„Најосаменото место“ и „Сигурен ризик“ (извадоци од романите)

05.05.2022 19:40
„Најосаменото место“ и „Сигурен ризик“ (извадоци од романите)

„Најосаменото место“, Симеон Јанков (Или - Или)

Откако пронајдов уште две трепки во нејзиниот пасош, седнав пред лаптопот и се најавив на Фејсбук. Силвија немаше нова објава. Не ми се гледаше ништо друго на мрежата, но не се одјавив и отидов на Јутуб. Сакав да најдам некое поново видео на Клер, но наидов на едно од 2015 година, кое беше значително постаро од првото што го видов. Насловот гласеше „Како е да се биде во кома?“ Добила компликации за време на една операција, а потоа и страшна инфекција на белите дробови. Се разбудила со многу соништа и уште повеќе приказни за раскажување. На таинствен начин знаела што се случува и сѐ што до неа допирало од надворешниот свет се претворало во нешто друго, а во меѓувреме таа се пробивала низ честакот што водел до некои поинакви приказни. Подоцна, откако се разбудила, сфатила дека нејзиниот мозок е многу повеќе одошто дотогаш мислела; со помош на чудните приказни што ги создавал, ѝ ја објаснувал причината за нејзината ситуација. Кога го наслониле креветот, веројатно да го подобрат крвотокот до нејзината глава, Клер чувствувала дека главата ѝ добива плосната форма и немало никаков кревет, туку езерце во кое еден брод почнува да тоне. И било многу пријатно кога ги слушала гласовите на луѓето што навистина ѝ значеле и се наоѓале крај нејзиниот кревет; секогаш кога крај неа биле нејзините родители и оние што ги сакала, умот ѝ одел на некои успокојувачки места. Меѓутоа, кога слушала непознати гласови, дрдорења на луѓе што едвај или воопшто не ги познавала, се чувствувала многу чудно и загубено. На мониторот се појави полумрачен ходник што можеби беше дел од некој многу поголем лавиринт. Сево ова ја поттикнало на длабоки размисли за тоа како луѓето околу нас и доживувањата во целост, влијаат на умот и го обликуваат нашиот начин на размислување. Дошла до интересни заклучоци, меѓу кои и неутешното сознание како светот може лесно да биде манипулиран, дека и нашите умови се подложни на тоа, а на многу нешта што ни се чинат обични треба да им пристапиме многу подлабоко за да стигнеме до нивната суштина. Се пронајдов во зборовите на Клер, макар и делумно, на крајот, контекстот беше поинаков. Од најмали нозе дома ме учеа дека цигарите се лоши и никако не смеам да пропушам. Кога на големата пионерска приредба во второ еден ученик ревносно ја рецитираше Рациновата Ленка, во умот ми се врежаа тие „тутуни- жолти отрови“ и гробот на Ленка. Песната ја доживеав како дел од некоја тогашна кампања против пушењето, мислев дека нѐ предупредува за опасноста на цигарите преку примерот на една млада девојка што пропушила и на крајот умрела од тоа. Верувам дека тоа на што дома ме научија беше пресудно за таквата интерпретација. Е, тогаш кај мене се зароди вистински страв од цигарите и мислев дека никогаш нема да пропушам.

За крај: „Ако имате други прашања, слободно напишете ги во коментар, а јас ќе направам забавни видеа за нив“.

Не ѝ напишав никаков коментар, веќе бев уморен и сакав што поскоро да си легнам.Обично ми се приспиваше кога ќе се испружев со книга в рака. Ја сакав поезијата на Есенин, особено љубовната и депресивната, во којашто сѐ почесто, таа последна 1925 година тој ја изразуваше разочараноста од животот и неговата бесмисленост. Предвесникот на неговата смрт од депресија. Неговата поезија ја сакаше Изабела. Тогаш и јас почнав да го читам. Но, вечерва нешто друго неочекувано ми го одвлече умот. Порака на Фејсбук. Надица!

 

„Сигурен ризик“, Анде Јанков (Антолог)

Громогласниот звук од автомобилот кој штотуку прелета на булеварот Јане Сандански го наруши сонот на постарата госпоѓа Емилија, која беше заспала на една од клупите поставени наспроти супермаркетот Рамстор. Шеесет и седумгодишната пензионерка имаше навика секое неделно утро да го изнесува својот пекинезер пред зградата во која живееше. Како што беше и денес, неретко се случуваше накратко и да заспие додека ситното куче го душкаше околното зеленило. Во еден момент таа почувствува како нешто ја повлекува за едната ногавица. Погледна надолу и го забележи Лаки. Пекинезерот наизменично ја тегнеше за едната нога, па отрчуваше кон паркираното рено клио од другата страна на улицата и ги качуваше своите предни нозе на браникот од автомобилот и душнуваше со носот. Истото го повтори неколку пати, придружено со повременото лаење секогаш кога ќе се доближеше до возилото.

Чудно, си помисли Емилија. Стана од клупата и полека зачекори кон својот миленик, кој повторно се залепи за белото клио. „Лаки, ти мал палавко, дојди ваму...“ Во следниот момент, таа почувствува отсечна и непријатна миризба. Повторно помириса, во обид да го лоцира изворот. Силниот мирис, во комбинација со однесувањето на сивиот пекинезер, ја наведоа да донесе заклучок дека непријатната реа потекнува од багажникот на автомобилот паркиран пред неа. Истиот го препозна веднаш и не ѝ требаше премногу време за да сфати што точно се случува тука. Посегна со раката кон мобилниот телефон во џебот, додека со другата рака се обидуваше да го собере кучето пред себе. „Лаки, престани и дојди ваму...“

****

„Ќе може ли да ги добијам пченкарните снегулки, ќерко?“

Изразот на лицето на Виктор јасно ја покажуваше неговата нетрпеливост, додека Теона веќе половина минута истураше од кутијата во длабоката чинија полна со млеко. Тоа беше еден нивни мал ритуал, кој го практикуваа секое неделно утро, вклучително и денес. Бидејќи Теона беше една млада и независна дама, Виктор мораше да попушти пред нејзиното настојување таа да биде задолжена барем за еден оброк во викендите што ги поминуваа заедно. Па така, беше присилен да се наврати на неделните пченкарни снегулки со млеко, јадење што речиси го немаше пробано откако заврши со своето студирање на Полициската академија во Скопје. Се насмевна за момент кога се присети на сите тие неспиени ноќи спроти најглавните испити, кога единственото нешто меѓу книгата и него беше токму чинијата со млеко и со пченкарни снегулки.

Теона ја протресе кутијата во воздух давајќи му до знаење дека внатре има останато и повеќе од доволно пред да му ја подаде преку маса и да се наврати на чинијата пред себе. „Некој не спиел баш добро...“, промрмори тивко, притоа кикотејќи се додека сркаше со сребрената лажица.

„Еј, сѐ уште не те прашав.Како е на училиште? Почнаа ли веќе со тестови?

„Тато, уште сме септември... Рано е за тоа. Почнавме со обработка на некои лектири по македонски јазик. Наставничката навистина се разлути кога сфати дека повеќе од половина ученици не прочитале ниту една од зададените книги за време на летото“.

„Хмм, да? Тогаш е добро што мајка ти е наставничка, зар не? Не можеш да ескивираш и да сакаш...“ Виктор заврши со појадокот и сега полека почна да ја раскрева кујнската маса на која појадуваа.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото