„Искра во мракот“ и „Вистинска илузија во лажен свет“ (извадоци од романите)

14.04.2022 18:05
„Искра во мракот“ и „Вистинска илузија во лажен свет“ (извадоци од романите)
„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. 
Денес објавуваме извадоци од уште два од романи „Искра во мракот“, Е.Н.Веровска („Муза“) и „Вистинска илузија во лажен свет“, Ангела Бош („Ѓурѓа“).
Претходните извадоци прочитајте ги овде

 

„Искра во мракот“, Е.Н.Веровска („Муза“)

Неговиот замок - неговиот дом - некако се беше претворил во хаос и безредие. Не се знаеше кој е мртов, а кој не e.Исцелителите трчаа на сите страни барајќи лекови, распрашувајќи се за фамилиите на починатите. Кој ќе ги извести истите?

Ејпокс знаеше дека таа одговорност ќе падне во негови раце на крајот на денот. Тоа беа работи кои нема да можат да чекаат.

Не знаеше на што попрво да размислува. Главата му беше на триесет места одеднаш. Сите војници кои паднаа денес на бојното поле ги познаваше лично, а свесен беше дека тоа не завршува тука. Ги очекува уште многу крвопролевање и загуби за да стигнат до мирот кој го посакуваат.Мирот за кој секој од нив е тука да се бори. Мирот кој е поважен од животот на секој загубен војник, мирот на народот.

И што, по ѓаволите,беше онаа градба на средината на Аритес?Каква закана претставуваше? Дали некој живееше во него? Не, уште полошо, кој ли владееше таму? Тоа беа само еден дел од прашањата чии одговори Ејпокс во моментот не можеше да ги долови. Зошто мислеше дека ќе успее во нешто? Зошто ги вовлече сите останати со него во ова? Зошто ја вовлече Гал во ова? Кого залажуваше тој?Најверојатно сега им ја донесе пропаста на прагот со појавата на онаа градба. И што го предизвика ненадејното нејзино појавување? Каде исчезна татко му и останатата негова армија? Дали ќе се врати?

„Ејпокс, добар ли си? Изгледаш како да си видел дух“, нежно допирајќи го за рамото, му се обрати Галисин. Загриженоста ѝ се гледаше во длабоките очи.

Тој не забележа дека таа доаѓа кон него сѐ додека не го допре. „Добар сум, не грижи се“, излажа.

Гал седна до него. „Ејпокс, знам дека не е лесно да се гледа ова. Знам дека ти е тешко, и мене ми е. Но мора да бидеш силен, сите мора да бидеме силни“, му зборуваше.

Секогаш знаеше што да му каже. Но тој не можеше а да не чувствува вина.Тој го започна сето ова.Тој ја започна кавгата со неговиот татко.Toj ja започна целата револуција. И поради него загинаа многу луѓе, многу татковци, мајки, ќерки, синови, сопруги и сопрузи. Многу деца останаа сираци. Не можеше да ја прифати целата ситуација толку брзо. Не знаеше што да ѝ каже. Молчеше.

„Знам што мислиш, но не си ти виновен“, му се обрати некој глас од зад него.

Дејмон. Ако некој го разбираше како се чувствува во моментот, тоа беше тој.

„Сите што загинаа денес не загинаа залудно. Веруваа во тебе и во твојата визија. Веруваа во подобро утре, Ејпокс, а на крајот на денот тоа е најважно“, му рече тој.

 



„Вистинска илузија во лажен свет“, Ангела Бош („Ѓурѓа“)

Кога излезе надвор, Рамелија си ги стави повторно виолетовите очила за сонце на лицето и ја стави на рамо малата чантичка која ѝ беше останала од мајка ѝ.Тргна кон метрото.Сидни живееше неколку блока од неа.Понекогаш Рамелија сакаше да пешачи кога одеше таму. Тоа од прилика беше пешачење долго еден час, но одлично функционираше за разработување на нејзините мисли. Многу често ѝ се мешаа, а таа како да не сакаше да ги врати на свое место.

Сидни беше нејзина долгогодишна пријателка.Се запознаа во деветто одделение кога Сидни дојде да учи во нејзиниот клас и од некоја непозната причина одлучи да седне до неа. Оттогаш тие се најдобри пријателки. Го поминаа средното заедно, а исто така се запишаа на истиот колеџ каде четири години делеа соба во кампусот. Сепак, нивното пријателство малку се разниша во годините кои следеа.Тоа и се очекуваше по настаните кои ги пополнија постдипломските години.

По завршувањето на колеџот,Сидни отиде на патување во Америка.Тоа воедно беше и нејзината огромна желба речиси во текот на целиот живот. Таа отсекогаш сакаше една година по завршување на какво било училиште да оди во Америка. Да работи за обична плата и работејќи на различни места да посети колку што беше можно повеќе од континентот.По природа беше нескротлива.Жарта што ја носеше во себе предизвикуваше секоја прилика да ја искористи максимално.Така и направи. Но,Сидни се врати по седум месеци откако тргна.На почетокот никој не знаеше која беше главната причина поради која се вратила.Таа велеше дека ѝ снемало пари и не можела да најде друга работа.Меѓутоа, сите кои ја познаваа малку подобро знаеја дека тоа е најлесната препрека која може да се јави за неа.Знаеја дека таа не би се откажала. Не толку лесно.

Поминаа уште три месеци кога Рамелија дозна нешто во врска со неа.Нешто кое не го препознаваше кај својата најдобра пријателка сѐ додека не ја виде одблиску.

Сидни беше станала зависничка од амфетамински таблетки.Таа постојано пиеше некакви апчиња кои ги купуваше во аптеката што се наоѓаше спроти нејзината зграда.Редовно ги земаше и ако требаше да одат некаде, па дури и во ресторан, таа мораше да ги понесе со себе. Рамелија не сакаше да ја прашува ништо.Си велеше дека доколку би имала некоја сериозна болест или доколку би било тоа важно, Сидни сигурно би ѝ кажала. Колку и да не обрнуваше внимание на истото, не ѝ беше јасно зошто. Нејзината најблиска пријателка како да се имаше сосема изменето. Промената беше и очекувана, па таа седум месеци помина на другата страна на Атлантикот. Нормално дека ќе биде променета, сѐ е во ред си велеше. Таблетите ги чуваше во посебно шишенце кое не беше никако насловено.