„Отпадот од духовните контејнери“ и „Се викам Лена“ (извадоци од романите)

19.04.2022 11:09
„Отпадот од духовните контејнери“ и „Се викам Лена“ (извадоци од романите)

 

 „Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2021 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи:„Отпадот од духовните контејнери“ од Јован Дамјановски и „Се викам Лена“ од Јагода Глигоровска.

Претходните извадоци прочитајте ги овде.



„Отпадот од духовните контејнери“, Јован Дамјановски („Напредок“, Тетово)

Конечно авионот атерираше. Аеродромот во Штутгарт. Му затрепери срцето пред средбата со своите. Нозете му се пресекоа. Полека се симнуваше од авионот. Од излезната лента внатре, во аеродромските простори, гледаше на сите страни. Очекуваше да ја види својата ќерка. Неа ја немаше. Ја влечеше тешката торба. Во чекалната седна на првото седиште.Вознемирен, ја зaбриша потта од челото. Се исплаши кога неговата торба ја позеде млад висок човек, со брада и долга коса.

- Добре дојде, дедо. Не се врти на сите страни...мама не дојде, ниту татко ми.На работа се. Јас сум тука, во име на сите да те пречекам и да ти посакам добредојде, - му рече на македонски.

Марко се стаписа. Го прегрна внукот. Го заврте од сите страни поубаво да го види.Се расплака.Го гледаше, како да не верува.

- Последен пат те видов како дванаесетгодишно момче. Не забележувај што не те препознав. Во тебе гледам еден модерен хипик. Ти сега имаш дваесет години, нели така?

- Така е, дедо. Студирам информатика. Како си ти?

- Староста е тежок товар, синко. Уште пострашна е самотијата. Особено е тешко кога немаш со кого...откако умре баба ти, јас живеам како мртовец на отсуство.

- Не зборувај за смртта. Доволно е сеќавањето на баба.

- Така е, синко. Тешките мисли доаѓаат од сон што се сонува во јавето. Но, да не зборувам за себе. Како си ти?

- Студиите ми течат нормално. Свирам во еден состав од млади музичари. Ајде, да излеземе. Ќе зборуваме во автомобилот.

На паркингот внукот ја смести торбата во багажникот, а дедо му постојано го посматраше.Влегоа во автомобилот. Внукот Јане пред да го стартира автомобилот, сврте на мобилниот.

- Дедо, мајка ми е на телефон. Ме задолжи да ѝ се јавам штом ќе слеташ.

Марко со вознемирен тон на гласот ѝ се јави.

- Не се извинувај. Разбирам што е работа. Ќе издржам пет часа додека се видиме. И, немој да плачеш. Доволни се моите солзи. Ама, да знаеш, јас сепак сум храбар човек. Се загледувам почесто во небото. Таму се ѕвездите. Значи, се загледувам и очекувам од севишниот кој е господар на животот да ми подари некое делче од нова среќа.Тој ја одредува храброста и стравот пред тешкотиите. Еве, ова е таа среќа што ја очекував. Не го препознав внукот, ама затоа тој ме препозна...останува да разберам дека не сум остарел премногу, ама тој...со долга коса и голема брада...ќе му треба комбајн да се потшиша, - со насмевка го погледа и му го подаде мобилниот.

Јане се насмеа. Дедо му го помилува по косата.

- Еј, дедо. Нестрплив сум да ми испееш некоја македонска песна ...ќе ја запишам за да ја свириме во музичката група.


 

„Се викам Лена“, Јагода Глигоровска („Попули“)

Како и секое утро, Алекс стана рано в зори, тивко се движеше низ заспаната куќа, приготви чај и се врати во својата соба.Почувствува некаков немир, па набрзина се истушира, седна на фотелјата до прозорецот и си го испи чајот. Претходната вечер доби порака, која ја очекуваше подолго време и силно беше потресен од содржината. За да го смири немирот во себе, го вклучи компјутерот, ги најде омилените песни од Нина Симон и собата ја исполни нејзиниот карактеристичен глас, кој само ги продлабочи раните во него.Тогаш повторно ја отвори пораката што го вознемири и ја прочита, а таму пишуваше:

„Ве известувам дека постапив како што баравте од мене и ги ангажирав моите поранешни колеги од полицијата, па дознав повеќе работи, кои, сигурно, ќе Ве интересираат.Се потврди Вашата теза дека човекот во кој се сомневавте, навистина бил организатор на сите работи што биле незаконски и пред повеќе години извршил самоубиство поради тежина на совеста. По дознавање за сите валкани работи што ги сторил, неговата сопруга, која била со слабо здравје, починала.Тие имале една ќерка, која студирала медицина и станала лекар, но кога случајно дознала за гревот на нејзиниот татко, се заколнала дека ќе ги исправи неговите грешки и ќе им надомести на тие што тој ги оштетил. Во контакт сум со еден нејзин колега, кој е сега во Африка, и наскоро ќе ми достави повеќе податоци за конкретниов случај.Добив некои податоци дека била мажена и имала дете, но штом ги добијам деталите, веднаш ќе Ве известам. Не губете надеж, истрагата се движи во вистинска насока и убеден сум дека наскоро сѐ ќе биде расчистено. Ви благодарам за извршената уплата на мојата сметка, а за трошоците за натамошни дејствија и услуги, дополнително ќе Ве известам.

Со почит, Поранешен инспектор Јаков

П.С. Обрнете внимание на семејството,ништо не е
така како што изгледа“.

Алекс повторно внимателно ја прочита пораката и многу прашања му се јавија во главата.Значи, познато било дека човекот се самоубил поради тежина на совеста, но тоа не му беше ново затоа што тој беше директно вклучен во тоа, наводно, самоубиство.Тогаш беше убеден дека праведно постапил, но не му беше познато ништо во врска со неговото семејство, посебно дека имал ќерка, која била мажена и имала дете.Се надеваше дека ќе дознае повеќе за неа и за нејзиното семејство и ќе преземе сѐ што беше неопходно.Но, очекуваше дека во идната порака ќе ги добие информациите што ги бараше со години.

Алекс се обиде да се смири и реши да излезе да прошета во паркот и да поигра партија шах со пензионерот Милан, кој беше добар слушател, а со време стана и негов личен советник. Надвор беше сончево, но и студено и тој го побара дебелиот син џемпер во орманот, па забележи дека е на највисоката полица. Тој беше висок и не му беше проблем да го дофати, но кога го стори тоа, со џемперот повлече и една дрвена резбана кутија, која му врати болни сеќавања. Се двоумеше дали да ја отвори или да ја врати на полицата, па одеднаш реши. Ја отвори кутијата и од неа извади едно сино кожено бебешко чевличе, завиткано во минијатурна бебешка бенкичка.Чевличето беше толку малечко, што изгледаше уште помало на неговата дланка.Чевличето го чуваше многу години, но, не се осмелуваше да ја отвора кутијата затоа што неговото срце сѐ уште крвавеше.