Нов мурал во Велес

13.07.20 14:09

Со изработка на мурал на бетонскиот ѕид на влезот во Велес, на кружниот тек под Спомен-костурницата, продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).
Автор на муралот е младиот уметник Давор Кешкец, и е во продукција на ФР~У во партнерство со Општина Велес.

На површина од околу 300 м2, муралот е изработен на 86 метри должина и 2,5 метри висина, а заради сообраќајните правила и прописи едно метро од коловозот нема да биде покриено со содржината на муралот.

Насловот на муралот е „Солидарност, мобилност, иднина“.

Стручно мислење за визуелниот израз на муралот даде комисија во состав на истакнати уметници од Велес, формирана од градоначалникот со одлука на Советот на Општина Велес. Во рамките на оваа активност, потпишан е и меморандум на соработка помеѓу ФР~У и Општина Велес.

„Не случајно избравме локација на влез на градот Велес, која има за цел симболично да прикаже поврзување на вредностите, пораките и приказните од останатите шест градови каде се изработуваат мурали, а тоа се заедништвото, солидарноста, анти-ксенофобијата, анти-национализмот, анти-фашизмот, слобода, еднаквост“ велат од АКТО фестивалот за современи уметности.

По минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО фестивал со муралот во Битола, муралот на домот на култура во Ченто, како и муралот во Гевгелија, Фестивалот продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.

„Муралот како целина претставува збир на временски периоди значајни за постоењето на Велес како град. Она што сакаме да го истакнеме за изработката на овој мурал е партнерска соработка со Општина Велес во правец на градење на едно уметничко дело кое ги одразува современите текови во општеството, а тоа се солидарноста, заедништвото, мобилноста, инклузивноста како параметри на еден паметен град на иднината. Муралот во Велес зборува за иднината, за вклученоста за одговорноста како и грижата на граѓаните кон својот град“ додаваат од фестивалот АКТО.

Фотографии: Давор Кешкец, Ангела Банчотова