Имаше еден Охрид

03.08.2020 09:08
Имаше еден Охрид

Имаше еден Охрид, чист, пречист. Каде, видиш, но трендафилите мирисаа малце подруго, каде еден народ одеше со поисправена глава, каде едни фабрики деноноќно работеа, каде едни цркви и џамии беа мистични и скриени во шуми и тишина, чувани и очувани од некој што знаеше како се штитат споменици на културата. Имаше едни брда што се пошумуваа и едни борови носени дури од Ерусалим, имаше една библиотека со поглед кон езерото, еден народ што чита книги, едно езеро мирно и спокојно, зошто беше будно чувано од една институција на крајот од каналот.

Имаше еден фестивал што секоја вечер ја собираше вистинската светска музичка елита, кога вечерите госпоѓите специјално дојдени за таа прилика, со наметнати шалови итаа кон Св. Софија, зошто тоа беше едноставно врвот од тој тип, во 20 милионската држава. Имаше и една друга поетска елита што ноќите рецитираше под едни борови што ги испокасапија. Вероватно во исто време кога еден друг споменик го минираа со динамит.

Имаше и градска аптека со своја лаборатарија за лекови, со ентереиерско решение - поклон од загребачки архитекти, што подоцна, малку фалело за и тука да не искористат динамит, зошто било толку саглам направено, па не можеле никако да ја срушат, во моментот кога аптеката ја претвараа во коцкарница, која ете сега ни свети. Со црвен неон.

Имаше и една автобуска станица, карши аптеката, плански осмислено за комодитетот на гостите, во центарот на градот. Во Дубровник е сеуште во центарот на градот.

Имаше и еден градски полигон каде кошаркари и ракоматерари на цела држава се натпреваруваа, и естрадни вистински звезди настапуваа, а сега се натреваруваат млади луѓе , кој повеќе ќе испие, кој повеќе ќе плука и опцуе или кој погласно ќе запее, што погаден турбо фолк.Добро, сега барем опкружувањето им е соодветно .Преполно им е со ѓубре. Од самите себе.

Имаше и еден камен во една чаршија светнат и чист каде утрата домаќинките итаа со плетените кошници кон пазар, каде ги пречекуваа раскоши на бои и носии со топли очи.Останаа само понекои топли очи,понекој јабучар миризлив и 'черешни', заробени во ново поставениот бетон, гранит и стакло.

Имаше и едни цистерни што секоја ноќ ги чистеа улиците и едни прскалици што се пуштаа по парковите во раните утра Секое утро.

Имаше и еден хотел 'Палас ' ,со летна бавча и музика не подоцна од 11 часот, чинам.

Имаше и летна кино бавча, каде сега има повеќе смет чинам и од полигонот.

Имаше и едни дворови што мирисаа на тазе варено слатко со миск, а љубопитните очи на странците , доколку зирнеа низ ширум отворените порти, се канеа внатре, да пробаат, во стаклени гостински 'пајнчиња' на гостинска табака со штиркано миленце и чаша студена вода.

Имаше и едни комшии што ќе ви ги прибереа гостите ако дома немавте доволно место за спиење. Во секогаш скоцканите гостински соби, со уште поскоцканите чаршави.

Имаше едни топли детски срамежливи очи што едвај чекаа да бидат пратени од комшиите, по леб или весници.

Имаше и едни господа што утрата со цел сноп од весници го пиеја утринското кафе под боровите, што исто така ги искасапија.

Сеедно. Секако веќе нема трафики. А ни весници.

Имаше и еден авион што секој ден во топлите лета , ги носеше охридките гости до Дубровник и нивните кај нас.

Имаше и задолжителен 'добар ден' по сокаците со непознатите гости и лаф муабет со познатите.

Имаше археолози, византолози, историчари на уметност и архитекти што со апаратите околу врат, талкаа низ уличките.

Имаше и едни плажи без лежалки, без музика, во јаболкници што исто така ги искасапија.

Имаше и една плажа со најубав
сладолед во метални чинивчиња, чии фотографии од 70- мите рефлектираат на таков свет и убавина , чиниш си на далматинскиот брег, во најмала рака.Сега го рефлектираат елитниот турбо фолк од регионот.

Имаше и една дискотека во Градиште, што беше рангирана заедно со Зрче на островот Паг, за најдобрите во 20 милионската држава. Зрче е сеуште најдобра. За Градиште пресудете сами.

Имаше, имаше.....слободно, дополнете....

А деновиве...деновиве еве имаме ѓубре. Испаднавме поголемо ѓубре и од амбалажите што на сите страни ги истураме.

Ок. Не е се така црно.Ни остана уште само ЃЕВРЕКОТ.Можеби тој ќе не спаси. Поточно дупката во ѓеврекот.

Како беше она на Милчо Манчевски: ' The circle is not round'!