„Анатрос“ и „Само Бог простува“ (извадоци од романите)

06.04.2023 14:21
„Анатрос“ и „Само Бог простува“ (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Само Бог простува“, Анде Јанков, „Антолог“

На излогот од кафе-книжарницата Метаноја висеа неколку наслови на книги, за кои Виктор досега не беше слушнал. Секако, широкото познавање на книжевноста беше силна страна на Даниел, тој сепак чувствуваше дека беше за’рѓал кога се работеше за современата светска литература. Зачекори по скалите внатре во самиот локал, во кој, освен жената зад пултот, во моментов немаше никој друг.

„Добар ден, повелете“, изусти женичката со тивок тон и побрза да стане од столот.

„Здраво. Вие сте Билјана Јанкова?“

Ниската жена кимна со главата во знак на потврда, пред да ги собере густите веѓи. Имаше полна фигура, буцкасто лице и црна коса со неколку бели прамни, заврзана во репче. Костенливо-кафените очи неколку секунди немирно го скенираа Виктор.

„Виктор Николов од скопското СВР. Примете сочувство за вашата сестра.“ Тој набрзина ѝ ја покажа легитимацијата, пред да премине на причината поради која беше таму. „Се надевав дека ќе ми одговорите на неколку прашања поврзани со Лилјана. Знам дека вчера ја погребавте, но колку побргу ги имаме сите детали, поголема е веројатноста да го уловиме оној што ѝ го направил ова.“ Билјана посочи со рака на една од масите, на која потоа се сместија двајцата.

„Што сакате да знаете поточно? Веќе зборував со еден од вашите колеги по телефон.“ Бледото лице и уморниот поглед на Билјана сугерираа дека ќе помине многу време пред таа да се врати во нормала.

„Знам, затоа ќе се обидам да бидам што пократок. Разбрав дека сте биле блиски со Лилјана, иако не сте живееле заедно. Па, ме интересираше дали имате идеја зошто таа би се нашла на мета на убиецот што изминатиов месец оперира низ градов?“

Билјана ги крена рамената, триејќи ги дланките од своите фармерки. „Не би знаела, господине. Иако Лиле беше помалку своеглава, немаше непријатели, барем колку што знаев јас.“

„Ахам. А кажете ми, сте ја виделе ли некогаш во друштво на овие луѓе?“ Виктор од џебот на јакната извади две слики од Жаклина и Миодраг и ги остави на масичето пред неа. Билјана се наведна за момент над двете слики и, по некоја секунда, повторно го врати погледот кон Виктор. „Не, прв пат ги гледам и двајцата. Зошто ме прашувате за нив?Дали се тие...“ Одеднаш, таа ја стави едната дланка преку устата, сфаќајќи зошто инспекторот ѝ го беше поставил последното прашање.

„Да, ова се претходните две жртви. Сѐ уште не сме успеале да го дефинираме образецот според кој ги бира.“ Воздивнувајќи длабоко, Виктор ги врати сликите назад, пред да продолжи со разговорот. „Добро, а забележавте ли можеби нешто чудно во врска со Лилјана изминативе денови или седмици?“

Билјана се замисли за момент, одлутувајќи со погледот некаде зад Виктор.

„Ова... па таа спомена нешто по телефон пред неколку дена.“

„Што, поточно...?

„При крајот на еден разговор, ми призна дека неколку пати кога си одела од тренинг од она студио во Аеродром добивала впечаток дека некој ја следи....“

 

„Анатрос“, Хари Кацановски, „Арс Либрис“

Се разбуди исплашен, а уште повеќе го потресе светлината од сонцето во собата. Помисли на минатата вечер и му се стемни. Му дојде првата наметлива мисла, но беше прекината од електронската секретарка на телефонот која најави една говорна порака.

„Јан, кога ќе станеш, веднаш дојди во канцеларија“, гласот на Леукос го доразбуди. Леукос имаше длабок глас што повремено крчеше. Беше релативно позитивен лик за извршен директор на најголемата корпорација. Луѓето имаа погрешни претстави за луѓе како Леукос. Мислеа дека сите шефови се рептили што се хранат од страдањето на работниците, скриени од окото на пролетерот.

Леукос беше доказ дека луѓето не треба да се ставаат во кутии ниту, пак, да им се припишуваат фундаментални особини на база на ограничени информации. Беше коректен, колку што може да биде некој на негова позиција. Ако ништо друго, создаваше илузија на лажен избор. Вработениот мислеше дека избира, иако на крајот веројатно сѐ се одвиваше според планот на Леукос. Јан стана и бргу се облече. Помисли да измие заби, здивот му смрдеше на пепелник, но се премисли и веднаш излезе. Ако Леукос велеше „веднаш“, тоа значеше дека нема одложување. Дури и кога велеше „кога ќе можеш“, тоа значеше „веднаш“.

Одамна немаше излезено дење, мислеше дека ќе ослепи. Сакаше да оди пеш бидејќи живееше блиску до претставништвото на „Радиокорп“. Капа сѐ уште беше сива, само со посветла нијанса. Денски подобро се гледаше колку се распаѓа, можеше да се забележи секој детаљ од текстурата на бедата. Немаше ни многу луѓе, веројатно повеќето беа отселени. Целиот град изгледаше руинирано, освен центарот. Центарот каде што се наоѓаа претставништвата на полемите компании личеше на луна парк. Тоа што среде депонија со сивило имаше раскошни згради, добри автомобили и луѓе во скапа облека ѝ даваше уметничка нота на Капа. Како што растојанието од центарот растеше така пикадото беше пооштетено. „Радиокорп“ беше во самиот центар, во срцевината на Капа.

Пред зградата забележа нов огромен екран на кој имаше снимка од анимирано лице. Ликот беше со лузни и под екранот имаше текст: „Се бара антисоцијален елемент“. Криминалците не беа „криминалци“ повеќе туку „антисоцијални елементи“. Беа лишени од нивниот идентитет, ги губеа името и презимето и стануваа слика со текст „антисоцијален елемент“. Тоа дури беше донесено со закон. „Антисоцијалните елементи“ тешко се криеја од будното око на законот. Освен тоа што нивните ликови се појавуваа на сите екрани во градот, полицијата користеше вештачка интелигенција која ги препознаваше ако поминеа пред која било камера. Носењето маски беше забрането со закон.

Сепак, криминалната стапка во Капа растеше и покрај сите методи на репресија. На вратата го пречека обезбедувањето и му побара картичка за идентификација. Почна да пребарува по џебовите, но не можеше да го најде паричникот. Го беше заборавил дома од брзање, законите на универзумот пак му поставуваа пречки. Тие од обезбедување го познаваа многу добро, тој беше единствениот вработен што активно ги избегнуваше. Но, сепак, не го пуштаа, можеби му се лутеа бидејќи не сакаше да комуницира со нив. Тој им даде шанса, еднаш. Почна разговор со нив, за набргу да почнат да го прашуваат дали има секс и да му објаснуваат како мора да се истрижи за да им се допаѓа на девојките. Тие беа копија еден на друг, високи, развиени, со истата фризура и истите шеги. Јан не припаѓаше во нивниот свет, а и не планираше да го запознае подобро. Сега не го пуштаа, веројатно само постапуваа според инструкции, не беа способни да ги видат сивите зони. Но имаа функција, гледањето сиви зони не беше пожелна карактеристика за секоја професија. Беа едноставни системи што испукуваа бинарни сигнали. Имаше само „да“ и „не“, зависно од нивната програма, поедноставна и од вештачката интелигенција во „Квази-Капа“. Јан ги споредуваше сите што ги презира со симулациите во „Квази-Капа“. Откако не успеа да ги убеди, иако тие му се обраќаа на име бидејќи го знаеја, му се јави на Леукос и му кажа дека ја заборавил идентификацијата. Леукос им се јави и веднаш го пуштија.