Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

11.02.2020 16:35
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (5)

„Ѓаволска наметка“, Љубомир Јованоски, „Култура“

Живите суштества може само да претпостават како изгледа апокалипсата. Оние што минале низ слични премрежиња, заедно со доживеаните искуства преточени во нивните стории, сигурно помогнале да се обликуваат визиите за сето она што е зад границата на нормалното. Повеќе или помалку, луѓето имаат сопствени спознанија за катастрофите но ниту едно од нив не може да ја долови вистината. А вистината беше пекол, воден пекол.

Една таква состојба, впечатливо се преслика во очите на секој патник на параходот сопственост на Анастас Јанакис. „Аргонаут “ се најде во средиштето на Хадовиот подземен свет. Под застрашувачки удари на ветерот и брановите кои ја плакнеа палубата како од шега, под темниот небесен свод парчосуван од молњите па преку какофонијата на шумовите што личеше на пискотница на бродоломници од дното на морето и лудилото на патниците обземени од страв, се урниса моќта на парните котли и останатите придобивки на човечката вештина и умеење да се спротивстави на моќта на природата. Сите беа во божји раце, сите очекуваа милост и бараа прошка за сторените гревови.Но, во овој случај требаше многу повеќе од искрено покајание.

Посадата се растрча на сите страни. Веднаш беа преземени мерки за заштита на елементите и приборот кои не беа прицврстени за подот. Потоа, капетанот Спиридон Аргирис нареди луѓето да се тргнат од палубата. Се разбира, останаа само оние кои по природа на нивните задолженија мораа да се погрижат за превенција од опасности. Тие се обезбедија на еден начин врзувајќи се со јаже околу половината.

На голема мака беше Анастас Јанакис. Неговиот влог во бурата беше најголем. Освен животот со бројни привилегии, Гркот стравуваше за параходот, за дел од богатството што го молкнеше во рачниот сеф, за бројните недвижнини и преполните сметки во сигурната Солунска банка во која доминираше француски и австриски капитал. Посебна грижа беше очекуваниот приход кој требаше да го оствари преку продажбата на последната тура бели робје. Бурата опасно застрашуваше и дебелиот Грк се почувствува беспомошен молејќи се на колена за божја милост.

Да биде уште пострашно, се погрижи стариот Аркадиус Каламара кој имаше фобија од бура. Тоа беше еден од ретките вистински стравови на книговодителот. Со главата меѓу нозете, клечеше на подот и гласно се молеше. Глетката во кабината на кир Јанакис ќе беше многу смешна доколку не им се закануваше голема опасност.

Под палубата постоеше преграден дел приспособен за заробените.Таа изработка се должеше на потребите на сопственикот кој тесно соработуваше со ѓаволскиот полковник Исмет Доган. Во еден модерен параход беше пресликан амбиент сличен на оној од средновековните галии или од корабите кои превезувале стока и робови во Јужна и Северна Америка. Постоеше нешто што можеше да се нарече патека, а лево и десно од патеката имаше железни боксови со пранги и сламени подлоги за заробените кои беа разнесувани по пазарите за бели робје низ Ориентот.



„Живеј го животот со восхит“, Катарина Јовчевска, „Академски печат“

Од 28 јануари 2017 година 20 часот па натаму

Бидете креатор и господар на својот живот и создадете ја иднината каква отсекогаш сте ја посакувале и замислувале. Тоа е вашата задача. Јас само може да ве упатам на некои факти, а на вас останува дали ќе сакате да сфатите ако сфатите. Ќе ти раскажам драг читателу многу интересни работи, само имај трпение и слушај ме внимателно - чекор по чекор. Можеби некој збор од ова книга ќе допре до тебе и ќе ти го осветли животот и ќе те преобрази во среќно човечко суштество какво отсекогаш си сакал да бидеш. Би сакала да е така. Со таа цел и ја пишувам оваа книга, инаку зошто би си го губела воопшто моето скапоцено време. Помислете на тоа како го минувате времето и на што се го трошите.Од сето тоа зависи вашиот живот, вашите постапки, резултати и судбината. А времето само тече и заминува и не се враќа. Бев затворена со денови и недели во мојот дом и се сконцентрирав да направам нешто, по што луѓето ќе ме паметат, иако ова воопшто не би имало смисла. Би било попусто трошење хартија и сечење на дрвјата во шумите. Нели сум во право? Но, сега нешто за мојот живот како започна се. Ја имав таа несреќа или среќа да се родам во Шведска во една многу богата и преубава земја со секакви можности за успех и напредок и да се вратам со родителите во мојата татковина Македонија. Една сиромашна земја, но богата со различна историја од минатото каде поминале и се вкрстувале многу цивилизации и тука да го поминам поголемиот дел од животот низ многу маки и страдања. За возврат, од она што го изгубив таму, тука добив истрајност, самодоверба, ентузијазам и искуство од животот како недостатокот од материјални добра да го претвориш во изобилен извор на идеи и стихови кои ќе ми помогнат да го пребродам сето тоа и да застанам цврсто на своите нозе дури и другите да ги подучувам и инспирирам. И се прашувате дали вредеше. Вредеше и тоа како.Иако, да признам ми беше многу тешко низ годините, што не израснав во местото каде што се родив и сето тоа ми недостигаше толку многу.Ми недостигаше можноста да бирам секакви можности за успех и напредок од сите области, и затоа често бев тажна. Деноноќно ме прогонуваше таа мисла и не ми даваше мир. Јас сето тоа го немав. Се имав само себе. Фала Богу и моите родители беа тука, не да не ги забележував и не да не ги ценев, но што можеа тие да ми понудат повеќе, од само еден едноставен живот и скромно средно образование и ништо повеќе. Но, такви беа околностите и условите за мојот живот, кога растев во една многу стара куќа во центарот на градот Куманово, а за другото јас морав да го употребам својот ум и премногу да размислувам околу прашањето - Како да создадам од ништо нешто? Признавам, тогаш ми требаше едно волшебно стапче што го немав. А за да го пронајдам ми требаше некоја добра самовила која требаше да ме благослови како во приказните. Многу често се прашував самата себеси - Како да создадам живот каков што посакувам, како да ја употребам фантазијата за нешто навистина големо. Толку многу нешта се криеја во мислите на едно ситно мало детенце кое беше незабележително во градот Куманово. Се чувствував како и да не постоев меѓу тоа мое големо семејство од блиски родини кои имаа и со што да се пофалат и да се покажат.Создадов еден невозможен свет на идеи, откривања и будења што започнаа од мене и се надевам ќе продолжам да го ширам тоа преку моите песни, книги и стихови...