти од популацијата. Во суштина тоа не било толку важно на почетокот, зашто спасот, поддршката и помошта требало да дојдат од странство, од развиените земји, од помоќниот и политички пообразован пролетаријат. Тоа било прашање на недели, можеби неколку месеци: во Германија, Франција, Италија и Велика Британија сè повеќе вриело, бунтовите се намножувале. Во октомври 1917 година, Ленин станал нетрпелив. Руското востание веќе не можело да чека на „безгрешните симптоми за пресврт пред револуцијата на светско ниво“. Болшевиците морале да почнат со пукање. И да чекаат засилување.

Во Берлин, Минхен и Будимпешта пропаднал револуционерниот след на настаните. Кога новата руска власт „на сите завојувани народи им понудила мир без анексии и отштета“, империјалистичка Германија продолжила со непријателството, уверена дека руските војници се уморни од масакри. За да се спаси, младата држава со потпишувањето на Брест-литовскиот мир се откажала од еден дел од својата територија. Го жртвувала просторот за да добие време, и натаму надевајќи се на револуција во Европа... Но, започнала контрареволуција: наместо „мир помеѓу работниците против сите капиталисти“ кој го барал Ленин, десет експедициски сили (САД, Канада, Франција, Велика Британија, Србија, Финска, Романија, Турција, Грција и Јапонија) дошле да им помогнат на „белогардистите“ за да го вратат стариот поредок.

Од оваа нова војна во 1921 година револуционерната Русија излегла како победник, но уништена и бојкотирана од силите кои сè повеќе биле непријателски настроени зашто таа сè помалку ја криела намерата да го сруши нивниот режим. По Октомвриската револуција, капиталот ја изгубил моќта на најголемата територија од земјата. И како овој удар на гром да не бил доволен, комунистот – перцепиран како влакнест, заканувачки, космополитски, еврејски, со нож во забите – не бил само руска национална карактеристика која можела да се задржи зад санитарниот кордон, тој исто така бил внатрешен непријател, дисциплиниран пешадиец на Интернационалата чиј главен град е Москва, застрашувачката закана за социјалната револуција која може да се случи тука, сега, каде било.

Закана? Истовремено и надеж, без оглед на локвите крв кои ќе го означат нејзиниот пат. Филозофката и работничка активистка Симон Вејл во 1934 го осуди „бесот нанесен кон сеќавањето на Маркс поради култот што му го посветија угнетувачите на советска Русија“. Сепак, три години подоцна, во екот на сталинистичките чистки во текот на кои биле убиени 70% од болшевичките водачи, таа напишала: „Митот за советска Русија е субверзивен сè додека на отпуштениот комунистички фабрички работник му дава чувство дека тој зад себе сепак ги има Црвената армија и Магнитогорск, што му овозможува да ја сочува својата гордост. Митот за историската неизбежност на револуцијата ја игра истата улога, иако поапстрактна: не е мала работа, кога се чувствувате бедно и осамено, да знаете дека историјата е на ваша страна“ (4).

Фактот останува: наспроти неуспесите на општествениот систем кој владееше со третина од планетата, дури и во неговите најизопачени облици, најважното политичко движење на минатиот век значеше речиси потполно укинување на капиталистичката сопственост, развој на образованието, бесплатно здравство, еманципација на жените, дипломатска, воена, финансиска и техничка поддршка за повеќето антиколонијални борби во новосоздадените независни држави. А да не го спомнуваме „невидениот потфат за промовирање на угнетените класи којшто ќе ги бутне „работниците и селаните во инситуциите на моќта претходно резервирани само за претставниците на буржоазијата“. (5)

Најпосле, за комунистичките активисти меѓународните врски преку јазикот, религијата, етницитетот и границите играле улога која денес ја имаат социјалните мрежи. Импулсот на надежта кој го галванизирал работникот од фабриката додека мисли на Магнитогорск, кого го евоцира Симон Вејл, во радикалната и секуларна Франција од триесеттите години, постои и во протестантска Германија, конфучиска Кина, муслиманска Индонезија, меѓу берачите на тутун на Куба како и меѓу австралиските стрижачи на овци. (6) Кое политичко движење денес може да го тврди тоа?

Луис Сепулведа во приказната Војникот Чапаев во Сантјаго де Чиле раскажува за една од своите акции на солидарност со Виетнамците во декември 1965 година за време на војната со САД. Во приказната, читателите откриваат мноштво меѓународни елементи: дека писателот бил политички секретар на ќелијата Морис Торез во Комунистичката партија на Чиле; дека има другар кој ја води ќелијата Нгујен Ван Трои; дека дискутираат за Перманентната револуција (Троцки) и Државата и револуцијата (Ленин); дека се сеќаваат како „во петроградската Дума болшевиците и меншевиците дискутирале 72 часа пред да ги повикаат руските маси на бунт“; дека ги повикуваат девојките со кои разговараат да ја читаат Како се калеше челикот на Николај Островски и да гледаат советски филмови... Ваквите меѓународни приказни биле вообичаени во тоа време.

А, после Москва? Давос? Распадот на Советскиот сојуз го забрзал триумфот на еден друг универзализам, во спротивна смисла, оној што се однесува на сопственичките класи. Пресвртот бил толку драстичен што историчарот Пери Андерсон во 2000 година во својот текст напиша: „Првпат од реставрацијата не постои опозиција во вистинската смисла на зборот – односно ривалски системски поглед – во универзумот на западната мисла; и речиси ниеден на светско ниво, ако ги исклучиме верските доктрини, неоперативните архаизми (...) Неолиберализмот како група начела, несомнено владее со планетата.“ (7)

Како резултат на ѕвечкањето на парите, според економистот на Светска банка, Бранко Милановиќ, зголемувањето на светското богатство од 1988 година причинува сè поголема нееднаквост, со што се случува пресврт во трендот кој доминирал по 1914 година. Но, тој не го гледа ефектот на случајноста во социјалниот волунтаризам од минатото: „Притисокот на Руската револуција, социјалистичкото движење и синдикализмот, засилен од разочарувањето на угнетените класи и богатите (кои ги сметале одговорни за војната) во прв план го поставил феноменот на редистрибуцијата.“ (8) Прогресивното оданочување, законот за работа, осумчасовниот работен ден, социјалното осигурување, колебањето на богатите да им се даде контролата на државата: сето тоа не им било туѓо со примерот за Октомври на едните, а стравот од револуцијата на другите. Кога ова било отстрането, се намножиле несреќните ефекти на „среќната глобализација“: општествената реставрација, западното „право за вмешување“, приватизацијата на јавните услуги, дисквалификација на какво било револуционерно движење – комунистичко, анархистичко, самоуправно.

Предвидувајќи го распадот на Советскиот сојуз неколку недели однапред, францускиот адвокат од левиот центар и академик Жан-Дени Бредан, во август 1991 внесе меланхолична нота во општото воодушевување заради „крајот на историјата“. „Дали е можно да се тврди“, пишуваше, „дека социјализмот во нашата земја можеби не бил ништо друго туку поинаку наречен радикализам, зашто немаше комунизам што ќе го држи на око, ќе го следи, секогаш подготвен да го заземе неговото место, кој ќе го спречи неговото пребрзо или премногу силно свртување? (...) Дали е можно да се тврди дека многу им должиме на сите оние тврдоглави секташи, неуморни штрајкувачи, освојувачи на нашите фабрики и улици кои правеа нереди, оние упорните кои никогаш не престанаа да бараат реформи сонувајќи за револуција, марксистите во конфликт со историјата кои на капитализмот не му дозволуваа да спие мирно?“ (9)

Се чини дека „крајот на комунизмот“ го разреши големиот конфликт помеѓу двете главни струи на меѓународната левица после Руската револуција, со пораз на еден од протагонистите кои подразбираше победа на другиот, односно освета на социјалдемократијата над својот турбулентен роднина. Но, овој триумф беше со краток век. Стогодишнината од заземањето на Зимската палата, впрочем се совпаѓа со експлозијата на пресвртот што го претрпе и реформската струја. Исчезна династијата на Клинтон; Тони Блер, Фелипе Гонзалес и Герхард Шредер почнаа да се занимаваат со бизнис; да не го споменуваме Франсоа Оланд... Истовремено, форми на нетрпение и радикализам повторно се појавуваат насекаде.

Кратко по прославата, која повеќе наликуваше на погреб, за двестегодишнината од Француската Револуција, социјалистот Мишел Рокар рече дека „револуцијата е опасна и доколку можеме без неа, дотолку подобро“. (10) Триесет години потоа надвладеа глобализацијата, се вратија духовите, а мумијата на револуцијата сè уште мрда.

(1) Ленин, 24 јуни 1917. Цитирано според: Victor Serge, Lenine, 1917 (1924).
(2) Lenine, La Maladie Infantile du communisme (le "gauchisme") (1920)
(3) Види: Moshe Lewin, Le Siecie sovietique, Fayard – Le Monde diplomatique, Париз, 2003. и Eric Hobsbawm, Marx et l'histoire, Demopolis, Париз, 2008.
(4) Simone Weil, "Meditations sur l'obeissance et la liberte", во: OEuvres completes, том 2, Ecrits historiques et politiques, Gallimard, Париз, 1991.
(5) Juloan Mishci, Le Communisme desarme. Le PCF et les classes populaires depuls les annees, 1970, Agone, Марсеј, 2014.
(6) Спореди: Eric Hobsbawm, L'age des extremes, Complexe – Le Monde diplomatique, Брисел-Париз, 1999.
(7) Perry Anderson, "Renewals", New Left Review, бр.1 Лондон, јануари-февруари 2000.
(8) Le Monde, 21 јули 2016.
(9) Jean-Denis Bredin, "Est-il permis?", Le Monde, 31 август 1991.
(10) Цитирано според: Eric Hobsbawm, Aux armes, historiens. Deux siecies d'histoire de la Revolution francaise, La Decouverte, Париз 2007.

Извор: Le Monde diplomatique

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото