Моето прво искуство со „Mixed Martial Arts“

02.12.2019 19:05
Моето прво искуство со „Mixed Martial Arts“

Фотографииве настанаа од мојата прва средба со ваков вид боречки спорт, на натпревар на ММА (Mixed Martial Arts) со наслов MMA fight night 2, одржан во Гостивар на 23.11.2019.

Но, слободно може да кажам, ова беше повеќе судир отколку средба. Судир на светови: мојот, сосема неподготвен за жестокоста на случувањата во хексагоналниот кафез, и тој на борците натпреварувачи - за мене непознат до непоимливост - спремни тој ден да го истрошат и последниот атом енергија.

Ми се чинеше дека борбите беа испреплетување на две тела, двајца борци, кои во еден момент се слеваат едно во друго, при што тешко станува да се разликува кој е кој, како одраз во огледало, едновремено двајцата задаваат и примаат удари. Удари кои, јасно се слуша, произлегуваат од нивните тела, и чиј застрашувачки звук одекнува низ извиците на публиката. А публиката како едно сферно огледало секаде наоколу, ја рефлектираше таа енергија од кафезот и беше рамноправно ехо со видливо растечки адреналин, кое на секоја наредна борба се стеснуваше околу епицентарот - кафезот.

Борбите не запираа при првите силни удари на противникот, ни при првите капки крв, ни при вклештеноста во некој агол на мрежата, но беа строго контролирани од високопрофесионалните судии.

Набљудувајќи ја сета таа експлозивна енергија, задоволството на победените но и на поразените, и неизбежната прегратка на противниците на крајот на секоја рунда, не можев а да не се сетам на филмот Fight Club (1999) од режисерот David Fincher, и да имам добар изговор да го погледнам уште еднаш.

Им благодарам на организаторите кои ми дозволија да го фотографирам настанот.

Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Јавни простори / Фотографија
Фотографија / Култура / Настан
Фотографија / Настан / Око
Фотографија

ОкоБоли главаВицФото