Македонски визуелни уметници: Оливер Мусовиќ денес во „Буква“

17.06.2021 11:24
Македонски визуелни уметници: Оливер Мусовиќ денес во „Буква“

Во кафе-книжарницата „Буква“ денеска (четврток, 17 јуни) од 20 часот, Центар-Јадро ја продолжува серијата презентации на македонски уметници со преглед на творештвото на визуелниот уметник Оливер Мусовиќ, дела кои се изложувани во земјата и странство од крајот на 1990-те години до денес.

Мусовиќ е автор чии дела се резултат на специфичен метод на опсервација и пристап на уметник-антрополог, со препознатлива студиозност во истражувањето на концептот на идентитетот во тесна врска со непосредниот животен простор и секојдневието. Негов примарен медиум е фотографијата, која е основниот елемент на неговите инсталации кои се придружени со комплементарни текстуални. Мусовиќ со исклучителна смисла за хумор и автореференцијална иронија создава дела кои се фокусираат на баналното секојдневие, на локалната историја и маалските приказни и ситуации, поаѓајќи од конкретното и партикуларното, а притоа открива важни аспекти за животот во заедницата, за навиките на луѓето, за меѓучовечките односи и општествените релации.
Во разговорот ќе стане збор и за некои позначајни меѓународни групни изложби одржани во Скопје, како „Лаф Муабет“ од 2001 година, потоа за претставувањата на значајни уметнички манифестации како Биеналињата во Истанбул, Солун и Букурешт, бројните резиденцијални престои. Неодминлива е и неговата улога и учеството во активностите на уметничката Иницијатива КООПЕРАЦИЈА во периодот од 2013-2015 година, а секако и најновите проекти како он-лајн изложбата „Урбани шуми“ (2020).
Делата на Мусовиќ се вбројуваат меѓу амблематичните дела на современата македонска уметност по 2000 година,со значаен придонес во развивањето на критичка свест и преиспитувањето на улогата на уметноста во современиот контекст, а темите кои и обработува и начините на кои ги конципира и формулира се релевантнии актуелни и денес.

Оливер Мусовиќ, Соседи, 1999

„Сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерацископоврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво илиќе претставатизбор од своите најрепрезентативни проекти“, соопштуваат организаторите.

Програмата се реализира преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаат дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Разговорите се модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.