Замина Буштур, легендата живее

01.02.2020 14:22
Замина Буштур, легендата живее

Буштур беше спортскиот херој кому му се восхитуваш, кого го гледаш со страхопочит, од кого чекаш чуда, да го реши мечот, да го наполни противничкиот кош, да победи. Кошарката беше популарна, младите се трупаа на трибините на салата во Градски парк. За да го гледаат Работнички, да го гледаат Буштур.

Загина Благоја Георгиевски – Буштур. Страшната вест како темен облак фрли сенка на Македонија. Замина човекот што остави вечен и огромен печат на играта меѓу обрачите, и спортот воопшто, во Македонија. Но, легендата за Буштур вечно ќе живее.

Нема човек во земјава што не знае кој е и што е Благоја Георгиевски – Буштур. Некој ќе ви зборува за неговите трофеи во кошарката, за ангажманите во спортот, за МОК… Сето тоа е многу значајно. Но за луѓето од мојата генерација, кои беа тинејџери и младинци во времето кога Буштур играше кошарка, сепак, спомените се враќаат на времињата кога тој го водеше неговиот сакан Работнички на паркетот во силната југословенска лига и на меѓународната сцена. Спомени полни со носталгија за прекрасните времиња, нарушени со шокот поради ненадејната загуба.

За младите луѓе од тоа време во Скопје и во Македонија, Буштур беше спортскиот херој кому му се восхитуваш, кого го гледаш со страхопочит, од кого чекаш чуда, да го реши мечот, да го наполни противничкиот кош, да победи. Кошарката беше популарна, младите се трупаа на трибините на салата во Градски парк. За да го гледаат Работнички, да го гледаат Буштур. Стотици деца од тоа време Буштур ги насочи кон кошарката. Гледајќи го него, се вљубувавме во таа игра. Стотици од тие млади тренираа кошарка, некои од нив и станаа многу успешни. Ги повлече Буштур.

Буштур беше нашиот Праја, нашиот Мока, нашиот Киќо, херојот со кој македонската младина се мереше со тогашните ЈУ-величини. Кога ја гледавте неговата борбеност, пробивност, вештина на паркетот, не можевте да не го сакате. Колкупати трибините на салата во паркот експлодирала по неговите потези во мечевите со Партизан, Звезда, АСПО, Чинцано, Олимпијакос и други великани од југословенската и европската кошарка. Колкупати излегувавме насмеани од некој меч, со неговото име на усните. Најголемиот негов придонес е тоа што во тие времиња Работнички беше респектабилна величина во суперсилната југословенска лига, што повлече многу други наши клубови да се развиваат, играчи да ја засакаат портокаловата топка.

Благоја Георгиевски како играч беше и дел од светски доминантната југословенска репрезентација, со која освои многу вредни трофеи. По крајот на играчката кариера тој остана во спортот, даде немерлив придонес како тренер, како спортски работник што се ангажираше во спортот воопшто.

Сепак, според наша оценка, веројатно и субјективна, најголемиот и најспецифичен придонес во Македонија тој го даде како играч на Работнички. Научи многумина да ја сакаат таа игра, многумина го посветија својот живот на магијата на кошарката благодарение на Буштур и неговите незаборавни потези како играч.

Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото