Анти-корона протести: Гневот се истура врз новинари

11.05.2020 14:14
Анти-корона протести: Гневот се истура врз новинари

Извор: Дојче веле

Во Германија расте отпорот спрема ограничувањата воведени од сојузната влада поради короната. Ограничувањата на основните права и слободи се преголеми, велат критичарите. Многумина стравуваат дека ќе има и обврска за вакцинирање, за вакцина која уште не ни постои. Во Штутгарт во саботата се собраа околу 5 илјади луѓе и тоа беше најмасовниот собир досега. Полицијата демонстрациите ги оцени како главно мирни.

Но, не секогаш демонстрациите против корона - мерките поминуваат без насилство. Пред сѐ за новинари кои сакаат да известуваат за протестите, ситуацијата станува заканувачка. Во Берлин за само неколку дена два тима камермани на јавниот радиодифузен сервис беа нападнати. Соработници на Втората канал на германската телевизија ЦДФ на први мај снимаа за сатиричен прилог во емисија т.н. „хигиенска демонстрација”. Нешто потоа тимот - можеби планирано - беше нападнат од 15 маскирани лица и луѓето делумно се здобија со тешки повреди. Според информации на медиумите, напаѓачите користеле метални палки и сличен алат. Случката во цела Германија предизвика реакции. Генералниот секретар на конзервативната ЦДУ Паул Цимијак на Твитер напиша дека бил без зборови поради случката.

На „хигиенската демонстрација” за која известуваше ЦДФ имаше необичен микс од демонстранти: деснопопулисти и десноекстремисти заедно со левичарски критичари на капитализмот и противници на вакцини. Меѓу демонстрантите имаше и приврзаници на теориите на заговор. Случајот со нападот врз соработниците на ЦДФ сега го истражува Службата за државна безбедност. Шест лица беа уапсени кратко по нападот во близина на местото каде се случил. Според сознанија на полицијата, можно е да се припадници на левичарската сцена. Но, расчистувањето на настанот е тешко, бидејќи изјавите на сведоците делумно биле противречни.

Само еден ден пред нападот врз новинарите, односно на 30 април, поранешниот модератор на радиото Берлин Бранденбург и сега деснопопулистички активист Кен Јебсен на неговиот сајт објавил коментар. Автор под името Бернхард Лојен пишува дека „случајно разбрал” оти ЦДФ сака на планираната демонстрација „намерно да бира изгубени и озрачени за да се подбива со нив пред жедната публика на ЦДФ”. За јавниот радиодифузен сервис секој кој излегува на улица важел за „приврзаник на теории на заговор, издуван или нацист или сите три во индивидуален микс”. Бернхард Лојен потоа коментарот го искористи и за повик: „Отпор. Отпорот мора да се разбуди, сега.”

Протест поради „вакцинирачки тероризам“

Медиумите како дел од теорија на заговор

Истата недела во Берлин имаше и друг напад врз медиумски работници. На собир со присуство на околу 400 учесници еден од демонстрантите се издвоил од групата и според полицијата се обидел да клоцне тонски асистент на АРД. Притоа го погодил микрофонот што се удрил во главата на снимателот. Против 46-годишниот сторител е поднесена кривична пријава заради нанесување телесна повреда. Клипови од настанот објавени на Твитер покажуваат дека полицијата брзо реагирала и го уапсила сторителот.

И готвачот Атила Хилдман повика на демонстрации. Тој во последно време паѓа в очи со ширење теории на заговор, како на пример тоа дека основачот на Мајкрософт Бил Гејтс стоел зад ширењето на коронавирусот. На неговата Фејсбук страница Хилдман редовно ги напаѓа и „медиумите”. Во една објава пишува дека „во никој случај” не треба да се верува на изјавите или сликите во медиумите. Тие биле „инсценирани за да се поедностави преземањето на моќта”.

Изјава која кај неговите приврзаници наидува на плодна почва: непосредно пред нападот врз тимот на АРД учесниците во демонстрацијата која тој ја иницираше, извикуваа „лажливи медиуми”. И по нападот демонстрантите се солидаризираа со напаѓачот и од полицијата бараа да го ослободи. Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, по настанот на Твитер објави дека напад против новинарите е напад против демократијата.

Критичко известување не е пожелно

Новинарите не се изложени само на физичко насилство од корона-критичарите. И во Штутгарт, каде се оддржаа најголемите мирни демонстрации во Германија против корона-мерките, омаловажувањето на медиумите е исто така на „менито“. Особено организаторот на демонстрациите, претприемачот Михаел Балвег ги критикуваше медумските куќи АРД и РТЛ за како што вели, еднострано и погрешно известување. Тие погрешно ги поистоветиле демонстрантите со антиваксери, Пегида приврзаници и теоретичари на заговор.

Поради тоа Балвег побара од АРД и РТЛ да го коригираат известувањето и да прикажат слики од демонстрациите со кои ќе потврдат дека погрешно известувале за настанот. Во спротивно, тој ќе ги исклучи медиумите од сите идни собири. Дури и сега сите новинари кои сакаат да разговараат со Балвег или некој од неговите ко-демонстранти мора прво да пополнат онлајн формулар: со него новинарите се обврзуваат дека „ќе извесуваат вистинито, непристрасно и во целост.“ Овој формулар мора да се донесе на демонстрациите и да се презентира.

Балвег во својот говор на демонстрациите во Штутгарт и во неговите видеа на Јутјуб често се повикува на Уставот. Тој постојано го споменува членот 5 со кој се гарантира слобода на говор и мислење во Германија. Новинарите треба да се изјаснат и за ова во формуларот. Особено за делот: „Не смее да има цензура“. Ниту еден новинар нема проблем со овој член од Уставот, но имаат со Балвег. Бидејќи се чини дека тој не знае дека покрај Уставот, во германското право има и Закон за право на собири, односно параграф 6 став 2 од Законот, со кој на ниту еден новинар со легитимација не смее да му се одземе правото да известува од јавни собири.

 Полицијата уапси повеќе демонстранти

Слични содржини

Европа / Историја
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото