Главолом шампионите за 2019!

04.01.2020 12:48
Главолом шампионите за 2019!

Најчести гости/нки во рубриката „Боли глава“ во 2019 беа Мирјана Најчевска, Румена Бужаровска, Ивор Мицковски, Сашо Орданоски, Владимир Лукаш... Решивме сепак да ги издвоиме Бужаровска и Најчевска, заради живописноста и продорноста на нивните изјави и текстови (најдолу во прилогот се издвоени нивните „главоломи“).

Всушност, повеќето застапени личности во рубриката во 2019 беа повеќе „аспирини“ отколку „главоломци“. Тоа во „Окно“ го сфативме пред неколку години, дека на најголемите злотвори им даваме дополнителен публицитет, и решивме предност да им даваме на „позитивните главоломци / главоломки“. Но, се разбира, ги задржавме и најспектакуларните глупави изјави.

Можеби контекстов не е совршено соодветен, но и овде сакаме да потсетиме на многу важните зборови кои Милиана Ленак, блескавата актерка и режисерка, ги напиша на почетокот на декември, неколку недели пред сопствената смрт: „Ви се восхитувам на сите на кои надворот не им влезе внатре. Кои беа непорозни и си ја одржаа внатрешната среќа.“

 


ИЗБОР ОД РУБРИКАТА „БОЛИ ГЛАВА“ ЗА 2019

 

Жените во помал обем ги извршуваат и следниве кривични дела

Жените во помал обем ги извршуваат и следниве кривични дела: прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби кривоклетство.

Од учебникот по социологија за втора година средно образование; автори: Нелко Стојановски, Милева Ѓуровска и Зоран Матевски

 

Никогаш немало толку малограѓани на власт!

Ни ДУИ, ни СДСМ, ни ВМРО претходно, не го сакаат модернизмот (вклучително брутализмот), тие го обожаваат псевдокласицизмот, псевдобарокот и стиропорот. Никогаш немало толку малограѓани на власт!

Владимир Милчин, Фејсбук, 09.12.19.

 

Да не бев претседател, ќе се преселив од мојата земја

Младите имаат само еден живот, сите ние имаме само еден живот и никој не е луд да го троши додека преговорите со ЕУ траат со години, при што просечната плата во мојата земја е 400 евра. Да не бев претседател, ќе се преселив од мојата земја.

Стево Пендаровски, македонски претседател, Танјуг, 23.11.19.

 

Многу пати сум имал насоки од партијата да делувам во судови

Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ од основањето. Кога зборуваме за судството занете дека таму има внатресудски избори. Многу пати сум имал насоки од партијата да делувам во судови, одредени судии да гласаат за човек да стане член на судски совет. Еве сега, прва прилика јавно кажувам. Сум лобиирал под одредени ингеренции на партијата, што е спротивно на сите правни норми.

Љупчо Алексовски, претседател на ФРОДЕМ, претходно член на ВМРО-ДПМНЕ; Топ Тема, ТВ Телма, 18.11.19.

 

Владата го застапува интересот на крупниот капитал

Министерката добро знае дека ефектите од реформата се подобри отколку што се очекуваше. Впрочем, и самата кажа дека „товарот“ од прогресивниот данок го поднеле компаниите. Тоа всушност ѝ е болката. Затоа што и таа, исто како и вицепремиерот Анѓушев, во Владата дојдоа директно од раководството на најголемата стопанска комора во државата, што ни дава за право да се сомневаме дека и во Владата го застапуваат интересот на крупниот капитал, а не интересот на граѓаните.

Бранимир Јовановиќ, Призма, 02.11.19.

 

Ужасните македонски институции

Ревизорите забележале дека од 1.314 институции во државава, 201 не пријавиле ниту едно работно место, а 168 пратиле само пробни податоци. Делот од софтверот што служи за пресметка на плати го користеле само 26 институции, а делот за извештаи само Министерството за информатичко општество. Некои делови воопшто не се користеле.
Постои, на пример, платформа за интероперабилност, со која институциите електронски можат да разменуваат податоци и документи меѓу себе, наместо тоа да го прават курирски служби или граѓаните одејќи од еден на друг шалтер. На неа се приклучени 32 институции, а ја користат само 15. Набавена е во 2015 година и сѐ уште се исплаќа од буџетот.

Гоце Трпковски, Призма

Кај нас треба да воведат пајак за пајаци, полиција за полицајци итн.

Видов пајак паркиран 20-тина метри од Апче, кај мини-детското игралиште пред КАМ маркет. Таман се израдував, си реков супер, ќе дигне некоја идиотски паркирана кола со редовно вклучени 4 жмигавци во народот попознати како „се враќам за 2 минути“ (а у тој дел од 20-30 метри баш ги има пуно такви), а оно испадна дечкиве со пајаков си купуеле јадење од Силбо. Јбт, кај нас треба да воведат пајак за пајаци, полиција за полицајци, инспекција за инспектори, СЈО за СЈО... ју нејм ит!

Костадин Шурбановски, Фејсбук, 30.08.19.

 

Еден педер нема да ја симне оваа влада од власт

Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа влада од власт.

Зоран Заев, премиер, изјава по повод случајот „Рекет“, 13.08.19.

 

„Со ластиче ти ги пакував“

„Со ластиче ти ги пакував“ е новото „ќесичето крцка со паричиња“.
Биљана Бејкова, Фејсбук, 09.08.19.

 

За што, по ѓаволите, служи македонскиот парламент?!

За неработа им даваме гласови, за неработа трошат тешки милиони евра, што ги грабаат од скромните трпези на граѓанките и граѓаните, за да организираат избори кога ќе им прдне на умот. За неработа! И криминал! И да изигруваат величини, демек, претставници на граѓанките и граѓаните. На што личи ова, бре?!

Џабир Дерала, Медиа Цивил, 30.07.19.

 

Ама овие мислеле дека гласаат за поглавица а не за претседател

Ама овие мислеле дека гласаат за поглавица а не за претседател. За поглавица требаше да го испушите, најмалку, лулето, ете малку било тоа „стотини пријатели Албанци, можев да се омажам“ и други предизборни селфирања и глупирања. Не брои општини оти ќе им текне на сите дека скоро имаше локални и дека на власт сте само во три. А после хидроцентрали ќе се чешлаат и други централи, дури и академски и универзитетски каде најмалку треба да има вакви будали. Ова земја има иднина вака цела а вие ете ни по градови ни по села. Нема веќе вака нит се води нит се тера, пичка ви матер o leshpera!

Рамадан Рамадани, Фејсбук, 06.05.19.

 

Тајната коалиција на ВМРО и ДУИ

Дали е реално и ние и ЕУ да очекуваме реформа на државната администрација, правосудството и безбедносниот систем, кога тоа зависи од тајната коалиција на ВМРО и ДУИ, кои во текот на заедничката власт ги деформирале тие служби.

Џевдет Хајредини, Фејсбук, 03.04.19.

 

Замислете вие каков див народ е овој со кој сме во соживот

Замислете вие каков див народ е овој со кој сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика што ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува.

Сулејман Реџепи, поглавар на Исламската верска заедница; во говор во с. Арнакија, скопско, по повод удирање темели за возобновување на џамија, на 14.03.19.

Среќните и несреќните политичари и народи

„Сите среќни политичари личат едни на други; сите несреќни народи водени од тие гомна се несреќни на свој начин.“
Толстој

Владимир Лукаш, Фејсбук, 12.03.19.

 

24 часа ме следи тајна разузнавачка служба блиска до голема опозициска партија

24 часа мене, а веројатно и моето семејство, ме следи тајна разузнавачка служба блиска до наша голема опозициска партија. За 10 дена неколку пати се објавуваат фотографии од тоа каде се движам.
Ова е само сигнал, насоката во која ќе се движи кампањата за претседател, само што ќе биде уште повалкана. Мене не ми се блиски подземни кампањи, јас ќе одговорам со аргументи и јавно. Остатоците од режимот не смеат да бидат толерирани, тоа е работа на институциите од оваа власт.

Стево Пендаровски, претседателски кандидат, во интервју за 1 ТВ; 06.03.19.

 

Вие сте против нас

Вистината е дека вие работите против нас, вие сте против нас, вие сте мрчаторите, вие сте против поубавата реалност, вие сте за криминалот и тендерската коалиција, вие, вие, вие, со вашата шематизирана нарација, затворена, неука, проста, стерилна, деструктивна, минимална, вие сте простите, и сте одлучно против нас.

Ивор Мицковски, Фејсбук, 26.02.19.

 

Кога сѐ би било во „рејтингот“, Дејвид Бекам би бил кралица на Велика Британија

Џејмс Фишкин, професор од Стенфорд вели: „Во анкета ги прашуваме луѓето што мислат кога не мислат. Поинтересно би било да се прашаат што мислат откога им е дадена шанса да мислат“.
Кога сѐ би било во „рејтингот“, прочитав еднаш, Дејвид Бекам би бил кралица на Велика Британија.

Денко Малески, Плусинфо, 10.02.19.

 

Вие, г-дине Заев, не ја ставивте културата ПОД ТОЧКА РАЗНО, вие ЈА ЖРТВУВАВТЕ!

Вие г-дине Заев, не ја ставивте културата ПОД ТОЧКА РАЗНО, вие ЈА ЖРТВУВАВТЕ! Секогаш кога Ви е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по КУЛТУРАТА и по ОБРАЗОВАНИЕТО! Тоа само говори за тоа колку Вие и не го разбирате нивното огромно, суштествено значење за една држава, и посебно за нашава, која претендира да биде дел од едно пошироко европско семејство (бидејќи, сфаќам, тоа Ви е во моментов најважно).

Зоја Бузалковска, во оставката од Советот за култура 08.02.19.

 

Остана ли некој неиспран, нерехабилитиран во овој ребрендиран режим?!

Овие од Сител ќе нè информирале за политичките реформи.
Овие што 11 години живееја и се богатеа од лажење на народот и оцрнување на луѓе.
Свака част и за УСАИД што го финансира овој проект.
Нека е јасно засекогаш во оваа држава, дека само будалите се чесни, дека криминалот и омразата не само што се исплатат, туку и се наградуваат, фаворизираат, протежираат.
Некои изгинааа, еден куп умреа во сиромаштија или нервно попуштија борејќи се за идеали, за вредности, за јавната кауза и колективното добро, додека овие лица на режимот, овој препран медиум на режимот, овие луѓе за секое време и секаква власт, се финансираат.
Нè правите луѓе без меморија, празни школки во овој трул систем кој живее само од слугување и робување.
Ебете се глуперди.

Ивор Мицковски, за новиот Сителов ТВ магазин Детектор, проект на УСАИД; 01.02.19.

 

За многу години 12-те дена!

Од безбедносни причини, како и секоја година, мое е да ве предупредам. Пошо и вие сте луѓе. За многу години 12-те дена! Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл., кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето.

Нита Муча, Фејсбук, 07.01.19.

 

ГЛАВОЛОМ ШАМПИОНКИТЕ ЗА 2019: БУЖАРОВСКА И НАЈЧЕВСКА

 


РУМЕНА БУЖАРОВСКА

 

Дали феминизмот ја уби женственоста во жените?

Прашува Дејан Андоновиќ, новинар: Дали феминизмот ја уби женственоста во жените?

Бужаровска: Што, според Вас, значи женственост? Кикотење, срамежливост, кроткост, страв од став, кревкост, предимство на физичка убавина, нељубопитност, закопување на умот? Страдање и издржливост, што би рекла Дебора Леви, „весело страдање“, социјална халуцинација од која многу жени полуделе? Ако е тоа женственост – тогаш да. Феминизмот го убива сето тоа.

Слободен печат, 04.12.19.

 

Министерството за култура е во распад, културните институции се закочени и во комплетен хаос

Сегашната власт се истакнала и се истакнува со паушалниот и несериозен начин на кој се однесува со културата. Тие се просто, некултурни. Некултурни беа и овие од претходната власт, но тие барем сфаќаа дека културата е моќно оружје, и толку го употребуваа што го злоупотребија. Исто така, сегашната власт жестоко ја потценува културната сцена. Забораваат дека неа ја сочинуваат најгласните и најистакнатите индивидуалци во ова општество. Но ова сме го зборувале, и не нè слушаат: Министерството за култура е во распад, културните институции се закочени и во комплетен хаос. Единствено функционира МКЦ: и како некоја библиска чума, ете одат и него да го уништат.

Независен весник, 22.06.19.

 

Народен суд

Истите вие што одевте на протести и учествувавте во промената на општеството, сметавте дека е добро во новата влада да влезат непартиски луѓе од граѓанскиот сектор: и кога тоа се случи, истите тие ги исплукавте, ги етикетиравте како неискрени фотелјаши, дури и кога за малку ќе ги убиеја во Собранието на 27 април (за Павле зборувам, да). Сепак, и покрај сè што труе во државава, решивте дека најмногу ќе се занимавате со ѕвездите што сакате да ги симнете, наместо со тоа што навистина и во крајна линија многу повеќе труе во државава.

Независен, 28.05.19.

 

Со партиското и непрофесионално назначување на Министерот за култура Владата на РМ нанесе непоправлива штета на културата

Со партиското и непрофесионално назначување на Министерот за култура чие име полека ќе го запамтиме по тоа колку е неподобен, Владата на РМ нанесе непоправлива штета на културата, страшно ги понижи сите дејци во ова поле, а нанесе и срам по етничка основа. Имено, таа створи вештачка етничка поделба, иако вистинската поделба е меѓу професионалци и партиски вработени недоветни полтрони. Владата на РМ очајно се зафркнала што срамно го потцени фактот дека културните работници се јавни личности кои имаат огромно влијание врз јавното мислење.

Фејсбук, 08.02.19.

 

МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА

 

Скопје е монструм

Да престане да се гради во Скопје.
Да се даде забрана за зголемување на бројот на жители на Скопје.
Да се дадат сите можни привилегии за секој кој живее надвор од Скопје а доаѓа да работи или студира во Скопје.
Да се инвестира во општините надвор од Скопје и тие да се направат посакувано место за живеење.
Да се инвестира во железница која би ги поврзала сите населени места од Македонија, за поголема мобилност на населението независно од возраста.
Скопје е монструм. Скопје е нехумано место за живеење и за развој на децата, нехумано место за живеење на старите и секој ден станува сè помонструозно место за живеење за кое било човечко суштество.

Фејсбук, 06.11.19.

 

Господи, спаси нè од глупи луѓе и уште поглупи јавни обвинители

Ваква концентрација на глупост можеше да биде создадена само во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Абе ни Устав не знаете ни закони не разбирате а камоли пракса да спроведувате.Тапоглавци едни, ова е една од надлежностите на претседателот да ги штити уставноста и законитоста и тој тоа го прави на најнормален и најсоодветен начин, ама кој да разбере во бандата која по којзнае кои канали завршила факултет и којзнае со кои врски положила правосуден и којзнае по кои партиски патишта станала дел од ЈО.
Ма сите вас требада ве сменат од прв до последен и да се распише конкурс, со тоа што прво ќе се прави тест на интелигенција, па проверка на интелектуални капацитети па потоа сè останато.

Фејсбук, 13.08.19.

 

Проветрување во судството

Јас лично проветрувањето би го започнала со тест на општа интелигенција. Мислам дека така ќе проветриме околу 70% од судиите.
Потоа со тест на знаење.
И би завршила со проверка на потеклото на имотот.
Не ни требаат ни глупи ни незналици ни корумпирани.
Било кој од овие елементи треба да биде прва брана на несодветното судство.

Фејсбук, 22.07.19.

 

Ја прекардашивте

На сите криминали кои ги направил ќе одржиш фарса судење на кое ќе го осудиш за најминорното нешто.
Потоа ќе му овозможиш па и помогнеш да побегне надвор од државата.
Потот ќе направиш фарса као ние го бараме и сакаме да се врати.
Па нема да го разрешиш од пратеничката функција по силата на законот туку ќе му исплаќаш плата. Па ќе направиш фарса дека ќе го разрешуваш конечно.
Па ќе му дошепнеш да прати оставка.
Па нешто ќе се чаталиш по медиуми дека треба лично да дојде.
Па ќе му ја усвоиш оставката и ќе му исплаќаш апанажа на осудениот и побегнат криминалец.
Не, ова не може да е случајно.
Ова е намерно и смислено и ова мора да биде казнето.
И казната ќе стигне, бидете сигурни.
Ја прекардашивте.
А таа службата груевистичка која ви рекла дека е според закон и деловник одамна требаше да ја расчистите.

Фејсбук, 12.06.19.

 

 

ОкоБоли главаВицФото