Нередите им одговараат на десничарите

05.12.2012 13:27
Нереди им одговараат на десничарите

Масовните демонстрации на улиците на словенечките градови се резултат на гневот на Словенците, погодени од радикалните мерки за штедење на десничарската влада на Јанез Јанша, но насилството и судирите со полицијата им одат во прилог токму на десничарите, вели меѓу другото креативниот уредник на независниот словенечки неделник Младина, Роберт Ботери, во разговор за Радио Сараево.

Совршено ги игнорираат граѓаните

Во Словенија не се живее толку добро како минатите години, а капката која ја прелеа чашата беше игнорирањето на граѓанските петиции за референдум од страна на власта. Ароганцијата на власта отиде дотаму што опозиционите пратеници кои ја потпишаа иницијативата за референдум со придружба на полицијата беа пратени кај графолог.

„Е, тогаш на луѓето им пукна филмот, едноставно веќе не можеа да го поднесат таквото малтретирање од страна на владата“, вели Ботери.

Тој настан предизвика серија протести и демонстрации. Првиот голем протест на кој присуствуваа 30.000 луѓе е одржан на 17 ноември во Љубљана. Го организираа синдикатите и немаше ни најмали нереди. Сепак, протестите, демонстрациите и нередите кои деновиве ја тресат Словенија не се исти во секој град.

„Тоа се повеќеслојни протести: во Марибор против градоначалникот, во Љубљана против владата, како и во повеќето други градови. Овие протести, да речеме, се некаква комбинација од немирите во Лондон минатата година и демонстрациите на плоштадите во Франција и Шпанија минатото лето. Значи, луѓето, многу лути, се спротивставуваат на власта, но немаат јасни барања. Актуелната власт, владата на Јанез Јанша, ги игнорира сите обиди за демократско влијание врз владеењето и ги употребува сите средства. Сосема ги игнорираат граѓанските иницијативи и барања, објаснува Ботери.

Штедење на товар на децата

Во Словенија, вели Ботери, економската состојба денес е многу потешка отколку пред неколку години. Радикалните мерки за штедење кои ги спроведува владата на Јанез Јанша погодуваат голем број граѓани: се укинува бесплатната градинка за второто дете, бесплатната храна во училиштата, се зголемува бројот на деца во градинките, а се намалува бројот на работници во градинките.

Најлошо е тоа што власта воопшто не слуша кога луѓето велат дека не треба да се штеди на градинките, дека може да се штеди на други работи, на дипломатија или војска. Едноставно не слушаат никого и затоа сега добија улица“, вели креативниот уредник на Младина.

Спонтаните протести започнаа кон крајот на ноември. Луѓето се организираат преку групи и настани на Фејсбук и излегуваат на улица. Зад протестите не стои никаква партија, организација или синдикат. Барањата не се јасно истакнати. Сите знаат само дека се многу лути, дека не живеат добро и дека им е доста од сегашната политичка елита.

Скинхедси и хулигани на улиците

Меѓутоа, најголем проблем за сите противници на владата на Јанша е насилството на протестите, кое главно им се припишува на нацистичките скинхедси и навивачките хулигани.

„На тие протести не постои никаква контрола, не се знае кој ги организира. На хулиганите и неонацистите тоа им е вентил за исфрлање на фрустрациите. Но, сепак треба да се знае дека и власта е виновна за тоа, пред неколку години потполно лудо е укинат бесплатниот пристап на спортските терени и активности. Сè повеќе луѓе на своите деца не можат да им овозможат ниту ручек на училиште, кој чини 100 евра месечно, а камо ли некаков тренинг. Таа генерација во најкритичната возраст во животот има слободно попладне и препуштена е на улица. Ни се случува истото она што и во другите европски земји каде неолиберализмот згази и приватизираше сè живо“, објаснува Ботери.

Според него, на еден протест се доволни само неколку луѓе кои ќе го започнат бранот насилство. Потоа полицијата употребува сила и сè се врти во круг со денови.

Граѓаните мораат да гласаат

Ботери додава дека Младина постојано укажува на опасноста од насилство и нереди на протестите, затоа што нередите на улиците им одговараат на десничарите.

Нередите водат во хаос, а хаосот секогаш им одговара на десните сили во општеството. Премиерот Јанша денес се огласи и рече дека тој би ги решил сите проблеми кога би имал повеќе моќ и овластувања: би ги сменил судиите и градоначалниците што не им одговараат на граѓаните. За жал, историјата нè учи дека после уличните нереди и хаосот доаѓа силен, авторитарен десничарски водач“, вели Ботери.

Проблемот е и во тоа што зад протестите не стои никаква организација, луѓето спонтано се собираат преку социјалните мрежи.

„Но, тоа се главно луѓе кои не излегуваат на избори. И тоа не е голем број луѓе. Вчера во Љубљана имаше 3.000 луѓе. Подоцна, кога се палеа божиќните елки во центарот на градот, имаше 20.000. Сепак, тоа не се големи бројки, насилството и нередите им даваат поголемо значење на протестите, зашто на нив нема 100.000 луѓе за да ги третираме сериозно“, смета уредникот на Младина.

Неодамна формираната Коалиција на солидарните, која ги вклучува синдикатите, учителите, универзитетските професори и културните работници, би можела да биде новата општествена сила која ќе успее да го артикулира политичкиот бес на Словенците.

„Се надеваме дека тоа би можела да биде организирана сила, по примерот на полската Солидарност, која би можела да ги артикулира барањата. Насилните протести не нудат ништо друго освен ескалација на хаосот. Многу е можно, ако не запрат овие нереди, владата да воведе некој вид вонредна состојба“, смета Ботери.

Додава дека преку Младина ги повикуваат луѓето да ги артикулираат своите барања преку мирни протести, објаснувајќи кој всушност ги создава нередите на собирите и протестите, и упорно ги повикуваат луѓето да гласаат на изборите.

Не сме Исланд, Балкан сме

„Кој има корист од нередите? Историјата нè учи дека во Европа секогаш насилните улични демонстрации воделе или во диктатура или во десничарска власт, која потоа воведува уште построги мерки за штедење. Немирите во Париз во 2005 го доведоа Саркози на власт, немирите во Шпанија минатата година ги доведоа десничарите на власт. Затоа е важно да се излезе на избори, зашто на избори ние имаме моќ. Ако не одиме на избори, тогаш поголема моќ има нацистичкиот скинхед на улица. Навистина, луѓето се разочарани од нашата политичка елита која се врти по партиите, особено по економската криза“, објаснува креативниот уредник на Младина.

Тој вели дека сите сакаат во Словенија да се случи она што се случи на Исланд: граѓаните со апсолутно мирни демонстрации доведоа сосема други луѓе на власт.

„Сите некако замислуваат како би било супер Словенија да е Исланд. Сите сонуваме за тоа, од масата незадоволни луѓе да се појави нова генерација чесни политичари. Но, ние никогаш нема да бидеме Исланд, ние сме Балкан“, заклучува Ботери.

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото