1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Најглупите изјави во 2020, според редакцијата на Окно, ги дадоа Оливер Спасовски, и тоа во функција на премиер („Тоа не може да се донесе“) и Екатарина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија („Тито и Хитлер“).
Позитивните главоломки за 2020, почитувани читатели, можете да ги прочитате подолу, каде што издвоивме вкупно 18 „болеглава“ вербални или писмени јавни настапи.
Најчести гости/нки во рубриката „Боли глава“ во 2020 беа Мирјана Најчевска, Горан Михајловски, Бранимир Јовановиќ, Ивор Мицковски, Владимир Лукаш...
Сликите во блокот се од Владимир Лукаш.
ИЗБОР ОД РУБРИКАТА „БОЛИ ГЛАВА“ ЗА 2020
Тоа не може да се донесе
Ние немаме одлука за затворање на верските објекти и непрактикување на верата. Тоа не може да се донесе. Во ниту една состојба, во која може да се најде државата, не може, затоа што тоа е право кое е неприкосновено.
Оливер Спасовски, премиер; СДК, 15.04.20.
Ако Владата не ни даде помош, ќе ги повлечам сите забрани за посета на џамиите
Владата на Исламската верска заедница да ѝ го даде делот од помошта што ѝ следува. Во спротивно предупредувам за можноста за повлекување на апелите на ИВЗ да не се посетуваат верските објекти во врска со епидемијата. Ситуацијата ќе излезе од контрола и овде ќе стане Бангладеш.
Ќе пуштиме уште едно барање и ако не ни одговорат знаеме како да постапиме. Не дај Боже ако ги повлечеме нашите повици за пандемијата.
Сулејман Реџепи, Реис на ИВЗ; „Газета Лајм“, 09.04.20.
Причествувањето не е заразно
И ние како свештенство сме затекнати. Не е наше да речеме – никој ништо не ни може. Причествувањето не е заразно, нема сведоштво дека пиењето од иста чаша или иста лажичка некого заразило. Ќе го задржиме традиционалното, но се држиме и до протоколот за не повеќе од петмина верници на едно место и држење растојание меѓу нив.
Отец Пимен, Митрополит Европски; интервју за Канал 77; 18.04.20.
Од СДСМ молеа Бога да се случи корона вирус
Од СДСМ молеа Бога да се случи корона вирус, за да не може ВМРО-ДПМНЕ да излегува со народот на протести.
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ; Фокус, 27.02.20.
Тито и Хитлер
Кон мене (во Скопје) беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесет годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори, Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер.
Екатарина Захариева, бугарска министерка за надворешни работи; за германски Велт; пренесено во Дојче Веле; декември 2020.
30 години немаме премиер
Проблемот е што 30 години немаме премиер, туку имаме премиер Македонец!
Зијадин Села, Фокус, 30.07.20.
Заев - оклопник, монах, хипопотам, инквизитор, кактус, мекотел...
Што е Заев!? Гомбрович и Тричковски велат дека Заев е од родот на инсектите осаменици, кои одат по својот пат, мастодонт, оклопник, монах, хипопотам, чудак, инквизитор, кактус, мекотел, маченик, апарат, крокодил, социолог, одмаздник, брат, исповедник, аџија, вирус…
Бранко Тричковски, Фејсбук, 03.03.20.
Друже Заев, дали ќе го надминеш Тито?
Друже Заев, досега те знаеме како храбар херој и визионер, веќе ги надмина и Киро и Бранко и Љубчо, но дали ќе го надминеш Тито т.е дали ќе те паметиме по период од нашите животи кога народот видел убав богат живот, ера по која ќе се тагува и ќе се евоцираат спомени, како што и ден денес се прави по времето на Тито, тоа зависи од овие 4 години што се пред нас.
Треба да ги кренеш дупло платите, да отвориш 100 000 скапо платени работни места, да донесеш 10-20 мега инвестиции, да не внесеш во ЕУ, земјава да личи на Словенија, тоа е пред тебе сега планината која треба да ја искачиш, бос по трње со тегови на рамењата, ама не се влегува лесно во читанките, не е тоа алманах во Коце Металец.
Саше Ивановски, Мактел, 20.08.20.
Цркви и библиотеки
Во Македонија има вкупно 79 библиотеки (од сите видови - стручни, универзитетски, факултетски...).
Во Скопската епархија (не во цела Македонија) има 94 цркви и 24 манастири.
Мирјана Најчевска, Фејсбук, 04.08.20.
Десет милиони за политичките партии - срамно!
Тоа се огромни пари. Тоа е неверојатно. Навистина мислам, и да не е коронава, ние сме сиромашна држава, 10 милиони за политичките партии е срамно. Која било партија, колку и да добива, тоа е прилично несразмерно, спрема нашиот животен стандард.
Стево Пендаровски, претседател на РСМ, во интервју за ТВ 24, 15.05.20.
Кој нема да полуди, ќе раскажува
Кој нема да полуди, ќе раскажува.
Добро, и другите ќе раскажуваат, ама малку неповрзано.
Сања Михајловиќ - Костадиновска, Фејсбук, 04.08.20.
Просто неверојатно колкава омраза има кон Шекеринска
Просто неверојатно колкава омраза има кон Шекеринска, во сите партии, па и во нејзината. Не знам какви нерви треба да имаш за да го издржиш тој притисок речиси три децении од сите страни. Неважно дали се согласувате со нејзините ставови или дали не ја сакате како личност, Шекеринска е врвен политичар, не само по балкански стандарди. Нешто што оваа мизогина средина никогаш нема да ѝ го прости.
Тања Милевска, Фејсбук, 10.08.20.
Смее ли некогаш да се искритикува Заев, а да не те обвинат?
Ама, смее ли некогаш да се искритикува Заев, а да не те обвинат дека си вмровец? Или бранковист? Или антиевропеец? Зошто кон сите кои сме се нашле повредени од неговите ставови во врска со Бугарија и тоа јавно го кажуваме, веднаш се почнува со дискредитации, со хејтање по социјални мрежи, со банерчиња од типот „сети се снао“, со пораки: „Не му заборавајте на Заев што сѐ направил“. Многу направил и многу издржал. Супер. Ама, белким и ние сме направиле нешто. И нашите претци направиле и издржувале. Еве, тетка ми Маре издржала три години во бугарски затвор во Битола. И по ослободувањето, цел живот издржала да не ни ја пренесе омразата кон Бугарите оти никогаш не раскажа што ѝ правеле во затворот.
Паметењето што сѐ направил Заев не треба да нè натера да заборавиме што направиле нашите антифашистички предци. Држава ни направиле.
Горан Михајловски, СКД, 27.11.20.
Како Орбан го ограби унгарскиот народ
Дозволете ми да дадам неколку примери за тоа како Орбан го ограби унгарскиот народ. Префрли огромни суми јавни пари на голем број приватни фондации, кои индиректно ги контролира. Со вешт уставен трик Орбан сега трајно ги отстранува овие средства од јавниот домен; би требало двотретинско мнозинство од парламентот за да ги врати на унгарскиот народ. Се работи за речиси 2,8 милијарди долари.
Во серија измамнички трансакции, пак, компании блиски до Орбан купија над 16.000 респиратори за Унгарија за речиси милијарда долари, што е број далеку поголем од бројот на кревети за интензивна нега и медицински персонал што може да ги опслужува. Анализата на податоците за меѓународната трговија покажува дека Унгарија платила најмногу во ЕУ за респиратори од Кина, во еден момент уплатувајќи над 50 пати повеќе од Германија. Една од овие компании обезбеди и нарачка од Словенија, чиј премиер, Јанез Јанша, е близок политички сојузник на Орбан.
Џорџ Сорос, Проект Синдикат, 21.11.20.
Извонредна состојба
Се надевам дека некогаш ќе биде прогласена извонредна состојба.
Владимир Лукаш, Фејсбук, 18.03.20.
Фаца насМЕАНА
Леле па кога ќе седнам у кафана после долго време, ќе ме познаете по фацата, целата...
насМЕАНА!
Трајко Џиков, Фејсбук, 05.05.20.
Ко за 70-годишна добро се држиш!
Планот е на 70 години да имам внуци, да им купам мотори, да ги терам да ме возат и дур се држам за нив да ми викаат: Ко за 70-годишна добро се држиш!
Тања Аждаја, Фејсбук, 07.09.20.
Сите да добиеме по едно екстра лето откако ќе заврши ова сето
Сакам да знаете дека се откажав од поезија и сега се залагам да не ни се рачунаат годините од пандемијата во животниот стаж.
Исто така мислам дека е фер
сите да добиеме по едно екстра лето
откако ќе заврши ова сето.
Освен бугарските политичари -
за нив екстра вето.
Тања Аждаја, Фејсбук, 18.11.20.
Слики: Владимир Лукаш