Земјите што никнаа од гробот на Југославија не се држави, туку пљачкалници во кои нашите капиталистички свињи си играат Запад, демократија и слободен пазар

09.02.2020 23:10
Земјите што никнаа од гробот на Југославија не се држави, туку пљачкалници во кои нашите капиталистички свињи си играат Запад, демократија и слободен пазар

Веста вели: „Францускиот парламент усвои закон за моралност на политичкиот живот, со кој на политичарите им се забранува да вработуваат членови од своите семејства, што е прв поголем законодавен потфат на претседателот Емануел Макрон.

Законот им забранува на министрите, пратениците и членовите на локалната власт да вработуваат венчани или невенчани сопружници, родители и деца со закана од казна до три години затвор и 45 000 евра“.

Добро... „Моралност на политичкиот живот“ е оксиморон.

Но, реално, законот не им е лош. Во секој случај, за нас би бил добар и некој сличен. Не да го донесат, зашто ние имаме мудри и праведни закони „за извоз“. Туку, за промена, да го спроведат.

Нашето таканаречено „усогласување со правното достигнување на Европската унија“ оди глатко токму затоа што овдешните политичари знаат дека нив не ги обврзуваат законите што ги донеле. Како што зборуваше Баја Пашиќ: „Дете, ние не носиме закони за оние што сакаме, туку за оние на кои не сакаме да им помогнеме“. А како што вели црногорската пословица: кој не е за себе, не е ни за друг.

Ако не си помогнал себеси, како ќе му помогнеш на ближниот свој? Тоа, секако, не е единствената овдешна народна мудрост која ја слави корупцијата. Еве ви уште неколку: кој седи под крушка, јаде крушки; оној што претура мед на прстите му останува...

Албер Ками тврдеше дека „да се владее значи да се краде, и тоа го знае секој“.

Навистина: нашиот човек го знае тоа. Луѓето кај нас, за да ја оправдаат одлуката да гласаат за крадци, развиле вистинска мала логичка бравура, која гласи: оние кои веќе се на власт, значи веќе се изнакрале, ќе крадат помалку од оние кои сѐ уште не биле на власт, па немале шанса да крадат легално.

Балканското поимање на правната држава

Да се разбереме, исто е насекаде. Само што во среќните земји законот не важи за луѓето кои нема да ги сретнеш никогаш, зашто живеат во своите дворци, авиони и јахти, па таа неправда е речиси апстрактна, значи поднослива. Меѓутоа, кај нас законот не важи за елитата составена од локални ќибритчии и пазарни прекупци скриени под државните знамиња и во сенка на богомолките, не важи за шљамот што ти смрди под прозорецот, затоа таа неправда е сѐ само не апстрактна - таа е мошне опиплива, затоа е неподнослива.

Велат дека секој закон има по некоја дупка. Кај нас дупките имаат закони: едноставно, на дупката ѝ е потребно нешто за да се обликува.

Затоа: она што ќе им го кажат од ЕУ, нашите ќе го усвојат. Да ви кажам право, ме чуди што досега самоиницијативно не донесоа уште построги антикоруптивни закони од оние европските.

Не знам како е на француски, но на нашки „правна држава“ значи држава во која нема ни право ни правда. Додека живеевме во комунистичка неправда, додека сѐ уште не бевме ни застанати на патот кој води кон развиените демократии и правните држави, човекот, за да не го фатат, можеше да краде нешто од фирмата: шрафцигер, канистер со гориво, бормашина... Но не можеше да се украде цела фирма - цел рудник, комбинат со алуминиум, електростопанство, цел Телеком, како што може во правна држава.

Додека бевме заостанати имаше неспоредливо помалку криминал па луѓето се чувствуваа посигурно. Со развојот на правната држава дојде до силен развој на криминалот. Не велам дека е поврзано, но братче - коинцидира. Да речеме, порано ги апсевме воените злосторници, а понекогаш и ги стрелавме. Со развојот на правната држава, воените злосторници почнаа да добиваат улици и бисти, како и сѐ помали казни, а тоа беше проследено со сѐ поголеми, посвечени и поспонтани народни дочеци, кога ќе се вратеа од воспитно-поправниот престој во затвор со четири ѕвездички.

Кога угнетува посилниот

Мислам дека ова веќе сум го раскажал некаде, но нема да ми замерите...

За време на Олимпијадата во Сараево некој несреќен келнер се обидел, ми се чини на Кирк Даглас, да му наплати повеќе отколку што изнесувала сметката. Некој од домаќините од придружниците на Даглас го забележал тоа. На глумецот му биле вратени парите, кои и онака ги имал премногу. Негативецот кој пред угледниот гостин се осудил да го осквернави угледот на нашата земја бил јавно жигосан и понижен: медиумите, во согласност со практиката на Партијата за пресметување со „мангупите во нашите редови“, со денови бруеле за неговото недело.

А што ако тој келнер не бил мангуп, туку грижлив татко, да речеме, на три болежливи деца, кому очајнички му требал секој динар? Или со семејството живеел во подстанарска соба со многу влага, да речеме на Вратник, од каде морал да се исели уште следниот понеделник, ако до тогаш не собере пари за кирија? Што ако човекот не бил расипан, туку очаен?

Денес, кога богатството и општествениот углед се стекнуваат со пљачкосување цели фабрики и со палење цели држави, приказната за човекот кој бил јавно посрамотен за 100 динари делува како бајата бајка со морална поука која не е поучна, туку комична и, некако, надреална. Најпосле, така и делуваат приказните за нашите некогашни херои.

Идеологијата е слепа и глува за финеси. Дотолку секоја идеологија е складиште на безживотни мисли чија празнина одекнува гласно, па се чини дека тие се големи и значајни. Целата вистина е во малите приказни кои, како под наноси снег, лежат на белината од маргините на важните идеи кои го дефинираат светот.

Земјите кои никнаа како цвеќе од гробот на Југославија, еве една таква мала вистина испишана со невидливо мастило, и не се држави, туку игрални за богатите: пљачкалници во кои дивите деца на транзицијата, нашите капиталистички доенчиња, си играат Запад, демократија и слободен пазар. Воспитувачки нема, нејзините емисари навраќаат понекогаш, благо ќе ги укорат па ќе ги помилуваат по главата малите насилници. Како што нема ни куќен ред, кој и онака го собира само во една реченица, која исто значи и на нашки, и на француски и на англиски: посилниот угнетува.

Слики: Kim Jung Gi

Извор: https://www.6yka.com/