Во состојба на извесна слабост, Улрих наоѓа нова љубовница

26.02.2020 20:56
Во состојба на извесна слабост, Улрих наоѓа нова љубовница

Едно утро, Улрих се врати дома ужасно неуреден. Искинатата облека висеше на него, на изгребаната глава мораше да стави влажни облоги, а остана без паричникот и часовникот. Не знаеше дали го ограбија тројцата со кои ја започна кавгата или, пак, за она кратко време додека беше онесвестен на тротоарот, го ограби некој молчалив алтруист. Легна во постелата и кога неговите премалени мускули повторно се почувствуваа нежно испружени и загреани, повторно почна да размислува за таа мала авантура.

Оние три глави одеднаш никнаа пред него; веројатно во пустата улица, во мракот, случајно се удри во еден од тие тројца мажи, зашто мислите му беа вознемирени и зафатени со нешто друго, но оние лица веќе беа полни со гнев и, ужасно исклештени, стоеја во кругот од светлина создаден од уличната светилка. И тогаш направи грешка. Требаше веднаш да се тргне назад, како да се плаши, и притоа силно да удри со грбот во момчето што стоеше зад него, или барем со лактите да го удри во стомакот, па веднаш да се обиде да побегне, зашто во борбата со тројца крупни мажи, едноставно, нема никаква шанса. Но тој за момент се двоумеше. Тоа доаѓа со годините; со неговите триесет и две години; за непријателство и за љубов треба повеќе време на таа возраст. Не веруваше дека тие три лица што во мракот изненадено зјапаа во него, полни со гнев и презир, ги сакаат само неговите пари, туку сфати дека лично кон него беше насочена чиста омраза, која одеднаш се отелотвори во овие три фигури; а кога тие тројца безобразници почнаа да го опсипуваат со пцости, го израдува помислата дека тоа можеби и не се некои криминалци, туку обични граѓани како него, само малку пијани, па поради тоа и ослободени од сите воздржувања, кои одеднаш се закачија за него, случаен минувач, исфрлајќи ја омразата од себе како бура во атмосферата, секогаш подготвена да пламне против секој намерник. Зашто и тој понекогаш чувствуваше нешто слично. Денес многу луѓе чувствуваат непријателство достојно за жалење кон неверојатно голем број други луѓе.

Основната карактеристика на културата е тоа што човекот чувствува суштинска недоверба кон секој човек надвор од неговото опкружување, така што Германецот го смета Евреинот за неразбирливо и помалку вредно суштество, онака како што фудбалерот го мисли истото за пијанистот. Конечно, некоја работа може да се определи само преку своите ограничувања и, според тоа, преку некои непријателски чинови насочени кон сопствената околина; без Папата не би постоел Лутер, и затоа не може да се негира дека најдлабоката приврзаност на човекот кон својот ближен се состои токму во оддалечување од истиот тој ближен. Секако, Улрих не размислуваше толку сериозно за сето ова; но му беше позната таа специфична атмосфера исполнета со непријателство со која е презаситен воздухот во вашиот век; и кога сето тоа одеднаш ќе се собере и ќе се концентрира во тројца непознати мажи, кои потоа повторно засекогаш ќе исчезнат, и ќе експлодира во грмежи и блесок, тогаш сето тоа на крајот ќе изгледа и како некакво олеснување.

Но се чини дека тој, сепак, малку предолго размислуваше пред тие тројца неранимајковци. Зашто кога првиот јурна кон него, Улрих се тргна назад, но другиот, кого требаше да го совлада со молскавична брзина, само го потчукна со тупаницата, а веднаш потоа одзади доби удар со некој тежок предмет, кој за малку ќе го распукаше неговиот череп. Падна на колена, тие го зграпчија, а потоа уште еднаш потстана и, додека се освестуваше со онаа неприродна јаснотија која обично е последица на првиот шок, почна збунето и неконтролирано да ги удира туѓите тела, но тупаниците кои паѓаа врз него беа сè потешки, го удираа и маваа сè додека не го соборија.

Откако ја увиде грешката што ја направи, а која имаше само спортски карактер, небаре погрешно ја проценил должината што треба да ја прескокне, Улрих мирно заспа, зашто сè уште имаше одлични нерви, со истото она блаженство поради спиралите во кои се разлеваше неговата свест, кое го чувствуваше во заднина уште за време на својот пораз.

Кога се разбуди, се увери дека неговите повреди не се сериозни и потоа повторно почна да размислува за целиот настан. Тепачката секогаш остава непријатно чувство на некаква избрзана интимност и, без оглед на тоа што беше нападнат и повреден, Улрих мислеше дека неговото однесување во целата таа ситуација беше неодговорно. Но во која смисла? Во близина, на улиците стои по еден полицаец на секои триста чекори и ги казнува сите прекршувања на јавниот ред и мир, а за да се помине низ овие улици се бара сила и упорност како да се минува низ некоја прашума. Човештвото произведува и Библии и пушки, туберкулоза и туберкулин. Тоа се однесува демократски кон кралот и благородништвото; гради цркви, а околу нив универзитети; манастирите ги претвора во касарни, а во касарните именува воени свештеници. Се разбира дека општеството на насилниците им дава гумени црева наполнети со олово, за да можат со нив да ги тепаат другите луѓе, а потоа за жртвите подготвува болнички кревети во кои ќе се испружат нивните осамени и повредени тела, каков што беше и оној што сега го чекаше и Улрих, како да е исполнет со почит и внимание. Тоа е оној познат став за противречноста, бесмислата и несовршеноста на животот. Поради тој став често се смееме или воздивнуваме. Но Улрих не беше таков. Ја мразеше таа мешавина од самоодрекување и мајмунска љубов во односот кон животот, мешавина која се помирува со таа противречност и половичност, како што немажената тетка се помирува со непристојното однесување на својот млад внук. Но ни тој не би скокнал веднаш од креветот, ако се покаже дека лежењето во него може да донесе некаква корист од заплетканите односи во човештвото, зашто тоа секако би значело избрзан компромис до совеста кој води само кон штета, краток спој, скршнување во приватноста, кога заради себе го избегнуваме злото и правиме добро, наместо да се потрудиме да воспоставиме целосен ред. Освен тоа, по ова насилно искуство на Улрих му се чинеше дека сосем мало значење има тоа што овде се забрануваат пушките, на некое друго место се забрануваат кралствата или, пак, тоа што некој голем или мал напредок ги намалува глупоста и злобата; зашто мерата на одвратност и злоба во истиот момент се исполнува со нови гадости и со ново зло, така што изгледа дека светот со едната нога прави чекор назад веднаш штом со другата ќе направи чекор напред. Би било добро да се спознаат причината и тајниот механизам на тој феномен. Тоа, секако, би било многу поважно отколку да се биде добар човек според застарените начела, па затоа во морална смисла него многу повеќе го привлекуваше службата во генералштабот отколку секојдневното херојство и добрите дела.

Сега повторно размислуваше за продолжението на својата ноќна авантура. Откако успеа некако да се освести по несреќниот крај на тепачката, во близина на тротоарот застана една кочија и кочијашот проба да го фати повредениот странец за рамена и да го крене на нозе, а потоа над него се наведна ангелското лице на некоја дама. Во таквите моменти, кога свеста се враќа од некоја голема длабочина, целиот свет изгледа како некоја детска книга; но несвестицата брзо ѝ отстапи место на реалноста и Улрих беше восхитен од присуството на жената која се обидуваше да му помогне, будејќи го како мирис на колонска вода, така што му стана јасно дека сигурно не е тешко повреден и храбро проба да застане на нозе. Тоа не му успеа веднаш како што посакуваше, а загрижената жена му понуди да го однесат некаде каде што ќе му биде пружена помош. Улрих ја замоли да го однесат дома и, бидејќи навистина изгледаше збунет и беспомошен, таа реши да ја послуша неговата молба. Потоа во кочијата брзо се освести. Покрај себе чувствуваше некаква мајчинска нежност, некој нежен облак од идеализам подготвен да му помогне во секој момент, од чијашто топлина сега почнаа да се формираат мали ледени кристали на сомневање и страв да не направи нешто непромислено додека полека повторно се претвораше во маж, и го исполнија воздухот со мекост на штотуку наврнати снегулки. ¥ ја раскажа својата авантура, а убавата жена, само малку помлада од него, т.е. несомнено помлада од триесет години, се пожали на суровоста на луѓето, а него почна да го сожалува.

Се разбира, тој веднаш почна живо да го брани тоа што се случи и пред изненадената мајчинска убавина изјави дека за таквите судири не може да се суди според нивниот успех. Всушност, нивната убавина се состои во тоа што учесникот мора за најкратко време, со брзина каква што не постои во обичниот граѓански живот, и раководен од одвај забележливи знаци, да изведе толку многу, различни, силни и, згора на тоа, најпрецизно усогласени движења, кои едноставно не може да бидат контролирани во свеста. Напротив, секој спортист знае дека мора да го прекине тренингот неколку дена пред натпреварот, за да им овозможи на своите мускули и нерви да ја постигнат финалната усогласеност, без во тоа да учествуваат или да се мешаат волјата, намерите и свеста. Во моментот на самото дејство се случува токму тоа, објаснуваше Улрих: мускулите и нервите потскокнуваат и се борат со нашето Јас; но тоа Јас, таа телесна целина, душата, волјата, целата онаа граѓански-правно омеѓена личност ќе биде понесена од мускулите и нервите онака како што Европа седи на бикот; а ако некогаш сепак се случи спротивното, ако некогаш, за несреќа, и најмала трошка од расудувањето пропадне во оваа темнина, тогаш потфатот, по правило, не може да успее. Улрих се занесе во својот говор. Во основа – продолжи со своите тврдења – тој смета дека ова доживување на целосно оддалечување или трансцендирање на свесната личност, во суштина, е сродно со изгубените доживувања кои им се познати на мистичарите од сите религии, така што ова доживување, во извесна смисла, е современ сурогат на вечните потреби – па дури и да е лоша, сепак е замена; а боксот и сличните спортски дисциплини, кои сето тоа можат разумно да го подредат во некаков систем, претставуваат еден вид теологија, иако не може да се очекува дека сите луѓе можат да го сфатат и да го прифатат тоа.

Улрих толку енергично ѝ се обраќаше на својата сопатничка веројатно поради тоа што суетно посакуваше таа да ја заборави бедната состојба во којашто го виде на тротоарот. Но во овие услови таа тешко можеше да процени дали тој се шегува со неа или, пак, зборува сериозно. Впрочем, нејзе можеше да ѝ изгледа природно тоа што тој се обиде да ја објасни теологијата како еден вид спорт, што дури и беше интересно до извесен степен, зашто спортот е нешто современо, додека теологијата, напротив, е нешто наполно непознато, и покрај фактот дека постојат толку многу цркви. Во секој случај, таа си мислеше дека случајноста ја доведе во ситуација да му помогне на еден мошне духовит човек, иако потајно се прашуваше дали, можеби, претрпел потрес на мозокот.

Улрих, кој сега посака да каже нешто разбирливо, ја искористи можноста за да додаде дека и љубовта може да се вброи во религиозните и опасните доживувања, зашто го одвојува човекот од прегратката на здравиот разум и го води кон некоја, навистина, бесмислена состојба на лебдење.

„Да“, рече дамата, „но спортот сепак е суров“.

„Се разбира“, призна Улрих, „спортот навистина е суров“. Би можело да се каже дека тој е талогот од една фино распоредена, сеопшта омраза, кој се насочува кон борбена игра. Секако, луѓето го тврдат и спротивното, дека спортот обединува, дека го развива пријателството и слично, но во суштина, тоа само докажува дека суровоста и љубовта не се оддалечени една од друга повеќе отколку двете крилја на некоја голема, шарена, нема птица.

Притоа, ги акцентираше зборовите крилја и шарена, нема птица, искажувајќи мисла без вистинска смисла, но сепак исполнета со онаа тешка сликовитост со која животот во своето неизмерно тело истовремено ги задоволува сите контрадикторни спротивности; забележа дека неговата сопатничка воопшто не го разбра, но сепак, она меко врнење на снегулките во кочијата, кое го предизвика нејзината појава, одеднаш стана уште погусто. Тогаш се сврти кон неа и ја праша дали чувствува некаква одбивност да зборува за такви, телесни прашања? Телесните вежби навистина влегуваат во мода и стануваат ужасни, зашто телото кое напорно тренира добива превласт и на сите неочекувани импулси автоматски и наполно сигурно реагира со своите извежбани движења, така што неговиот сопственик нема друг избор освен со застрашувачко чувство да гледа по него, сфаќајќи дека, заедно со телото, побегнал и неговиот карактер.

Се чини дека тоа прашање навистина длабоко ја трогна младата жена; се возбуди кога ги слушна тие зборови, дишеше забрзано и се поттргна подалеку од Улрих, како во неа да се придвижи некој механизам сличен на оној штотуку опишан: длабоко дишење, руменило на кожата, силно биење на срцето и можеби уште нешто слично. Но токму во тој момент кочијата застана пред куќата на Улрих. Смешкајќи се, успеа само уште да замоли да ја дознае адресата на својата спасителка за да може подоцна да ѝ се заблагодари, но – на негово изненадување – таа милост не му беше укажана. А потоа вратата од ковано железо се затвори пред збунетото лице на туѓинецот. По овој настан веројатно и дрвјата во старата градина, високи и темни, се издолжија под светлината на електричните светилки, прозорците се осветлија, а ниските крила на малиот замок што личеше на будоар се раширија по искосениот смарагден тревник, откривајќи само мал дел од ѕидовите прекриени со слики и полици со книги, и еден неочекувано убав живот го пречека патникот кој штотуку излезе од кочијата.

Така се случи тоа. И додека Улрих сè уште мислеше дали би било пригодно повторно да го жртвува своето време за една таква љубовна авантура, каква што одамна немаше доживеано зашто беше заситен од таквите задоволства, му ја најавија посетата на некоја дама која не сакаше да го каже своето име, туку влезе право во неговата соба, покриена со превез. Тоа беше истата дама која не сакаше да му го каже името и адресата, оправдувајќи ја својата посета со грижата за неговото здравје и самоволно продолжувајќи ја таа авантура на еден романтично-креативен начин.

И така Бонадеа стана негова љубовница.

Превод: Катерина Јосифоска
Слики: Erich Heckel (1883-1970)
Извор: Роберт Музил, Човек без својства; издавачки центар ТРИ, 2013.

Романот Човек без својства на австрискиот писател Роберт Музил е едно од големите ремек-дела на европската литература од XX век. Во него авторот скицира детален портрет на европскиот дух пред почетокот на Првата светска војна. Дејството на романот се случува во Австрија, но Виена на Музил е симулакрум на целокупната општествена, политичка, културна и духовна состојба во која живее модерниот Европеец. Во Човек без својства Музил вешто создава некои од најмаркантните и незаборавни книжевни ликови. Улрих, главниот лик во овој роман, е еден од најчесто истражуваните и толкувани ликови во историјата на книжевната критика, и често се споредува со Јозеф К. од Процес на Кафка, со Леополд Блум од Улис на Џојс или со Марсел од Во потрага по изгубеното време на Пруст.

Човек без својства е мајсторски изградена мешавина од роман, есеј, политичка сатира, историска хроника и филозофска расправа и токму поради тоа преставува вистински интелектуален предизвик за секој читател, но исто така и неизбежна лектира за секој сериозен познавач на книжевноста.

ОкоБоли главаВицФото