1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
Од рубриката „Боли глава“ издвоивме 23 највпечатливи изјави од 2023 година. Најгоре се петте главолом шампиони, по нив следуваат петте аспирини, а во третиот дел главоломците и малобројните аспирини се испреплетени.
ГЛАВОЛОМ ШАМПИОНИТЕ
Европа, Светот прави стратегија како да го скрши ВМРО ДПМНЕ
Европа, Светот прави стратегија како да го скрши ВМРО ДПМНЕ и оние 44 пратеници да изгласаат предавнички уставни измени. Немојте да мислите дека Ковачевски, Ахмети или Османи се тие, и немојте да мислите дека е лесно. Не е лесно. Силна борба се води за да се одбрани честа на македонскиот народ, кои овие корумпирани, ситни владини функционерчиња го продадоа македонскиот народ. Ќе се бориме, не знам дали ќе успееме, можеби нас ќе нè нема, но ќе се бориме, и ќе издржиме и јас ветувам, уставни измени под бугарски диктат нема да има, тоа го имате од мене како ветување.
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, пред партиското членство во Кичево, 22.08.23.
Секаде е убава традиција, а кај нас е непотизам
Кога синовите и ќерките ќе ги наследат своите родители, секаде тоа е убава традиција, а кај нас е непотизам.
Елвин Вели, Претседател на Здружение на обвинители; Детектор, 04.03.23.
Родовата еднаквост е богохулна, противприродна, изопачена
На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост. Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија, е богохулна, противприродна, изопачена. Господ ги создаде машко и женско; сè друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо.
Петар, митрополит Преспанско-пелагониски, во велигденско послание; 16.04.23.
Четирите основни столба на човештвото
Четири основни столба на човештвото се добро, зло, машко и женско.
Венко Андоновски на трибина во Струмица: „Зошто Не за сексуалното образование во училиштата“; 17.03.23.
На 17 јуни 2018 г. македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена
Би сакал уште еднаш да потсетам, за што сум говорел многупати, дека до 16 јуни 2018 година за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија, а веќе на 17 јуни 2018 г. – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена. Затоа, повикувам: одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците, договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст“.
Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ; годишно Собрание на МАНУ, 21.02.23.
АСПИРИНИТЕ
Крајот на поезијата
Во смачканата Газа децата на дланките ги запишуваат своите имиња и чии се.
Со тоа човештвото напиша сè за што вредеше да се пишува.
Менсур Ќатиќ, Фејсбук, деновиве
Ги сакате нашите пари, а не ги сакате европските вредности
Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство? Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години, како овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу.
Јан Коп, холандски амбасадар, Окно, 24.10.23.
Гнасно социопатско бедниче
Кажува дека сторил одвратен злостор кога бил тинејџер, ама не се будел врискајќи во ужас секоја ноќ, не се исповедал, не побарал помош од психијатар, не се самокастрирал, не се посветил на работа со малолетни деликвенти, не се замонашил, не полудел од грижа на совест туку, гнасно социопатско бедниче, тргнал да се фали по емисии. Ваков немоќен гнев изгледа ја создал идејата за пекол.
Душица Димитровска, коментар на „исповедта“ на Драган Павловиќ Латас дека како тинејџер силувал 15-годишно девојче; Фејсбук, 19.02.23.
Секој понеделник да одржат минимум хигиена во тоалетите
Секој понеделник, во училиштата на една наша општина, ќе биде интонирана државната химна. И тоа е, вака, врвен чин на патриотизам и демонстрирање национално достоинство.
Јас би го прогласила за врвен патриот оној градоначалник којшто ќе издејствува неговите поставени директори на основните училишта, секој понеделник, да одржат минимум хигиена во тоалетите. Значи, минимум: цел ден да не мириса и да нема измет по кабините. Само во понеделник.
А ако успеат да спроведат минимум хигиена во тоалетите цела недела, да се прогласат за народни херои. И директорите и градоначалникот.
Татјана Б. Ефтимоска, Фејсбук, 10.04.23.
Престанете со политичко назначување на директори!
Инаку, да ве просветлам - имате многу просто решение како да не се политизираат катастрофите во здравството и да не се користат од страна на политичкиот опонент - престанете со политичко назначување на директори!
Ете ви, со тоа барем една катастрофа веќе ќе биде решена.
Ама нееее, тоа не ви е во план.
Вие си имате консензус дека клиентелата не смее да трпи, сакате ем да ставате директори од вашите пусулчиња, ем истовремено мрчите и да нѐ замарате со плачки за политички напади.
И едните и другите и третите и сите.
Отворете фино-лепо конкурси, обезбедете чесен натпревар и саглам селекција, тргнете тоа партиските раце на страна и после молим лепо - ќе ги критикуваме само професионалните достигнувања на раководителите.
Вака - нема мерит во избор, ама да имало „мерит” во критика? Ма немој!
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 05.09.23.
Реално немаме пари за да испечатиме учебници
Реално немаме пари за да испечатиме учебници по сите предмети во средното образование.
Јетон Шаќири, министер за образование; Детектор, 25.03.23.
Да му дадеме шанса на некој друг
Да му дадеме шанса на некој друг, можеби професионалец исто така, кој можеби има шанси да биде подобар, нормално апроксимативно, можеби има шанса да биде и полош од Јовев.
Арбен Таравари, СДК, 14.06.23.
Вие не сте тука повикани да поставувате прашања
Вие не сте тука повикани да давате коментари и да поставувате прашања.
Крешник Бектеши, министер за економија, ѝ се обраќа на новинарка која го прашува: „Зошто Министерството за економија и Владата набавуваат поскап гас од оној кој е на берзата?“; СДК, 02.02.23.
На секое раководно место мора да биде поставен поглуп од министерот
На секое раководно место мора да биде поставен поглуп, понеспособен и понепрофесионален кадар од министерот. Ова станува сè потешка задача зашто за министри доаѓаат најглупите, најнеспособните и најнепрофесионалните кадри кои може да се ископаат од тињата во државата.
Недостатокот ќе биде надоместен со кадри кои доаѓаат од свежо отворените факултети за штанцање дипломи.
Мирјана Најчевска, Фејсбук, 05.06.23.
Државата немала механизам
Државата немала механизам да казни злоупотреба на пари за патни трошоци на пратеници; немала механизам да казни полагање правосуден испит пред диплома; немала механизам да казни користење државни ресурси лично од министрите, за доброто на нивната партија; немала механизам да казни незаконска распределба на милиони евра народни пари преку т.н. спортски ваучери…
Државата има механизам само како да го толчи граѓанинот претходно ограбен и понижен од немање механизми.
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 23.02.23.
Од 2017 и Заев со неговиот ’Живот во Македонија’, сме изгубиле 200 паралелки
Во 2017, годината кога се раѓаат денешните првачиња, родени се 21 700 деца. Сега, според овие тенденции, според овие бројки коишто се комплетираат, бројот на првачиња ќе биде можеби нешто под 18 000 првачиња. Тоа значи дека само до нивната 6-та година, до наполнети 6 години, сме изгубиле 15-20% деца коишто се иселиле и си заминале од Македонија сосе своите родители. Тоа е пад од фрапантни 4 илјади деца од 0 до 6 години. Поделете го тоа на 20 деца по паралелка, значи дека само од 0 до 6 години од 2017 година и Зоран Заев со неговиот ’Живот во Македонија’, сме изгубиле 200 паралелки.
Влатко Ѓорчев, 360 степени, 02.09.23.
Храната е зголемена 11% во Европската Унија, овде е зголемена 46%
Отидов во Комисијата за заштита на конкурентност. Разговарав со нив за да поведат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално можеме да докажеме дека има договарање за она што се случува. Ќе ги видите набргу податоците што ќе ги изнесеме.
Ако го видите зголемувањето на цените поради инфлацијата на светските берзи, тие се една четвртина помали отколку што се во Македонија. Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна, изолиран остров, кога е составен дел од цела Европа. Ако храната е зголемена 11% во Европската Унија во берзанските цени, овде е зголемена 46%. Извинете, ама тоа не е етички.
Фатмир Битиќи, Зелена берза, 15.09.23.
Ќе мора да се пее и албанската химна
Ако се донесе законска одлука за интонирање на државната химна, сигурно ќе мора да се почитува и мнозинството граѓани, кои се од албанска етничка припадност, па ќе мора да се пее и албанската химна.
Билали Касами, градоначалник на Тетово, ТВ 21, 25.10.23.
Во Македонија не се градат споменици по регуларен пат
Една мала група луѓе формиравме невладина организација со единствена цел во Скопје да подигнеме споменик на Кемал Ататурк кого го врзуваат многу работи со Македонија. Тропавме залудно речиси две години од врата на врата, запазувајќи ги сите законски прописи и правила. Како донација добивме и споменик од Турција, транспортиран до Скопје. Но не се најде парче земја, неколку квадрати, да се постави споменикот, кој на крајот заврши во дворот на амбасадата на Република Турција.
Во Македонија не се градат споменици по регуларен законски пат, како и многу други зданија, туку на диво по демократски пат. Навечер почнува, наутро осамнува, па ако смееш, обиди се да го урнеш.
Ерол Ризаов, Слободен печат, 16.09.23.
За судскиот процес за СК 014
Ако имало дело тоа ќе било решено пред 7, 8, 9 години. И второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет зашто така се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да прикажат историски континуитет на битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет.
Христијан Мицкоски, VoA, 03.07.23.
Веста дека Скопје е Европска престолнина на културата ја дочекав резигнирано
Веста дека Скопје е Европска престолнина на културата ја дочекав резигнирано, небаре над мене виси еден голем чудилник. Шиканирањето со Фејсбук статуси почна од личности кои своевремено објавија дека Скопје „си фати девојка“ во моментот кога оној „џинџер Мефистофел“ Данела стана „градска мајка“. Кога ѝ ги видов сотонските веѓи и брадичето кое се слева до вратот на бронтосаурус, додека се завива со знаме како Цеца на концерт во Арена Армеец, богами малку и ми се слоши.
Не дека не се случувало и едните и другите да позирааат пред туѓи проекти, ама ова беше како Капо од Треблинка да е знаменосец на манифестација за еврејски права.
Игор Пачемски Џонс, Сутерен, 26.09.23.
Во затворите речиси нема Македонци
Бидејќи „Сашовци и Грујовци“ не знаат албански јазик, нема каде да ги сместиш во затворите пренаселени со македонски Албанци. Во овие затвори, каде што речиси нема Македонци и „жителите“ зборуваат само албански, тие нема да имаат со кого да разговараат на својот македонски јазик!
И дали некој е стварно толку наивен да се надева дека Албанците од македонските власти се таму за да ги спасат своите сонародници осудени на доживотен затвор преку монтирани судски процеси?!
Ким Мехмети, Shqipmedia, 08.11.23.
Апокалипсата би помислила дека веќе ни се случила
На 21 декември нема да се случи крај на светот. Без разлика што веќе дваесет години последователно сме во крајот на светот, убеденa сум дека на 21 декември годинава нема да се случи апокалипса. Без оглед што ние дваесет години сукцесивно го живееме крајот на светот, убедена сум дека на 21 декември нема да се случи крај на светот. Ние пропаѓаме како и сите други. Целата Земја е под влијание на неверојатни цунами, војни, урагани, поплави...
Ако случајно апокалипсата некогаш ја заобиколи Србија, таа би се збунила, не би знаела што да прави. А знаете зошто? Зашто и политичарите и сите други што можеле да уништат нешто, уништиле сè, па сме опустошени. Апокалипсата би помислила дека веќе ни се случила.
Клеопатра, српска пророчица; ТВ Хепи, 19.12.23.
Стрип кадри: Digital Comics Musuem