Прилог кон едно критичко соочување со југословенското наследство

05.02.2020 13:28
Прилог кон едно критичко соочување со југословенското наследство

Се обраќам како читател на порталот Окно, дозволувајќи си еден скромен обид да се надоврзам на неодамна објавениот текст Критичко соочување со југословенското наследство (пренесено од Дојче веле на 21.01.2020) од почитуваната Кица Колбе чии текстови секогаш со голем интерес ги читам.

Во овој текст Колбе посочува на денешната присутност на едно извесно романтизирање на југословенското минато, наспроти ноторниот факт дека оваа земја заврши во братоубиствена војна; понатаму, таа заклучува неуспех на идеологијата на „братството и eдинството“, а причината за крвавиот крај на Југославија ја гледа во недостигот на искуството на парламентарна демократија кај југословенските граѓани – дефицит заради кој, и покрај високото место на културата и образованието во југословенското општество, немало услови за создавање на критичко, зрело граѓанство кое ја има слободата на избор.

И покрај мојата општа согласност со пораката на овој текст како и моето разбирање за важноста да се посочи кон проблемот на наивното романтизирање на југословенското минато, сепак неговото читање ме мотивира да акцентирам други аспекти во целата таа слика што овој приказ ја сугерира.

Иако, секако, ми е јасно дека без никакво генерализирање воопшто не би ни можеле да зборуваме или пишуваме, во овој текст сепак ме изненади поедноставувачката претстава за тоа дека, на пример, во Југославија се живеело за идеја или се учествувало во братоубиствена војна: Не може да се каже дека баш до секого навистина или на ист начин стигнувале пораките на југословенскиот социјализам и идеологија; а од друга страна исто така и не секој со иста националистичка страст бил учесник или поддржувач на војната во Југославија односно ја делел омразата кон другиот... Не би сакал на ова место да навлегувам во разгледување на можните причини заради кои доаѓа до војна, начинот на којшто избувнува војна, како и мотивите за тоа некој да отиде во војна, но брзото и еднострано детектирање на позадината на една војна мислам дека е во најмала рака невнимателно (особено во случајот со Југославија: не може да не се земат предвид улогата и интересите на надворешни фактори во растурањето на една држава која е лидер на едно антиблоковско движење што се залага за активна, мирољубива коегзистенција во меѓународните односи – концепт директно спротивставен на капиталистичките интереси). Во секој случај – што се однесува до војни и оружени конфликти воопшто –, секогаш и секаде, а не само во некогашната Југославија, се наоѓаат таквите кои се спремни да посегнат по оружје. Конечно, голем е бројот на оние Југословени кои беа против таа војна! Можеби повеќе треба да се навлезе во прашањето – зошто сепак надвладеа војната, зошто не успеа да се спречи? Дали тоа се должи на преголемиот националистички занес на Југословените?

Спектарот на индивидуални мислења и искуства во врска со Југославија е толку широк, што така гледано веројатно би требало да се рече дека Југославија е нешто помеѓу некогашна диктатура и изгубен рај. Затоа се согласувам дека е неопходно едно внимателно, критичко справување со тоа време и негово обработување, но тоа не подразбира само нагласување и упорно повторување на оној веќе одамна прифатен и, би рекол, исфорсиран дисконтинуитет. Непродуктивно е по секоја цена и постојано одново да се фокусираме само на таа страна на историјата, а без притоа да се негува и свесноста за вредностите и достигнувањата како и позитивните резултати и плодови на таа култура, коишто евентуално вреди да се сочуваат и на коишто можеби би можеле и би требалe и денес да се надоврземе и да се повикаме (притоа не бегајќи од сопствената одговорност за проблемите на минатото).

Секако, како што нагласува Колбе, културата и образованието, односно описменувањето на населението и еднаквите шанси за образование на граѓаните, беа можеби најголемата вредност на југословенскиот социјализам. (Во секој случај не и единствената – не би требало да се заборави, на пример, на здравството или на создавањето на една широка таканаречена „средна класа“...) За подобра илустрација (и за оваа констатација да не остане само апстрактен, неопиплив приказ), би направил споредба со еден извесен, би рекол, провинцијализам во германското образование и култура, за кој не знам колку се македонските читатели информирани или свесни:

Во германскиот образовен систем не е предвидено запознавање на некаков канон на светската литература, така што е сосема нормално еден матурант во гимназија, со одличен успех, да не чул на пример за Маркес или за Булгаков; воопшто, едно широко образование не се стимулира посебно, така што не е необично да се сретнат студенти по филозофија што не чуле за Бодлер, докторанти по литература што не знаат да го прочитаат името на Дега, музиколози што не знаат дека Константинопол некогаш бил најзначајниот христијански центар (секако, доколку ова не е во близина на нивната област на проучување); за очекување е на образовани луѓе да не им е јасно дека Југославија не припаѓала на источниот блок, но да знаат можеби за по некој цитат од Гете во врска со Балканот од негово време...

Но и она југословенско широко образование и култура не би смеело да биде сфатено само како некаков збир на информации и компетенции без да се земат предвид аспектите на духовно богатство, култивираност, отвореност и интерес кон другото и другиот... Во поширока смисла тука станува збор за воспитание, светоглед, свест и дух коишто можат да се забележат меѓу веројатно не така мал број припадници на оние малубројни југословенски генерации (да, само малубројни – „проектот Југославија“ беше прекинат во еден релативно ран стадиум, после неполн пола век). Во секој случај, ако ништо друго, несомнено беше барем започнато создавањето на едно граѓанство до коешто пораките на тaa специфична социјалистичка култура стигнуваат. Меѓу другото мислам на луѓе на коишто им е неважно дали пријателот се вика Немања или Орхан, на коишто им е неважно дали пријателката доаѓа од семејство на интелектуалци или од семејство на работници, луѓе на коишто не им е нормално да живеат во заедница во којашто има милионери и нивни слуги, луѓе кои се растеретени од предрасуди и страв од „Истокот“ или од „Западот“ (тука е интересно да се направи споредба со, на пример, Западна Европа, каде што преку ноќ можеа да бидат активирани механизмите и менталитетот на ладната војна, со анатемизирање на Русија, а од друга страна некритичко прифаќање на сè што доаѓа од САД)...

А што се однесува до „стигматизирањето“ на југословенскиот работник за коeшто Колбе пишува – јас тука сум навистина збунет...

Може да се каже дека во однос на работниците и нивниот културен живот или културен капитал постоела една надменост и ароганција од страна на некакви интелектуални елити или самопрогласени елити во рамки на слоевите на економски подобростоечкото граѓанство. Но од друга страна, би рекол дека Југославија беше дури и едно изразено „работничко“ општество. Зарем веќе се заборавени сите оние бенефиции, па дури и привилегии на работникот во Југославија? Од, на пример, секако хуманото, па и доста удобно работно време и работни услови (за разлика од условите на голем дел од денешните работници на истите простори), па до поволните можности за годишен одмор? Понатаму, во овој контекст, карактеристично е за Југославија и тоа што не мал број на биографии на интелектуалци, научници и уметници (како некаква културна елита) започнуваат со тоа дека личноста се родила, на пример, во скромни услови во работничка фамилија, или дека во пораната младост личноста се занимавала со овчарство, пред да се школува, студира и стане, на пример – поет!

Мора да се напомене дека ова не е нешто што во секое општество се подразбира! За да биде поразбирливо (повторно – не знам колку е македонскиот читател запознаен со приликите во други, поразвиени земји), би требало да се каже дека на пример во Германија – да останеме на истиот пример на високо развиенa западноевропска земја – такви биографии се, барем колку што ми е на мене познато, далеку поретки. Во Германија е вообичаено децата од семејства каде што нема традиција на академско образование, да не зачекорат по тој пат. Би рекол, на еден пасивнo-агресивен начин, припадниците на тие семејства се отклонети од таквиот пат. Како тоа да е наследство или израз на некаква длабоко вкоренета неподвижност помеѓу класите – можеби уште од оние феудални времиња, кога се знаело и пропагирало дека оној што е роден како „селанец“ (земјоделец), како „селанец“ и ќе умре, без можност за промена, независно од сопствените интереси, афинитети и таленти...

И конечно, збунувачка е за мене и можеби централната теза на овој текст на Колбе – дека образованието и културата во недостиг на парламентарна демократија не претставува „вистинска култура“. Имено, многу би ми било тешко да одредам што е „вистинска култура“...

Повикувајќи се на корените на просветителството (Aufklärung; Enlightenment) и во овој случај конкретно повикувајќи се на Кант, Колбе пишува за она што во југословенската адаптација на идеалите на просветителството, и покрај високото ниво на образование во Југославија, недостасувало, наспроти општествата со традиција на парламентарна демократија: „критичката употреба на умот и разумот“, „слободата од авторитети и догми“, одговорност, совесност и способност за однесување според „моралниот императив“. „Критичката употреба на умот во политичка смисла и моралниот интегритет се основните претпоставки за учеството во парламентарната демократија“, пишува Колбе.

Читајќи го ова, имам проблем со фактот дека владите на актуелните парламентарни демократии (изгласани од граѓани кои се евентуално „слободни личности“ што имаат „слобода на избор“) некако континуирано го поддржуваат тоа што граѓаните на нивните земји во основа живеат на „туѓ грб“, ги толерираат (или барем не можат да им се спротивстават на) концерните што експлоатираат работници во далечни и не толку далечни земји или немаат проблем со профитот од војни и трговија со оружје. На страна од сево ова, во последно време во некои од актуелните парламентарни демократии e очигледен и еден загрижувачки подем на десен популизам, национализам и расизам...

Значи, некогашните југословенските граѓани претставуваат форма на едно незрело граѓанство, затоа што југословенскиот „просветителски проект“ не бил, според Колбе, во целост тоа што се претпоставува со поимот „просветителство“ (притоа мислам дека вреди да се спомне и дека проектот на просветителството има една долга и неконсеквентна историја како и богата критика...), за разлика од – би се очекувало – свесните, слободни граѓани во парламентарните демократии, кои имаат право и слобода на избор, кои се со, би претпоставиле, „морален интегритет“ и се „одговорни и совесни“...

Во контекст на овој приказ мислам дека не би требало да се игнорира и еволуцијата на политичката и општествена идеологија во југословенската држава за време на нејзиното кратко постоење, со различните нејзини фази и конечно со препознавањето на блискоста до (односно стремежот кон) таканаречената „социјалдемократија од скандинавски тип“, присутна во излагањата на југословенските теоретичари во 1980те години. (Интересно е и тоа што скандинавските земји, како некаков некогашен, а и сегашен своевиден идеал во поглед на нивната општествена организација, во последниве години се обележани со подемот на десниот популизам, а глобално е сè поголема и свесноста за тоа дека, меѓу другото, концерни со седишта во овие земји се одговорни за експлоатација на работници во други земји...)

Европското друштво кон чие приклучување се стремиме не е ни безгрешно ни совршено. Можеби наместо самите себе да се дискредитираме, би можеле да се обидеме со нашето искуство да направиме некаков придонес кон европската култура? Наместо упорно да го повторуваме она негативното, кое светот за нас често (и можеби најрадо) го слуша или барем очекува да го слушне, би можеле, напротив, да се обидеме да се запрашаме дали евентуално Европа би можела дури и да научи по нешто од нас – од искуството на југословенската култура? Да замислиме нешто во прилог на оној „културен натпревар помеѓу народите“? Во смисол на „културна соигра“? Како соиграчи од коишто нешто може и да се научи, а не само коишто имаат за учење. Дали можеме да се доживееме како соиграчи во една потенцијална културна размена на европско, па и на пошироко ниво?

Тоа би бил предизвикот за нашите интелектуалци! Не само согледувањето и признавањето на сопствените недостатоци или сопствената инфериорност и стремежот кон достигнувањата на другиот, туку негување на сопствениот културен идентитет и обид за автентичен придонес кон европската култура – но од друга страна, со поинаква културна позадина и своја специфична перспектива, наместо голото прифаќање на туѓите наративи и нивното повторување.

Ако сакаме да бидеме почитувани неопходно е и самите да се почитуваме, со сите наши грешки и пропусти, но и достигнувања и доблести. Некој имаше кажано дека односот без должната почит кон надминатите времиња е типичен за Балканот. Можеби последниот пример за ова е токму исфорсираниот дисконтинуитет, заради кој дојде до уништувањето на југословенското духовно наследство и на нашата југословенска културна позадина.

Мислам дека е веќе крајно време да ја преземеме улогата на еманципирани соиграчи во една културна комуникација и размена помеѓу „народите“.

Слики: Зоран Кардула