5 лаги и 5 факти за севернокорејскиот диктатор

21.12.2010 16:36
Ким Јонг Ил

Нискиот диктатор на Северна Кореја е мајстор за пропаганда и социјални манипулации. Ви претставуваме пет лаги со кои неговата машинерија им ги пере мозоците на севернокорејските граѓани, како и пет потврдени вистини за Ким Јонг Ил.

Петте лаги

Ким Јонг Ил имал натприродно раѓање

Според историската литература на С. Кореја, Ким Јонг Ил се родил во долга кабина во тајна база, сместена во најсветата планина Паекду. Во мигот на неговото раѓање, на небото се појавила светла ѕвезда, а годишното време се сменило од зима во пролет и се појавило виножито.

Ова е во голема спротивност со западните податоци за неговото раѓање, кои велат дека Ким Јонг Ил се родил во герилски камп во Русија додека неговото семејство бегало од Јапонците.

Тој е моден трендсетер

Според севернокорејскиот весник Rodong Sinmun, иконичниот стил на Ким Јонг Ил станал глобален феномен. Неговиот изглед го инспирирал светот и претставувал доказ за неговиот имиџ и влијание во светски рамки.

Светот го сака Ким Јонг Ил

Според официјалните медиуми на С. Кореја, Ким Јонг Ил е најсаканиот државник во светот, и сите луѓе од различни земји го слават неговиот роденден со филмови и фестивали.

Ким Јонг Ил го измислил хамбургерот

Откако американското влијание е избркано од неговата комунистичка земја, Ким Јонг Ил немаше избор и мораше да измисли некоја не-западњачка храна. Севернокорејскиот весник Minju Joson пишуваше дека Ким Јонг Ил измислил нов сендвич наречен „две лепчиња со месо помеѓу нив“ со цел да обезбеди поквалитетна исхрана за универзитетските студенти. Исто така, изградил и мноштво фабрики за масовно производство на овој „нов“ сендвич.

Тој е најдобриот голф играч во историјата

Во 1994 г. медиумите од Пјонгјанг известуваа дека Ким Јонг Ил постигнал редорден број погодоци во голфот – вклучувајќи дури пет погодоци во иста дупка! Овој резултат е за 25 погодоци подобар од најдобриот резултат во спортската историја на голфот, а уште повеќе чуди фактот дека тој тогаш за првпат го играл овој спорт.

Петте вистини

Страв од зависност

Според книгата напишана од еден поранешен член на неговото потесно опкружување, Ким Јонг Ил еднаш се повредил паѓајќи од коњ. Плашејќи се дека ќе стане зависник од лековите за ублажување на болката, наредил сите членови на неговото потесно опкружување да ја примаат истата количина што му ја препишал лекарот.

Грабнал режисер

Шин Санг-ок, јужнокорејски филмаџија, беше киднапиран од тајните агенти на Ким Јонг Ил, потоа затворен, а на крајот принуден да сними филм под насловот „Пулгасари“ кој во суштина претставувал пропагандна верзија на Годзила.

Нечовечност

Во подготовките за Светскиот фестивал на младоста и студентите во 1989 г., Ким Јонг Ил наредил сите жители на Пјонгјанг кои имале телесни или друг вид пречки во развојот да бидат отстранети од градот. Исто така, владата рекламирала лек кој ниските луѓе ги извишувал, а оние што ќе се јавеле, биле превезувани на оддалечени и ненаселени острови заедно со останатите прогонети, со цел да се ослободи следното поколение од нивните наводно „потпросечни“ гени.

Најголем купувач на алкохол

Неколку години по ред во 1990-те беше потврдено од производителот Hennessy дека Ким Јонг Ил е нивниот најголем потрошувач, трошејќи годишно меѓу 600 000 и 850 000 долари за нивниот коњак.

Град на соништата

Kijong-Dong (Киџонг-Донг) е пропаганден град, изграден 1950 г. на самата граница, со цел да ја покаже супериорноста на Северот во однос на Јужна Кореја. Овој град нема жители, но се прават огромни напори од севернокорејската страна да се симулира функционален град, вклучувајќи светла во домовите кои работат на тајмери, како и улични звучници кои создаваат ефект на движење. Преку употребата на современи телескопи се откри дека голем број од зградите имаат само преден ѕид и немаат никаква внатрешност. Овој град го има и најголемиот јарбол на светот на кој се вее севернокорејското знаме.

Извор: listverse.com