Креативни разговори со Небојша Гелевски – Бане

27.04.2021 12:12
Креативни разговори со Небојша Гелевски – Бане

Во новата, 12 – та епизода од серијалот „Creative talk“ (Креативни разговори), Небојша Гелевски – Бане, човек со огромно творештво и искуство во областа на графичкиот дизајн, зборува за креативноста и креативните сомнежи, за инспирацијата и мотивацијата, за тоа што ѝ недостига на македонската дизајн сцена. Тој е познат и како визуелен активист, по своите предавања на академиите за графички дизајн и како основач на графичкото студио КОМА.

„Стравот е најголем непријател на креативноста. Цело време се (само)цензурираме, се (само)осудуваме и самокритикуваме, но се плашиме и од реакцијата на јавноста. Што е креативност: нешто ново, нешто различно, се бара иновативност, оригиналност, отвореност за предизвици, храброст да се истапи со различно мислење, континуирано учење, генерирање на повеќе идеи, алтернативни пристапи, а никако застанување на првата солидна идеја... итн. Нашиот образовен систем не го поттикнува ова, јас се трудам и во Кома, а сега и во Бренстер да ги поттикнувам луѓето на креативност“, одговара Небојша Гелевски на прашањето дали креативноста се учи. Тој открива дека најдобриот совет што го има добиено е: „Почни! Кога имаш креативна блокада, почни и идеите ќе започнат да доаѓаат“.

За својот најтежок креативен предизвик, Гелевски раскажува: „Најтешката, во смисла на најдолготрајна и најпредизвикувачка задача, чиј резултат ме направи многу горд и среќен е монографијата за актерката Милица Стојанова. Ја работевме заедно со културниот колектив „Шкарт“ од Београд, најмногу со Драган Протиќ. Ја работевме со месеци, стотици фотографии, Милица има поголема архива од Драмски театар, многу разговори и дружења со Милица, посета на театарот... еден многу комплексен дизајнерски потфат, кој би посакал секој дизајнер/ка да има можност да го искуси во својата кариера. Тежината и комплексноста знаат да бидат убави“.

За тоа што ѝ недостасува на дизајн сцената кај нас, Гелевски вели: „Недостасуваат повеќе книги и воопшто литература за графички дизајн на македонски јазик, од македонски автор(к)и за македонски дизајн. Во последниве 2-3 години, излегоа три книги – Боројевиќ, Динка, Вренцоска и за мене се одличен ресурс за учење, не само за историјата на дизајнот во Македонија туку воопшто за дизајнот. Ние не си ги знаеме литературните термини на македонски јазик поврзани со графичкиот дизајн. Ми недостасуваат настани за графички дизајн, изложби (ко онаа во МСУ на Михајло Арсовски, белки кога ќе заврши пандемијата ќе се оправиме малку. Имам впечаток дека имаме генерално ниско ниво на визуелна култура, со реформите во школството мислам дека и овој аспект треба да е опфатен, освен медиумска писменост, да се работи и на визуелна писменост“.

 

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Технологија / Око
Графички Дизајн / Книжевност / Технологија / Око
Графички Дизајн / Живот / Теорија
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Графички Дизајн / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото