1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Светот е во шок и неверување по веста за трагичната хеликоптерска несреќа во Калифорнија, во која загина еден од легендите на кошарката, Коби Брајант, неговата 13 - годишна ќерка и уште двајца луѓе.
Неколку десетици навивачи се собраа пред Стејпелс центарот во Лос Анџелес, за да одадат полит на ѕвездата на НБА и Лејкерси. А медиумите пренесуваат нивни изјави, дека по трагичната вест за еден од најдобрите играчи во историјата на НБА лигата, едноставно „немале каде да одат“.
Имаше многу луѓе и пред неговата спортска академија „Мамба“ која ја нарече по неговиот прекар. Навивачите носеа цвеќиња, фотографии, дресови од Коби...
Некои од навивачите биле облечени во дресот на Брајант со бројките 8 и 24 и оставаат цвеќиња и свеќи пред салата на „Лејкерс“, беа спречени од полицијата да влезат зашто во тек била свеченоста на доделувањето на „Греми“ наградите.
Бројни познати светски спортисти и претседателот на САД со неверување се збогуваат од Брајант.
Кошаркарот на „Филаделфија“, Џоел Ембид, рече дека заради Брајант почнал да се занимава со кошарка: „Човеку, не знам што да кажам. Почнав да играм кошарка заради Коби, откако го гледав финалето во 2010 година. Тоа финале беше пресвртница во мојот живот. Сака да бидам како Коби. Сега сум лудачки тажен! Почивај во мир легендо!“, напиша тој на Твитер.
Јусеин Болт, светскиот спринтерски рекордер, напиша: „И уште не можам да поверувам“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека веста за загинувањето на Брајант и неговите сопатници е „ужасна“.
Ѕвездата на НФЛ лигата, Том Брејди напиша: „Веќе ни недостигаш Коби“.
Шесткратниот НБА шампион, Скоти Пипен напиша: „Не можам да опишам колку сум изненаден. Ова е тажен и трагичен ден“.
Поранешниот француски кошаркар Тони Паркер, изјави дека Брајант бил вистински пријател и легенда. „Срцето ми е скршено од оваа вест. Почивај во мир. Се молам за неговата сопруга и ќерките“, напиша тој.
Петкратниот НБА шампион, Денис Родман, изјавил дека е веста е ужасна. А од Брајант се збогуваа и манекенката Криси Тајген, а кошаркарот Двејн Вејд напиша на Твитер: „Неее, господе, те молам, не!“
Коби Брајант, 20 години играше за Лос Анџелес Лејкерс и освои пет шампионати на НБА лигата. Тој се повлече во 2016 година.
За краткиот анимиран филм „Драга кошарко“, тој има освоено Оскар.
Роден е на 23 август, 1978 година во Филаделфија. Неговиот татко, Џо Џоблин Брајан, по солидата кариера во НБА лигата отишол во Италија, така Коби од својата шеста до четиринаесеттата година живеел во Италија каде го засакла фудбалот и бил навивач на „ АЦ Милано“, го научил италијанскиот јазик и ја прифатил културата, а на својата сопруга, Ванеса ѝ ветил дека по завршувањето на кариерата ќе се преселат во Италија.
Тој е еден од ретките играчи кои во НБА влегле директно од средното училиште, во 1996 година бил избран како замена за Владе Дивац.
Во мечот со Торонто (2005) постигнал 81 поен што е втор најдобар резултат во историјата на кошарката.