„Еднакви, заедно посилни“- Акто со нов мурал во Кавадарци

14.09.2020 12:16
„Еднакви, заедно посилни“- Акто со нов мурал во Кавадарци

Со изработка на мурал на фасадата на салата „Партизан“ во Кавадарци се завршува серијата АКТО мурали со која се отвори годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат(ФР~У). Во периодот што следува, АКТО продолжува со свои активности кои ќе бидат дополнително објавени.

Авторка на муралот е ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска, а во изведбата учествуваа и уметниците Симона Манчева и Ненад Тонкин. Изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Општина Кавадарци и К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО од Кавадарци.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои изминативе месеци се изработија во уште 6 други градови во земјава и тоа во Битола, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор–Прилеп; Народен Театар Битола;Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани, Општина Кавадарци, К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од околу 700 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Александар Јовановски и Ивана Васева.

Муралот „Еднакви, заедно посилни“, преку варијација на приказната за џиновската репка, зборува за солидарноста, но и за еднаквоста. Џиновската репка не може од земја да ја извлече еден човек, туку здружените сили на сите помагачи. А онаму каде имаме солидарен труд, нужно е да зборуваме за сите чинители и нивната еднаква заслуга. Ако семејството почива на принципите на солидарност, тогаш тоа мора да се преслика и пошироко во општеството, и особено мора да се подаде рака кон сите индивидуи и групи кои се на маргините. Човек на човека мора да му е семејство, без оглед на меѓусебните разлики. Оттаму, силуетите се изведени со црна боја, како би се занемариле сите индивидуални специфики. Сета различност е пресликана во шаренилото на небесниот свод. Наративниот дел на муралот се протега во должина на 24 метри во вкупна површина од околу 80 м2.

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција - мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.

Покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО вклучува и АКТО – онлајн Ретроспектива, Акто Агора, Публикација/Архива, Акто за солидарнста.